Расмусен ја предупредува Русија од „историска грешка“
2 април 2014![](https://static.dw.com/image/17535595_800.webp)
Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен ја обвини Москва дека сакала повторно да воспостави руска сфера на влијание во областите на поранешниот Советски сојуз. Тој бил „сериозно загрижен“ за ненамаленото присуство на руски трупи на границата со Украина, изјави Расмусен денеска (02.04) во Брисел на крајот на средбата на НАТО министрите за надворешни работи.
„Доколку Русија се обиде натамошно да интервенира во Украина, тогаш не би се водржувал тоа да го наречам историска грешка“, рече Расмусен. „Тоа би била погрешна калкулација со огромни стратешки последици“. Тој ја повика Русија на деескалација со повлекување на трупите од пограничниот регион.
Во јуни ќе се разгледуваат можностите за проширување
Среде кризата во Украина НАТО отвора простор за потесна соработка на Грузија со воената алијанса. „Генералниот секретар е убеден дека Грузија заслужи потесно поврзување со НАТО“, изјави висок по ранг претставник на Сојузот во Брисел.
НАТО во јуни ќе утврди каков напредок направиле аспирантите за членство Грузија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. Каква ќе биде одлуката засега е отворено. Но, сите опции биле можни - меѓу другото, Грузија да добие план за исполнување на обврските за членство во НАТО. За Грузија тоа би било значаен чекор во правец на членство со западниот одбранбен сојуз.
Притоа не игра никаква улога тоа што Грузија имала отворен територијален спор со Русија, се вели во кругови на НАТО. Русија во 2008 година ги зазема регионите Јужна Осетија и Абхазија во Грузија.