1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расизам: Ни Европа не е невина

Барбара Везел
12 јуни 2020

Европа не може да покажува со прст кон САД. Во многу земји од ЕУ постои дискриминација, повиците за промени се сѐ погласни, а демонстрациите не престануваат.

UK Protest nach dem Tod von George Floyd in London
Фотографија: picture-alliance/AA/I. Tayfun Salci

Во задачите на еврокомесарката Маргаритис Шинас спаѓа и заштитата на „европскиот животен стил", па со тоа грчката политичарка е надлежна и за темата расизам.

„Кај нас има помалку проблеми отколку во САД, нашите социјални системи се подобри", изјави Шинас на една конференција на организацијата „Делфи економик форум". Но, таа призна дека фактички и во Европа на полето еднакви шанси за живот има уште многу да се работи, „цела редица теми со кои мора да се зафатиме."

Француската фикција

Во „темите со кои мора да се зафатиме" спаѓа и дискриминацијата при барањето работа. За студентката по право Кесиах (целото име познато на редакцијата) во Париз тоа е горчливо секојдневие. Во барањето место како практикантка во адвокатските канцеларии, наидува само на негативни одговори. Местото е веќе пополнето, гласи најчестиот.

„Сакаат да нѐ натераат да веруваме дека нѐ прифаќаат, но мислам дека постои големо лицемерие. Тоа не е како со Џорџ Флојд во САД, каде го гледаш расизмот уште на илјада километри, овде е прикриен. Во Франција го забележуваш низ различни работи, при барањето работа, по запирањето без причина на улица."

И Кесијах минатиот викенд, заедно со илјадници Французи, излезе на улица за да протестира против расизам и дискриминација. Нејзини мотиви се и спектакуларни случаи на полициско насилство, последен пример е оној со Адама Траоре во 2016 година.

Забрана на полициски зафат

Не станува збор само за брутално однесување – во француските предградија „решл профајлинг" е секојдневие. Анкета на Советот на Европа спроведена меѓу 5.000 млади мажи со африканско или арапско потекло, покажа дека тие се дваесет пати почесто запирани и контролирани од полицијата отколку другите жители на Франција.

Повеќе:

Фотографија на денот: На протестите против расизмот уништени статуи на Колумбо

Пораст на расизмот во Германија

Социјална нееднаквост во САД: Афроамериканците и натаму посиромашни, поболни, понеобразовани

Протести во САД: „Америка се распарчува сама себеси“

Масовните протести во Франција донесоа и прв резултат. Министерот за внатрешни работи Кристоф Кастане забрани употреба на полициски зафат околу вратот при апсење. Тој додушна негира дека неговата полиција генерално е расистичка, но признава дека „некои полицајци се расисти."

Колонијално владеење и геноцид

Демонстрации имаше и во Брисел. „Дојдовме овде, зашто ова е главниот град на Европа", изјави една од организаторите. Бренда Аухимба е револтирана од „секојдневната дискриминација и однесувањето на полицијата, која африканските и арапските момчиња ги запира на секој ќош."

Освен тоа, таа сака и отстранување на статуите на белгискиот крал Леополд Втори (1835 – 1909). Белгиското колонијалистичко владеење во Конго спаѓа во потиснатото минато на земјата. Дури во 1998 година историчарот Адам Хохшилд го врати геноцидот и експлоатирањето на земјата во националното сеќавање.

Под колонијалниот режим на Леополд Втори во Конго умреле околу десет милиони луѓе. Белгиските учебници до денес молчат за овој дел од историјата. „Се надевам дека луѓето ги разбираат нашите чувства кога ги гледаме овие статуи", вели Бренда. Во Антверпен, градоначалникот во меѓувреме ја премести статуата на Леополд во музеј.

Во Бристол демонстрантите ја урнаа статуата на Едвард Колстон, трговец со робовиФотографија: Reuters/Mohiudin Malik

Културолошка борба во Велика Британија

Во Лондон дури и градоначалникот е на страната на противниците на спомениците. Садик Кан од Лабуристичката партија, по потекло од пакистанско семејство, наложи отстранување на статуата на трговецот со робови Роберт Милиган од Вест-Индиа Квеј во источен Лондон: „Трагична вистина е дека голем дел од нашето богатство потекнува од трговија со робови, но не мора тоа да го величаме на јавни места."

Конзервативниот, исто така со пакистанско потекло, британски министер за внатрешни работи, Прити Пател напротив не го одобрува ваквиот вид на протест. Против демонстрантите кои во Бристол ја фрлија статуата на трговецот со робови Едвард Колстон во водата во пристаништето, беа поведени кривични постапки поради „нивните длабоко одвратни дела".

„Велика Британија не е невина. Владата и полицијата никогаш не биле повикани на одговорност за животот на многу црни луѓе", вели еден демонстрант на плоштадот пред парламентот во Лондон. „Добро е да се види постоење колективна жалост и подготвеност за промена на нашата ситуација, во тоа е суштината", вели неговиот другар.

Солидарноста со Џорџ Флојд и во Велика Британија го извади на површина гневот поради секојдневниот расизам, социјалната обесправеност, полициски шиканирања и дискриминација. Во тоа спаѓа на пример и „Виндраш скандалот", каде службениците депортирале доселеници од Карибик кои со децении живееле во Велика Британија. Само поради тоа што во нивните документи биле пронајдени грешки.

Солидарност со револтот во САД

01:27

This browser does not support the video element.

Идентификување како проблем

„За индивидуален или институционален расизам во полицијата во Европа постојат бројни примери", вели криминологот Бен Боулинг од Лондонскиот кралски колеџ. Димензиите на полициско насилство во САД меѓутоа се екстремни, таму илјада луѓе годишно се убивани од полицијата.

Проблемот е, вели Боулинг, „начинот на однесување кон малцинствата и маргиналните групи. Во Велика Британија се гледа како се однесува полицијата кон населението со црна боја на кожата и она со азиско потекло. Тоа јасно се гледа и во Германија, Франција и насекаде низ Еропа, каде малцинствата се изолираат и полицијата ги идентификува како проблем."

Но, во прашање е и уште нешто: „Дискриминацијата не запира само кај полицијата, туку продолжува и кај економијата, образованието и семејството." Државите во Европа мора да признаат дека нивната иднина е во мултикултурноста и разноликоста и дека секој граѓанин мора да добие исти шанси во животот."

„Се срамам"

Европа е уште многу оддалечена од вакво сознание. Само 24 од 705 пратеници во Европскиот парламент се од африканско-азиско потекло, иако нивниот удел во вкупното европско население изнесува околу десет проценти. Една од нив е Швеѓанката Алис Кунке од Зелените: „Се срамам, зашто ние не ги репрезентираме вистински луѓето во Европа. Мора да прифатиме во иднина да има повеќе пратеници со поинаков изглед и различно потекло."

Кунке е известувач за антидискриминирачката правна регулатива во ЕУ, која од 2008 година е ставена на мраз. Законскиот предлог кој предвидува еднаков третман на сите граѓани во социјални прашања, е блокиран од многу земји-членки. Половината од европските држави немаат ни акционен план за постапување против расизам.

Швеѓанката се надева дека демонстрациите во ЕУ нешто ќе придвижат: „Убедена сум дека може да ни користи овој револт искажан од многумина, но не смее да се остане на убави зборови за еднаквост, тоа конечно мора да се отслика во законите во ЕУ."

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми