1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Расте влијанието на националистите во Украина

Б. Георгиевски/ројтерс18 март 2014

Движења со отворено анти-семитска и профашистичка ориентација помогнаа во уривањето од власт на Јанукович во Украина. Откако дел од нив станаа дел од владата во Киев, почнаа да се поставуваат и прашања за нивното минато

Фотографија: picture-alliance/AP

Кога лидерите на протестите помогнаа во уривањето од власт на претседателот кој многумина го сметаат за корумпиран, тие станаа инстант- херои на барикадите. Но, откако зазедоа места во новата украинска влада, дел од нив се соочуваат со непријатни прашања за нивното минато, неретко и за поврзаност со нео-фашистички екстремисти.

Рускиот претседател Владимир Путин тврди дека Украина паднала во рацете на десно-радикалните фашистички групи, а и некои западни експерти изразија загриженост поради влијанието на екстремистите. Но, бројни Украинци во истите групи гледаат национални херои и бранители на независноста на државата.

Две од групите кои привлекуваат најголемо внимание се Свобода, чии членови добија пет високи функции во новата влада, вклучително и функцијата вицепремиер, и Десен сектор, чиј лидер Дмитро Јарош беше најавуван од демонстрантите за иден член на националниот Совет за безбедност и одбрана, но досега не беше именуван на функцијата.

Активистите на Десниот сектор кои вообичаено носат црни ски-маски, непробојни елеци и воени униформи сѐ уште држат под контрола неколку згради во околината на киевскиот Плоштад на независноста. Активистите на улиците одбија да разговараат со репортерите на Ројтерс. Еден од нив кој се претстави како „командант“ го насочи новинарот кон двајца портпароли на организацијата, но и тие одбија да дадат изјава.

Во вторникот, групата ги повика своите симпатизери да се ангажираат повеќе на страниците на интернет-енциклопедијата Википедија. Во англиската верзија, Десен сектор е претставен како нео-нацистичка и фашистичка организација. „Доколку сте во можност, поправете го ова недоразбирање“, бараат активистите на организацијата од своите симпатизери.

Припадници на Десен сектор на протестите во Киев. Во средина, лидерот Дмитро ЈарошФотографија: picture-alliance/dpa

Нео-фашисти или националисти?

Мислењата на експертите во однос на втората група, Свобода, се поделени. Пер Андерс Рудлинг, професор на Универзитетот Лунд во Шведска кој го истражува екстремизмот во Украина, Свобода ја опишува како „нео-фашистичка“. „Пред две недели никогаш не би го предвидел ова. Неофашистичката партија Свобода да добие вицепремиерско место, е вест само по себе“, изјави Рудлинг за британската телевизија „Канал 4“.

Но, Иван Качановски, политички научник на Универзитетот во Отава кој ја истражува десно-радикалната сцена во Украина не се согласува дека Свобода е толку радикална. „Свобода во моментов најдобро може да се опише како радикална националистичка партија, а не како фашистичка или неонацистичка. Сега повеќе не е ниту толку антисемитска“, вели Качановски.

Ендрју Срулевич, директор за Европа на Лигата за борба против дефамацијата, меѓународна група која ги следи антисемитските и другите екстремисти вели: „Свобода стана подисциплинирана во своите пораки кон Евреите по протестите на Мајдан, но тие имаат историја на антисемитски изјави, и јасна политичка програма на етнички национализам, поради која Евреите се нервозни“, вели тој.

Олег Тјанибок, лидерот на Свобода, го опишува спорот околу неговата партија како „информативна војна“. „За жал, информациите за радикализмот на Свобода не се точни. Тоа доаѓа од европските и од руските медиуми. Тие сакаат да изградат слика на ужас, на екстремисти, антисемити и ксенофоби, и пишуваат глупави нешта за нашата партија“, вели Тјанибок за Ројтерс.

Олег ТјанибокФотографија: Reuters

Воени корени

Свобода е изградена од организацијата наречена Социјално-националистичка партија на Украина (СНПУ) која била формирана во 1991. година и за свој амблем го имала „Волкот ангел“ во форма на свастика. Според нивната интернет страница, идеологијата на Свобода има корен во Јарослав Стетско, поранешен лидер на Организацијата на украинските националисти (ОУН). Оваа организација од западна Украина се борела за независност на регионот од Полска. Во тоа време предводена од Степан Бандера, ОУН ја поддржувала нацистичката окупација на Советскиот сојуз, надевајќи се дека на тој начин ќе издејствува независност за целата земја. Но откако ОУН прогласува сопствена влада во 1941. година, со Стетско како премиер, нацистите се вртат против нив. И Стетско и Бандера завршуваат во затвор, но ослободени се во 1944. година со цел да ги помагаат саботажите против напредокот на советската армија.

За некои, лидерите на ОУН се херои кои ја бранеле независноста на Украина. Но, бројни водечки историчари на холокаустот велат дека членовите на ОУН им помагале на нацистите во погромите против Евреите, и во борбите против советската армија.

Во 2004, СНПУ направи сојуз со други групи и беше преименувана во Свобода. Тјанибок, во говор одржан таа година им оддаде признание на милициите од Втората светска војна кои се бореле против Русите, Германците, Евреите и „останатото ѓубре“. Одговарајќи на критиките по говорот, тој ќе изјави дека „не е антисемит, туку про- Украинец“.

Политички придобивки

Оттогаш партијата се обидува да стане дел од политичкиот мејнстрим во земјата, промовирајќи социјална правда и економска независност. На изборите во 2012, Свобода освои околу 10,5 проценти од гласовите што и донесе 37 места во парламентот. Тјанибок беше една од водечките опозициски личности која преговараше со претседателот Виктор Јанукович, пред тој да побегне од земјата. Тој се среќаваше со американскиот државен секретар Џон Кери, со сенаторот Џон Мекејн, и со главната американска дипломатка за Европа, Викторија Нуланд.

Митинг на Свобода во западна Украина во 1999 годинаФотографија: BY-SA-CC

Американски претставник вели дека Мекејн и останатите функционери се среќавале со Тјанибок затоа што тој бил на чело на една од трите опозициски групи кои ги предводеле украинските протести. Владата на САД вели дека Свобода го напушта екстремизмот и се обидува да стане нормална, умерена политичка партија.

Во меѓувреме, партијата и натаму им го забранува членството на атеисти, поранешни комунисти и странци. Свобода одржува и тесни врски со радикалните и десничарските партии во Европа. Тјанибок вели дека неговата партија има договор за соработка со францускиот Национален фронт, како и контакти со многу други националистички организации, и е заинтересирана да соработува со нив околу проблемот со илегалната имиграција.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми