1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Расизам во романскиот фудбал

Кристијан Стефанеску
9 декември 2020

По обвинението за расизам против романски судија, беше прекинат натпреварот меѓу ПСЖ и Башакшехир во Лигата на шампионите. Во романскиот фудбал има голема нетолеранција - и се чини дека тоа никому не му пречи.

Frankreich Fußball Champions League Paris Saint Germain - Istanbul Basaksehir
Фотографија: Francois Mori/AP Photo/picture alliance

Романецот Себастијан Колтеску, четвртиот судија на натпреварот меѓу Пари Сен Жермен и Истанбул Башакшехир, е обвинет за наводна расистичка изјава. Турскиот тим се повлече од теренот во вторникот вечерта, а го следеа и француските домаќини. По дискусиите во кризен штаб на УЕФА, натпреварот беше одложен за денеска. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган лично ја повика УЕФА да ги преземе „неопходните мерки“ за да одговори на расистичките забелешки против камерунскиот играч од турскиот тим.

Меѓутоа, тешко е да се каже дали романскиот судија Себастијан Колтеску навистина имал расистички намери. Бидејќи романскиот израз „негру“, со кој тој се осврна на играчот од Камерун, не е превод на навредливиот „н-збор“ на англиски јазик-  за тоа во романскиот јазик има друг збор. „Негру“ е неутрална ознака за боја, слична на поимот „црна“, која исто така се користи од страна на антирасистичкото движење „Црните животи се важни“.

„Колтеску едноставно не знае дека зборот 'негру' звучи расистички, без натамошни можности за толкување. Тоа го покажува неговото ниво на знаење, тој е целосно неподготвен за многу јасните правила на ФРФ, УЕФА и ФИФА за расизмот“, критикуваше Чаба Асталос, претседател на романскиот совет за борба против дискриминација, во разговор со спортскиот магазин „Газета спортурилор“.

Романскиот министер за спорт, Јонут Строе, утрото по прекинатиот натпревар во Париз рече дека случајот Колтеску е „изолиран случај што не е репрезентативен на романскиот спорт“.

Фотографија: REUTERS

Трибини полни со омраза

Претседателот на романскиот фудбалски сојуз, Разван Бурлеану, минатата година истакна: „Има доволно проблеми во романскиот фудбал, но во никој случај не може да се каже дека нашите навивачи се расистички“. Но, расизмот и ксенофобијата се сѐ уште присутни на трибините на романските стадиони, каде со децении наназад се скандира против Ромите и Унгарците.

Расистички напади може да се слушнат не само од навивачите, туку и од највисоките фудбалски функционери. Џиџи Бекали, сопственикот на најистакнатиот романски фудбалски клуб, Стеауа Букурешт, посегнуваше по расистички шеги против ривалите од Рапид Букурешт: во 2010 година тој рече дека ако Рапид се повлече од шампионатот, тој ќе стане „побел“.

Повеќе:

-Расизам на Балканот: Ментално се уште во основно училиште

-Расистичките испади на бугарските стадиони не се изолирана мутација

-Расизам на стадионите во Србија

Фановите на Рапид, кои, како и нивниот омилен тим, честопати се навредувани како „Цигани“,  и самите се сѐ друго освен светол пример за фер-плеј и толеранција. Во 2014 година фрлаа банани кон бразилскиот напаѓач на противнички тим. И реакцијата на судијата на тој меч  беше исто така шокантна: тој му даде жолт картон на играчот кој беше расно навреден. Расистичките скандирања од трибините не запреа до крајот на натпреварот.

Фотографија: REUTERS

Антициганистичките изјави на Џиџи Бекали против Рапид Букурешт во никој случај не се единствените негови испади: На стадионот каде што играше неговиот клуб Стеауа Букурешт, тој ја забрани песната „We will rock you“ од Квин со образложение: „Ми се допаѓаше песната на Фреди порано, но не ја сакам повеќе затоа што тој е хомосексуалец.“ За жените изјавуваше дека тие се „робинки на мажите“. Покрај тоа, Бекали не криеше дека избира играчи врз основа на религијата и на бојата на кожата и оти „веќе не сака црнци“.

„Зоолошка градина“ во главите

Кога станува збор за расизмот, во фудбалскиот клуб Динамо Букурешт во тонот предводи меѓународно познатиот фудбалер на Динамо Букурешт, Корнел Дину, кој сега е дел од управниот тим на клубот. Тој обвини противнички клуб, кој потпиша договор со бразилски играч, за ангажирање на „мајмун“. Доколку управата на еден клуб се однесува вака, никој не треба да се чуди што ултрасите испуштаат мајмунски звуци кога топката ќе биде во нозете на француски играч со африкански корени.

Во Крајова, минатата година холандски играч со темна кожа од тимот на романската фудбалска ѕвезда Георге Хаџи беше навреден како „смрдлива чавка“. Во истиот град, поранешниот градоначалник уште во 2005 година се најде на насловните страници во европскиот печат со изјавата: „Ако сите овие чавки што се доведени тука, ги ставам во зоолошка градина, ќе им ги покажам на децата ќе им кажам: „Погледнете ги мајмуниве, нема никаква разлика“.

Дури и репрезентацијата на Романија беше санкционирана за расистички и ксенофобни испади и мораше да одигра домашен натпревар против Норвешка пред празни трибини во октомври 2019 година. Само еден месец подоцна, натпреварот против Шведска во Букурешт беше прекинат, бидејќи гостите се жалеа на расистички скандирања.

Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Ghement

Кога станува збор за нетолеранција, предводат навивачките групи „Онор и Патри“ и „Обединети под тробојката“. Нивните водачи, Георге Симион и Кристијан Давид, се основачи и на десничарската екстремистичка партија Алијанса за обединување на Романците (АУР), која сега за првпат влезе и во романскиот парламент. Овие ултраси честопати го привлекуваа вниманието со транспаренти со политички, исламофобни и антимигрантски пораки.

По инцидентот во Париз во вторникот, Романскиот фудбалски сојуз соопшти дека „решително се оградува од каква било постапка или изјава со расистичка или ксенофобна тенденција“. Но, секогаш кога се заканува санкција, нејзините иницијатори потсетуваат на разни конкретни докази за расистички испади на романските стадиони, кои се случиле со текот на времето.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми