1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Расте антагонизмот кон бегалците во Грција

Спирос Москову
12 март 2020

Расположението во Грција се смени: пред пет години многу Грци им помагаа на бегалците кои доаѓаа во земјата, но денес би сакале да ги протераат. Јасно е каде лежи одговорноста за ваквата промена, смета Спирос Москову.

BG Flüchtlingskrise Griechenland/Türkei
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Messinis

Деновиве од Грција пристигнуваат вознемирувачки слики: безбедносните сили на грчко-турската граница на реката Еврос употребуваат солзавец против бегалците и мигрантите кои се обидуваат да стасаат во Европа. Ноќно време има граѓански патроли кои во регионот се во потрага по странци кои евентуално успеале да влезат во земјата. Жителите на островот Лезбос се обидуваат да ги одвратат од брегот бродовите со бегалци. Недалеку од неславниот бегалски камп Морија деснорадикалните групи ги шиканираат луѓето од хуманитарните организации и напаѓаат новинари.

Пет години по првата голема бегалска криза, Грција го покажува своето второ лице кон странците – нехуманост. Се чини времињата на познатиот пекар од Кос кој им делеше леб на бегалците и поради тоа ја доби Европската награда за граѓанско општетство, се минато.

Грција во воена треска

По налетот на безнадежните кон североисточната граница на Грција кои тргнаа охрабрени од перфидното отворање на турската граница по одлуката на претседателот Ердоган, земјата се наоѓа во своевидна воена треска. Дури и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен се почуствува должна да апелира за поумерен пристап на грчките безбедносни сили кон бегалците во Еврос. Одговорноста за ваквиот развој на настаните јасно лежи кај конзервативната влада на инаку модерниот премиер Кирјакос Мицотакис, кој уште од почетокот се залагаше за поостар курс во однос на проблемот со бегалците. Владиниот портпарол, Стелиос Петсакас по настаните во Еврос изјави дека земјата е соочена со „асиметрична закана“.

Спирос Москову, автор на коментарот

Оваа намерно избрана воена терминологија ја смени работата: бегалскиот проблем преку ноќ во Грција стана безебедносен проблем. Па така и расположението се менуваше соодветно: на социјалните мрежи, на кои, и онака, како што е познато нема политичка коректност, врие од расистички коментари кон странци во земјата – вклучително и на текстовите кои ги објавува ДВ за ситуацијата со бегалците.

Повеќе:

-Бегалска криза: Спасете ги конечно децата!

-Бегалците – испит на човечноста

-Експерти за бегалците: „Не смее да се повтори 2015-та“

Пет години по 2015 мора да се каже дека Грција тешко може да го совлада предизвикот од 110.000 бегалци кои во моментов се наоѓаат во земјата. И покрај првичниот позитивен став на поголемиот дел од населението и покрај стотици милиони евра кои влегоа од Брисел. Дополнително, се поголемиот број индиции дека фондовите од ЕУ се злоупотребуваат не се истражуваат. Владите во Атина, без исклучок, само ги игнорираа апелите на бегалците од Лезбос, Кос или Самос.

Островјаните го загубија трпението

Локалното население на островите не може само да го издржи товарот од новите бегалци. Бегалскиот камп Морија на Лезбос подолго време е место на очај. Ситуација која се покажа како плодна почва за расизмот да избие на светлина. „Сите треба да се протераат“, вели еден маж од Лезбос во репортажа на ДВ, и додава „да си се вратат во сопствените земји и кога кај нив ќе се подобри ситуацијата тогаш можат да дојдат овде како туристи. Така ќе бидат добродојдени.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми