Расправата за неонацистичките убиства продолжува
21 ноември 2011На седницата на парламентарната комисија зад затворени врати учествуваат и раководителите на Сојузното јавно обвинителство, на Службата за борба против криминалот и на Службата за заштита на уставот. Претседавачот на Комисијата, Волфганг Бозбах, го отфрли барањето на опозицијата за вклучување специјален иследник во случајот со неонацистичката терористичка ќелија од градот Цвикау која долго време дејствувала без да биде откриена, но го поддржа предлогот за спојување на тајните служби од помалите покраини.
Неонацистичката група, позната под името „Националсоцијалистичко подземје“, се верува дека е одговорна за убиство на девет странски граѓани и на една полицајка во периодот меѓу 2000 и 2007 година.
Аферата излезе во јавноста откако на почетокот на месецот двајца членови на групата, по грабеж на банка во градот Ајзенах, ибеа пронајдени мртви.
Во меѓувреме се уапсени двајца членови на групата, а властите се сомневаат дека во убиствата извршени минатата деценија се вмешани и дваесетина неонацисти, главно како помагачи и активни членови на „Националсоцијалистичко подземје“.
Автор:ГЧ/СН/дпа/дв/мф
Редактор: Симе Недевски