1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расистички дивеења - зошто гореше Росток?

Рихард Фухс / Александар Методијев22 август 2012

Во август 1992 година во Росток се случија најтешките ксенофобични насилства во повоена Германија меѓу граѓани и десни екстремисти против баратели на азил и странци. НПД ширеше пропаганда, а полицијата беше немоќна.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Ваква слика се испрати во светот – август е 1992 година и се случуваат судири меѓу граѓаните и десните екстремисти во станбен комплес во Росток-Лихтенхаген. Се извикуваат ксенофобични слогани, се фрлаат камења, летаат молотови коктели. Работничката зграда, позната како „Куќата-сончоглед“, поради своите бои, е во пламен. Огнот се шири од еден на друг кат во зградата, во која се наоѓа централата за регистрирање на барателите на азил во Мекленбург-Предна Померанија. Службеникот за странци Волфганг Рихтер бил во зградата кога ескалираше насилството.

Зградата која во август 1992 година беше запаленаФотографија: picture-alliance/dpa

„Ако погледневме од зградата кон надвор, бевме напаѓани од повеќеилјадна толпа, која во атмосфера на погром ја напаѓаше зградата. Имаше атмосфера на насилство, каде веќе не се користеше ниту еден разумен аргумент и беше се’ едно дали во зградата има над 100 луѓе и дали тие би можеле да загинат од подметнувањето на пожарот“, објаснува Рихтер.

За чудо никој не беше повреден. Два дена и две ноќи минаа од насилството пред преполниот азилантски центар пред политиката да реагира и барателите на азил со автобуси да ги префрли на сигурно.

Фрустрација, вандализам и омраза беше насочена кон зградата со виетнамски гастарбајтери, како и кон полицијата. Триесет полицајци во полна опрема во тоа време се бореа против 300 демонстранти. Подоцна дојдоа повеќе, но лошо опремени, припадници на безбедносните сили. Пристигнуваа насилници од целиот регион, вклучително и нацисти. Така бројот на демонстрантите наскоро се искачи на 1.000.

На улица се палеа и возилаФотографија: picture-alliance/dpa

Тогаш, како и денес, се поставува прашањето – како можеше да дојде до ова? Еве што вели за тоа професорот од Слободниот универзитет во Берлин Хајо Функе, истражувач во полето на расизмот:

„Според моето мислење одлучувачки фактор беше тоа што градот, земјата и еден дел од општеството ја дозволија ескалацијата во Лихтенхаген и не направија ништо соодветно. Се работеше и за недостаток на политичка волја за спречување на ескалацијата“, вели Функе.

44 напаѓачи беа осудени со затворски казни до три години. Оставки си поднесоа градоначалникот на Росток и покраинскиот министер за внатрешни работи во Мекленбург-Предна Померанија. Останува нејасно до ден денешен кој е одговорен за хаотичното полициско распоредување.

Емигранти на еден од прозорците во запалената зградаФотографија: picture-alliance/dpa

Виетнамецот Тхин До, кој тогаш беше затворен во запалената зграда, десет години по погромот е убеден дека градот Росток од него извлекол поука.

„Не верувам дека нешто слично би се случило уште еднаш во Росток, бидејќи локалните власти во Росток и полицијата станаа многу сензибилни поради Лихтенхаген“, смета Тхин До.

Но, расизмот и ксенофобијата добија поинаков облик по Росток. Наместо на големи собири, десните екстремисти сега делуваат од подземјето, вели професорот Функе. Најнов пример е откриената во 2011-та година неонацистичка терористичка ќелија во Цвикау, која во текот на повеќе години уби најмалку десет мигранти низ цела Германија.

Полицијата не успеа навремено да се справи со екстремиститеФотографија: picture-alliance/dpa

„Секако дека има форми на институционален расизам, каде полицајците не гледаат, туку го вртат погледот, каде градоначалниците не гледаат што би требалo да видат, каде медиумите велат – ах, ова не е толку лошо, подобро да не зборуваме за ова и ќе биде како да не е лошо. Сето ова треба да се опсервира, дури и денес“, вели професорот Функе.

Лекцијата од Росток ја сака и сојузниот претседател Јоахим Гаук, кој има работено како свештеник во Росток. Тој сака да го држи свежо сеќавањето од погромот пред 20 години. Во недела, на 26 август, тој ќе одржи говор пред „Куќата-сончоглед“. Ова треба да значи придонес за испраќање поинаква слика во светот од Росток-Лихтенхаген 20 години подоцна.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми