Расте невработеноста во светот
3 јуни 2013И покрај малото опоравување на глобалната конјуктура, бројот на невработени во светот ќе се зголемува и наредните години. Меѓународната организација за труд - ИЛО, соопшти дека во повеќето земји во развој и во забрзан подем има позитивни знаци на зголемено вработување, но „сликата од богатите земји е мрачна“. Во извештајот на ИЛО „Светот на работата 2013“, објавен денеска (03.06), се нотира дека стапката на невработеност во еврозоната во април достигнала рекордно ниво од 12,2%, односно без работа биле 19,4 милиони луѓе. „Во дел од европските држави во опасност е доведена економската и социјална структура“, изјави генералниот директор на ИЛО, Гај Рајдер.
Бројот на невработени во светот, од актуелните 200 милиони, до 2015 година ќе се зголеми на 208 милиони, проценува ИЛО. Во повеќето земји во развој и земји во забрзан подем останува и натаму длабок јазот меѓу сиромашните и богатите. Многу семејства кои само што успеале да се искачат над границата на сиромаштија се соочени со повторен пад.
Нееднаквоста во примањата во индустриските држави во последните две години се зголемила. Во голем дел од овие држави, вклучително и Германија, се намалува средниот слој. „Причини за тоа се долготрајната невработенoст, нискиот квалитет на вработувањето и фактот дека се‘ повеќе луѓе сосема се исклучени од пазарот на работна сила“, се вели во извештајот. За разлика од тоа, во многу земји платите на менаџерите „по извесна пауза“ поради финансиската криза, сега се повторно во силен подем.