1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расмусен: Вратите на НАТО се отворени, работете на решение

ЖА/миа22 мај 2014

„Ќе добиете покана да започнете пристапни преговори со НАТО штом се изнајде заедничко прифатливо решение за прашањето за името. Времето е сега“, изјави генералниот секретар Расмусен, во разговорот со премиерот Груевски.

Фотографија: Reuters

„Ние ќе направиме максимални обиди што побрзо да се изнајде решение за прашањето што ја засега поканата за членство во НАТО. Се надеваме дека и другата страна ќе вложи напори. Што се однесува до престојниот Самит на НАТО, ние би биле среќни, имаме надеж и ќе направиме се‘ што е во наша моќ дотогаш да се случи нешто, но, како што кажав, тоа не зависи само од нас, зависи и од Грција и нивната подготвеност и волја во овој момент да се најде решение“.

Вака одговори македонскиот премиер Никола Груевски на новинарско прашање по денешната средба во Скопје со генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен дали претстојниот Самит на НАТО ќе биде за проширување и какви се можностите за прием на Република Македонија.

Груевски порача дека поканата за членството на Македонија, според правилата на НАТО, може да се даде речиси секоја недела на таканаречениот собир на амбасадорите на земјите членки на Алијансата. Сепак, тој подвлече, би било извонредно ако тоа биде за време на Самит.

„Но и пред тоа и потоа, доколку се разреши прашањето кое што НАТО го адресира како услов, би можело да се испрати таа покана“, рече Груевски.

Расмусен од новинарите беше прашан во контекст на случувањата во Украина кога многу често го користи повикот за потребата од почитување на меѓународното право, дали не смета дека со игнорирање на Хашката пресуда за Македонија и изјавите дека таа нема врска со НАТО, значи директно кршење на меѓународното право.

„Во однос на Меѓународниот суд на правдата, односно пресудата која што вие ја споменувате, таа се однесува на билатералните односи помеѓу Атина и Скопје и не е применлива на НАТО. Одлуката што ја донесе НАТО на Самитот во Букурешт во 2008 година за подготвеноста за добивање покана за пристапни преговори штом се донесе заедничко прифатливо решение за името, не е одлука што ја носи еден сојузник, тоа е колективна одлука што ја донесуваат сите НАТО сојузници. Од таа причина, пресудата на Меѓународниот суд на правдата не се применува на одлуката која што ја донесовме во Букурешт 2008 година“, истакна Расмусен.

Актуелни теми на разговорите меѓу Расмусен и Груевски биле оние во врска со спроведување на реформите во контекст на остварување членство на Република Македонија во НАТО.

Тие се согласиле дека членството на Република Македонија во НАТО и понатаму претставува меѓусебен интерес и цврста определба како за Македонија, така и за Алијансата.

Груевски уште еднаш ја реафирмирал определбата на земјата за што поскоро зачленување во НАТО како еден од врвните приоритети на надворешната политика на Македонија.

„Со генералниот секретар на НАТО зборувавме и за процесот на разговори за надминување на разликите со Република Грција во врска со билатералното прашање кое нашиот јужен сосед го отвори пред повеќе од 20 години, истовремено информирајќи дека во интерес на Република Македонија е изнаоѓање решение за ова прашање како последна пречка за членство на РМ во НАТО“, истакна Груевски.

Расмусен, потенцирајќи го високиот придонес на Македонија во ИСАФ мисијата и поддршката за КФОР, истакна дека Македонија е ценет придонесувач за меѓународната безбедност.

„НАТО е посветен на иднината на Западен Балкан како природен дел од евроатлантското семејство. Вашата безбедност, стабилност и иднина, нам ни е важна. Вие не сте блиску до нас само географски, туку и историски и културно, така што верувам дека припаѓате на нашето семејство на нации и со задоволство гледам на тоа да ве видам како ќе се приклучите во семејството во скоро време“, рече генералниот секретар на НАТО.

Тој потенцира дека интеграцијата во НАТО е слободен избор, но, рече, бара постојани рефроми, тешки одлуки и храбро лидерство.

„Вратите на НАТО се отворени, како што се согласивме на Самитот на НАТО во Букурешт 2008 година. Вие ќе добиете покана да започнете пристапни преговори со НАТО штом се изнајде заедничко прифатливо решение за прашањето за името. Ве поттикнувам да продолжите со напорите и да тежнеете кон изнаоѓање решение. Времето е сега“, рече Расмусен.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми