1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Распитот заврши, одлуката на судот непозната!

Катерина Блажевска13 февруари 2016

Фактот што двајца од осомничените по распитот заминаа со приватни возила, ги подгреа шпекулациите: дали е одбиено барањето на СЈО за притвор, или на Судот му треба време за да ја донесе одлуката?

Фотографија: Imago

Рано утрово во Кривичниот суд заврши распитот на лица за кои специјалната обвинителка Катица Јанева вчера побара судот да одреди мерка притвор. Неофицијално беше најавено дека се очекува Судот утрово да ја донесе одлуката.

Но, фактот што двајца од осомничените по распитот заминаа со приватни возила, ги подгреа шпекулациите околу значењето на тој чин - дали е одбиено барањето на СЈО за одредување мерка притвор за тие лица, или на Судот му треба време за да ја донесе одлуката?

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) вчера соопшти дека е отворена истражна постапка под името „Титаник“ против повеќе лица за неколку кривични дела: злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување на изборен материјал и злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања. СЈО побара притвор за осум лица осомничени за изборна измама. Меѓу осомничените се и поранешните министри, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и началници на полициски станици, судии на Управниот суд и членови на ДИК.

По распитот, утрово околу 2 часот и 30 минути од Судот прв излезе градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, кој не даде изјава за медумите и замина со приватно возило. Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кој дојде на распит вчера во 21 часот, излезе од Судот во 3 часот утрово, во придружба на адвокатот Никола Додевски, кој е адвокат и на поранешниот премиер Никола Груевски. Јанакиески исто така не даде изјава за медиумите и замина со приватно возило. Присуството на другите осомничени на распитот не беше забележано од новинарските екипи.

Фотографија: Petr Stojanovski

САД и ЕУ со поддршка за СЈО

Амбасадата на САД во Македонија вчера повторно изрази поддршка за работата на специјалната обвинителка Катица Јанева и нејзиниот тим, и побара од властите целосно да ги спроведат највисоките стандарди на владеење на правото.

„САД целосно го поддржуваат Специјалното јавно обвинителство и неговата улога во истражувањето и во покревањето обвиненија за криминалните дејства што произлегуваат од прислушуваните разговори. Нејзиното назначување е суштински елемент на Договорот од Пржино и беше одобрено од сите четири политички партии. Го повторуваме нашиот апел до сите страни да му дозволат на Специјалното обвинителство да ги изврши своите обврски, независно и без каква било форма на политички притисок. Сите осомничени имаат право на целосна заштита според законот и ги повикуваме сите граѓани да овозможат на фактите да произлезат во текот на судскиот процес“, се вели во соопштението.

Амбасадата, исто така, ги повика македонските власти „да ги исполнат највисоките стандарди на владеење на правото, транспарентноста, праведноста, заштита на слободата на говорот и независноста на судството, како што случаите ќе напредуваат“.

Од Европската комисија за „ТВ Алсат“ вчера изјавија дека Комисијата не сака да коментира судски процеси кои се во тек, но оти силно ја поддржува работата на Специјалното јавно обвинителство. Притоа ги повика сите партии да покажат конструктивна соработка со неа и нејзиниот тим, и да се воздржат од напади кон ова обвинителство.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми