Распуштен косовскиот парламент, избори во јуни
7 мај 2014Реклама
Во 120-членото косовско Собрание во моментот на гласањето за распуштањето на парламентот присутни биле 115 пратеници.
„За“ гласале 90, додека против биле четворица пратеници. За распуштање на парламентот, според косовскиот Устав, потребно е двотретинско парламентарно мнозинство, односно 80 пратеници.
Лидерите на сите главни политички партии во Косово се договорија оваа седмица предвремените парламентарни избори да бидат одржани на 8 јуни, наместо во ноември.
Парламентот требаше да гласа за новата армија во понеделникот. Премиерот на Косово Хашим Тачи најави дека ќе биде распуштено Собранието на Косово и оти гласањето за војската на Косово и резервираните места за малцинствата, ќе останат на новиот собраниски состав.