1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Дебата: Законот за дивоградби треба да се повлече

ДТЗ
25 мај 2021

„Подготвени сме да ја исклучиме легализацијата во заштитени подрачја“, вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во врска со законот кој е на доработка.

Nord-Mazedonien Protest Aktion in Rasadnik
Фотографија: Radio MOF

Предлог- законот за легализација на бесправно изградените објекти треба да се повлече, да се направи попис и категоризација на дивоградбите за да се утврди нивниот точен број, па потоа да се пристапи кон изработка на соодветно законско решение. Во заштитените подрачја не смее да има легализација. Само со уривање на дивоградбите се испраќа јасна порака дека нема да бидат амнестирани оние коишто не го почитувале законот и граделе бесправно. Вакви пораки упатија претставници на стручната фела, членовите на ДКСК, невладините организации, од надлежните министерства, архитекти и правни експерти на јавна расправа организирана од Антикорупциската комисија во врска со предлогот за легализација на дивоградбите кој наиде на бројни реакции во јавноста.

-повеќе на темата: Втора шанса за законот за дивоградби - ќе претрпи ли измени?

По одлуката на претседателот да не стави потпис на законското решение коешто ја доби поддршката на власта и на опозицијата во Собранието, предлог-законот е во фаза на доработка. Надлежните најавија дека ќе се отвори стручна дебата околу законот со сите заинтересирани страни, ЗЕЛС, граѓански здруженија и асоцијации, пратенички групи, со цел да се подобри законското решение.

Антикорупциската комисија организираше јавна расправа во врска со предлогот за легализација на дивоградбите кој наиде на бројни реакции во јавноста.Фотографија: DW/Petr Stojanovski

„Не е потребно избрзано решение, туку е неопходно прво да се дефинираат чекорите, а потоа чекор по чекор да се оди кон решавање на ова прашање во насока на тоа повеќе да не се повтори проблемот со дивоградбите“, вели претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска.

-повеќе на темата: Пендаровски ќе стави потпис на законот за дивоградбите доколку пак биде усвоен во Собрание

Архитектите укажуваат дека пред да се почне со изготвување на закон мора да се има инвентар на дивоградби и да се утврди точната причина како и зошто настанала таа дивоградба. „Многу е важно, пред да се дозволи легализација, да се види дали тој објект ќе се вклопи во планската документација. Не може да се прават нови планови за да се вклопат тие дивоградби, туку треба да се види дали може да се вклопат во постојната планската документација. Со ваков закон се остава порака дека јас од утре можам да го заградам игралиштето зад мојот дом затоа што дел од него било на дедо ми и со наредниот закон тоа ќе ми биде легализирано“, вели професорката на Архитектонскиот факултет, Дивна Пенчиќ.

Со новиот закон за легализација на дивоградби, кој во моментов се доработува по забелешките на јавноста и претседателотСтево Пендаровски кој одби да го потпишеуказот за прогласување, нема да може да се легализираат викендици и објекти во заштитени подрачја. „За да докажеме дека сакаме да го подобриме ова законско решение, целосно сме спремни да ја исклучиме легализацијата во заштитени подрачја“, вели министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Надлежните тврдат дека нема да може да се легализираат викендици и објекти во заштитени подрачја.Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Исто така, ќе се исклучат и објектите кои се втор дом или викендици односно не се водат како адреса на живеење според лична карта. „Со тоа сакаме да покажаме дека не легализираме луксуз. Исто така, има размислувања објектите кои се над 80 или 100 метри квадратни да не можат да се легализираат, бидејќи тогаш тие домови не се социјална категорија. Целосно сме свесни дека овој Закон не треба да се повторува. Но, со тоа што не легализираме по едно евра туку по цената на комуналии плус 50 отсто казна, сакаме да порачаме дека не се исплати да се гради на диво“, додаде Бочварски.

-повеќе на темата: Закон за дивоградби: Амнестија од одговорност и вовед во градежен хаос

Екс-министерката за правда и професор по Уставно право, Рената Десковска смета дека само со уривање на дивоградби се испраќа јасна порака и побара овој закон да се повлече. Со слично барање настапија и останатите учесници на дебатата, со оглед на тоа што остануваат само 30 дена за измени на постојното законско решение пред Собранието повторно да го разгледа. Овој период, според нив, не е доволен за да се вметнат сите забелешки од стручната фела.

„Министерот Бочварски кажа дека ќе се изземе легализација ако објектот не е место на живеење според лична карта. Но, и во овој дел има дупки, затоа што членови на едно семејство може да живеат на различни адреси. Значи, четири полнолетни членови на едно семејство може да легализираат четири дивоградби“, кажа Дескоска.

Проценките се дека во земјата има околу 50.000 дивоградби.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми