1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Расмусен не побара нови зачленувања во НАТО“

Силвера Падори-Кленке2 април 2014

Во ставот на генералниот секретар на НАТО, Расмусен околу проширувањето кон исток, политички Берлин не гледа ниту новина, ниту решение за кризата со Крим. Неизвесно е и дали проширувањето ќе биде тема на самитот во Велс.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Последната изјава на генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен во која тој се изјасни за проширување на Алијансата, а во кој контекст ги спомена Македонија, Грузија, Црна Гора и Босна и Херцеговин, наведе на помислата дека кризата со Крим и Русија можеби на Македонија конечно ќе и‘ го донесе долгоочекуваното членство. Дека германската политика пак поинаку го „прочита“ текстот на првиот човек на Алијансата на заминување, Расмусен потврдуваат кажувањата на повеќемина претставници на високата политика во Берлин. Владиниот портпарол Штефен Зајберт, на редовната прес конференција (31. март) во контекст на кризата со Крим и Русија, беше прашан: каков е ставот на германската влада по однос на проширувањето на НАТО кон исток, за кое се изјани Расмусен?

„Ова (проширувањето на НАТО н.з.) не е на нашиот список на работи кои сега навистина се неопходни. Она што е неоходно е да обезбедиме стабилизирање на тешката ситуција во Украина, да се одбегне спиралата на ескалација и да обезбедиме ситуација во која луѓето од источна Украина, но и од соседните земји, не ќе мора повеќе да да се сомневаат во руските постапки. Ова според нас е најважното“, подвлече Зајберт.

„Внимателно ја проследив последната изјава на генералниот секретар на НАТО околу проширувањето. Мој впечаток е дека во суштина тој не кажа ништо ново. Го повтори она што секогаш од Алијансата се истакнуваше: дека е отворена за нови членки, дека државите како Грузија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, кои се заинтересирани за членството, мора да ги исполнат бараните предуслови. Ова се однесува и на Македонија - која ќе мора да го реши проблемот со името со Грција. Значи, не гледам промена на политиката на НАТО - вратата останува отворена, но ништо особено не се интензивира“, вели во разговор за Дојче веле др.Карл А. Ламерс од пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот и претседавач со Парламентарното собрание на НАТО.

Нема промена на политиката на НАТО, д-р Карл А. ЛамерсФотографија: DW/Arben Muka

Дека генералниот секретар на заминување не кажа ништо ново, за ДВ аргументира и др. Патрик Келер, координатор за надворешна и безбедносна политика на Фондацијата Конрад Аденауер.Тој не гледа нова динамика за нови членства и коментира: „Расмусен не побара никакви нови зачленувања, туку само повтори до каде е процесот“.

Масло на оган?

Торстен Фрај, пратеник на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот и член на комисиите за Европска унија и за надворешна политика, изјавата на генералниот секретар на НАТО Расмусен ја квалификува поинаку. Тој оценува дека „спроведените НАТО проширувања кон истокот од 1999, 2004 и 2009 година се сигурно успешна приказна.“ Но, како политички нетактички и политички погрешен сигнал ги толкува изјавите за проширување на НАТО кон истокот. Според Фрај, тоа наликува на налевање масло во огин, токму во моментот кога се наѕира дипломатско доближување во актуелната криза која е закана за мирот во Европа.

„Ваквите изјави, гледано од руска перспектива, не се во корист на напорите за мирно решение на проблемот“, вели за ДВ Торстен Фрај, дополнувајќи дека „нема да се дозволи диктатот на г. Путин, дали, кога и како НАТО ќе прими нови членки. Исто така нема да се прифати, доколку Русија ги ограничи во нивниот национален суверенитет заинтересираните потенцијални членки“.

Иполнување на точните задачи е пред брзината на зачленувањето, Торстен ФрајФотографија: DW/S.P. Klenke

„Но, ние мора исто да се придржуваме кон критериумите кои самите ги донесовме. Станува збор за факти и исполнување на критериумите за членство, за кои на крајот се одлучува едногласно. Во моментов не гледам дека и двата аспекта се исполнети. Грузија, Црна Гора и Босна и Херцеговина уште некое време ќе треба да вложат напори за исполнување на критериумите за членството во НАТО. Што се однесува до Македонија, решението на спорот околу името се‘ уште е пречка, иако земјата за среќа ги има исполнето критериумите за членство. За престојното проширување на НАТО во основа ќе важи точноста пред брзината. Имајќи ја предвид долгорочната стабилност и функционалноста на северноатлантската Алијанса, ова си го должиме самите себеси, на потенцијалните нови членки, но и на погодените кои не се дел, но се соседи на земјите членки на Алијансата“, коментира за Дојче веле Торстен Фрај.

Ќе биде ли проширувањето тема во септември?

Дали проширување на НАТО кон исток е вистински одговор на однесувањето на Русија, е прашање кое сега станува вистински предизвик за аналитичарите. Јасно за сите е дека кризните ситуации секогаш придонесуваат за нови геостратешки престројувања и во конкретниот случај, една од опциите е веројатно и засилувањето на Сојузот со нови членки. Во прилог на ова е и што деновите експертите потсетија на силината на Шведска и Финска. Во редицата во која чекаат се и малите земји од Балканот, меѓу кои и Македонија. Затоа во оптек е и размислата дека притисната од случувањата, Алијансата можеби не толку од широкоградост, колку од свој сопствен интерес, ќе ги отвори вратите за нови членки. И тоа во најбрз можен рок – на самитот во Велс во септември?

Заинтересираните и заговорниците за проширувањето на самитот во Велс ќе ги аргументираат своите позиции - д-р Патрик КелерФотографија: Patrick Keller/Konrad-Adenauer-Stiftung

„Агендата на Самитот на НАТО во Велс се‘ уште не е утрвдена. Меѓутоа, од поранешниот државен секретар Хилари Хинтон своевремено слушнавме дека сите идни самити едновремено ќе бидат и самити на проширување на НАТО. Има и доволно кандидати кои чекаат и кои притискаат да станат членки. Една од нив е Македонија. Овие земји и заговорниците за нивното вклучување сигурно дека состанокот во Велс ќе го искористат да ги аргументираат своите позиции – зошто треба да станат поблиски и дел од НАТО. Преку кризата на Крим, на извесен начин се потврдени ставовите на заговорниците за проширувањето - регионот на руското соседство стравува од новиот руски империјализам поради што инсистира на што побрзо влегување под штитот на НАТО. Ова е сосема разбирливо и од сите земји членки на НАТО - признато. Но, треба да се знае и дека членството, не е ниту решение на присутните проблеми. Затоа и секој кандидат поединечно се вреднува. Некои држави се отидени понапред, други заостануваат, некои имаат внатрешно политички проблеми, а некои - како Македонија, имаат недоразбирање со НАТО членката Грција“, образлага др. Патрик Келер.

„Самитот на НАТО во септември во Велс, нема да биде самит на проширување. Ќе има позитивна назнака дека секој е добредојден, но нема да има ништо повеќе! Значи, целата работа околу проширувањето на Алијансата останува задача на новиот генерален секретар Јенс Столтенберг. Уште сега е јасно дека тој ја ужива големата доверба на најмоќните држави од Алијансата. Но, како понатаму тој ќе ги брани интересите на Сојузот и кои насоки ќе следуваат околу проширувањето, ќе може да се оцени откако ќе ја презентира својата програма за работа“, констатира др.Карл А. Ламерс

„Не сум сигурен дека за новиот генерале секретар на НАТО Столтенбер проширувањето ќе биде прва тема. Како политичар тој се докажал во тешки ситуации кога морал да размислува трезвено. Особено треба да се потсетиме на преговорите кои Столтенберг ги водеше со Путин и Русија околу спорната морска гранична линија меѓу Норвешка и Русија, при што мноумина беа изненадени од постигнатиот компромис. Овие квалитети Столтенберг ќе ги донесе и на новата функција. Тој добро го знае и Путин, знае дека со него може да се преговора, но дека мора да се биде цврст и доследен. Сметам дека овој став ќе го примени и кога е во прашање проширувањето на Алијансата“, коментира за Дојче веле др. Патрик Келер од фондацијата Конрад Аденауер.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми