1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Растот на извозот носи трошки за Македонија!

Костадин Делимитов
10 декември 2016

Субвенционираните странски инвеститори ја „билдаат“ трговската размена но го јадат и речиси целиот колач од ќарот вреден неколку милијарди. До кога?

Symbolbild Export Kiste Box Wirtschaft
Фотографија: Colorbox/THEERAPOL

Приказната со странските инвеститори во Македонија ја повлече економијата, но само статистички. Фабриките во зоните станаа главни мотори на трговската размена и вработеноста, но и нелојална конкуренција за домашното стопанство. Ефектите од нивното работење се видливи, но дилемата е колку и реално позитивни во крајното салдо на македонската економија. Од резултатите штo ги обелоденува статистиката очигледно е дека најголем дел од парите што се вртат во трговската размена заминуваат надвор, односно во џебовите на странските компании, а многу мал дел, или безмалку трошки остануваат на домашното салдо.

Во вакви услови клучната дилема е како тоа да се промени и како поголем дел од парите што се вртат во увозот и извозот да останат во домашната економија? Упатените предупредуваат дека рецептот за тоа е многу едноставен-поголема поддршка за домашното стопанство и блага но значајна промена во политиките кон странските инвеститори:  

„Кога станува збор за извозот вие не можете да ги задржите парите дома, но многу е важно од каде ги купува суровините и полусуровините што му се потребни во процесот на производство тој што извезува. Лично сметам дека на сите странски компании треба да им е услов најпрвин да пробаат да работат со македонски компании и доколку истите го немаат потребниот стандард што им е потребен, да им објаснат каков бараат, а домашните фирми да добијат можност во извесен период и рок да се прилагодат и да работат повеќе со нив. Тогаш е сигурно дека најголемиот дел од парите од извозот ќе останат во Македонија“, коментира Горан Рафајловски, стопанственик и претседател на Стопанската комора на град Скопје.

Кој подобро ги знае приликите

Ваквите услови според него треба да станат задолжителни во преговорите и договорите со компаниите од надвор кои добиваат низа поволности за да отворат бизнис во Македонија:

„Тоа мора конечно да стане задолжително ако навистина се колнеме во македонското стопанство. И не само во делот на оние што градат фабрики, туку во сите дејности. На пример и во делот на консултантите што постојано се ангажираат однадвор. Ако сметаат дека ние во Македонија сме недоволно обучени, наместо да се плаќаат странски консултанти, нека платат едукација надвор а потоа сами да добиеме обврски. Кој ја познава подобро економијата: тој однадвор или тој што е внатре. Вака што правиме, само фрламе пари за субвенции и создаваме дупки како онаа во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување“, предупредува Рафајловски.

Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Pleul

Поддршка на домашните компании

Бизнис заедницата постојано алармира за промени во стратегијата, посебно во делот на поддршката за домашните компании. Во услови кога Македонија не може да се пофали со квалитетни суровини, клучно е да се работи на системска поддршка која ќе обезбеди додадена вредност:

„Во услови кога извозот ни расте поради странските инвестиции кои во суштина не оставаат ништо, туку и дополнително одлеваат бидејќи добиваат дополнителни субвенции од буџетски пари, клучна е поддршката. Наједноставно, да се поддржи домашното производство селективно. Постојано слушаме дека ЕУ тоа не го дозволува, но тоа мора да се направи и крај на приказната. Не може да се субвенционира нешто што само носи популизам. Потребни се мерки исклучиво за поддршка на домашното производство“, предупредува Маријана Перковска, стопанственик и претседател на текстилниот кластер.

За да се реализира ова според нејзе потребен е целосен ресет и низ системски мерки:

„Потребно е да се интервенира во повеќе области. Но за тоа е потребна сериозна сеопфатна анализа. Од системски мерки, субвенции за струја за оние што произведуваат, поддршка за плати, поддршка за нови технологии и знаења и слично. Ние постојано апелираме за ова, вклучително и во делот за странските компании кои мора да бидат условени за соработка со нас, домашните. Дури и странските банки кои работат во Македонија дел од процентот што го заработуваат да мора да го инвестираат во стопанството. Оти вака популистички не правиме ништо, странецот доаѓа за да ќари и си заминува“, реагира Перковска.

Сепак и во вакви услови, според упатените, македонската економија има ефект, но тој е исклучиво на хартија и отсликан во бруто домашниот производ кој според последните податоци во третиот квартал годинава пораснал за 2,4%. Иако минимално, придонесуваат за севкупниот развој на македонската економија, во него се содржани и билансите од работењето на компаниите во технолошко индустриските развојни зони. За оваа цел во 2010 година беа направени и законски измени.

Во моментов има компании од Македонија што соработуваат со фирми во зоните, но обемот и ефектите се минимални. Постои можност и за домашни фирми да отворат фабрики во зоните каде би уживале идентичен третман како странските, но условите за тоа се демотивирачки. Засега тоа го сторија само една и втора компанија која е во најава.

Инаку според официјалните податоци вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари- октомври 2016 година, изнесува 3,5 милијарди евра и бележи пораст од 5.8% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува близу 5 милијарди евра, што е за 5.6% повеќе во споредба со истиот период лани. Трговскиот дефицит изнесува 1. 4 милијарди евра. Германија и натаму останува главен трговски партнер на Македонија, по што следуваат Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми