1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Растрошноста за повисоки плати и пензии води кон банкрот?

Костадин Делимитов
21 февруари 2022

Македонската економија креира малку за да може да троши многу за административно зголемување на плати и пензии. Упатените предупредуваат дека цехот од политиките за купување социјален мир може да биде прескап

Повеќе пари за вработените и пензионерите. Но што ќе значи тоа за кревкиот државен буџет?
Повеќе пари за вработените и пензионерите. Но што ќе значи тоа за кревкиот државен буџет?Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Платите и пензиите треба да растат, но за колку и со колкаво темпо? Оваа дилема ги мачи многумина во македонското општество во период на криза и секојдневен вртоглав раст на цените. Трендот на поскапувања не запира, а тешко и дека ќе запре, ако се знае дека најголем дел од она што се купува во државата е од увоз, или произведено дома, ама со суровина донесена од надвор. 

Власта веќе попушти под притисокот да се зголеми минималецот на 18.000 денари на задоволство на синдикалците, но не и на бизнисот. Но ударот допрва следува со барањата за натамошен раст на плати во сите дејности, вклучително и на пензиите. Тежок предизвик за кој волја за решение има, но по која цена? Во услови на зголемен јавен долг и скромни економски перформанси цехот може многу лесно да стане и драматичен, предупредуваат експертите:

„Точно е дека растот на платите е потребно во македонскиот систем на плаќање на трудот, но да се промовира тезата дека платите треба да растат затоа што растат цените е повеќе од несериозно и популистички, но укажува на длабоко непознавање на политиката на плати и екомијата на трудот. Растот на платите треба да се темели на реален економски раст кој е израз на растот на индустриското производство, извозот и побарувачката на работна сила, односно отварањето на нови работни мерста и зголемување на бруто домашниот производ во земјата. Во услови кога тоа не е случај, како што е сега, растот на платите и пензиите ќе предизвика дополнителен ценовен раст и инфлација. Доколку државата ова не го превенира, оваа година неизбежна е највисока стапка на инфлација во последните 25 години“, предупредува во изјава за Дојче веле универзитетскиот професор Лазар Јовевски.

Редица на шалтер во Фондот за пензиско оригурување во СкопјеФотографија: DW/ P. Stojanovski

Лоши решенија 

Експертската јавност предупредува дека административните мерки се лоши решенија, посебно во економии како македонската која креира многу мала додадена вредност. Оттука сугерираат дека се неопходни политики за креирање на раст на економијата, како предуслов за раст на платите и пензиите:  

„Процесот на покачувањето на платите и пензиите доколку не биде подржан со реална финасиска помош за компаниите, доколку не се стабилизира економијата и не се зголеми севкупниот економски раст, односно индустриското производство ќе генерира дополнителна криза која најверојатно ќе се прикрива со нови задолжувања. Продуктивноста секако опаѓа, особено затоа што Владата не е подготвена да го прифати моделот на скалест линеарен раст на платитие во сите сектори. Пари нема во Буџетот ниту пак има индикатори дека овој факт ќе се промоени во текот на оваа година, затоа, не очекува „жешка“ економски неизвесна година со голем број на предизвици“, укажува Јовевски.   

Несакани сценарија 

Актуелниот рецепт за раст на платите и пензиите според него наликува на минатото и ја води државата во уште позависна положба пред меѓународните финансиски институции:

Дали актуелниот рецепт за раст на платите и на пензиите води до банкрот на државната каса?Фотографија: Fotolia

„Овој раст на платите е чист административен раст, карактеристичен на периодот од 1946 до 1952 година, кога платите се уредуваа со посебни уредби од страна на извршната власт. Знаеме како тој систем заврши...!? Како што напоменав, јавниот долг ќе расте заради новите задолжување со цел покривање на буџетскиот дефицит заради т.н. административен интервенционализам во политиката на плати, наместо пазарното креирање на висината на платите. Повторно ќе напоменам, платите треба и неопходно е да растат, но ние целиот процес го водиме погрешно. Дотаму што се радуваме дека административно (нереално) ќе порасне минималната плата, но таа е само минимален стандард, наместо да зборуваме за економски раст и реално придвижување на платите во целиот стопански сектор, кој потоа ќе продуцира раст на платите и во јавниот сектор. Ова што се случува сега е типична погрешна „македонска“ работа, која за жал ќе ја доведе државата во уште повеќе вазалска позиција пред меѓународните финасиски институции“, укажува Јовевски.  

ММФ чука на врата 

Дека ваквите политики полека но сигурно не враќаат во прегратките на строгите правила на меѓународните финансиски институции немаат дилеми ниту бизнисмените: 

„Кај нас веќе е отворена пандорината кутија. Сите бараат оти гледаат дека може да се троши незаработено и незаслуженото. Но не може ние да јадеме и да трошиме ако продуктивноста ни паѓа со години. Може на краток период да си дозволиме луксуз со зголемување на долгот кој расте секоја година но мислам дека наскоро ќе дојде ситуација и Меѓународниот монетарен фонд да ни чукне на врата, или Светска банка, а особено Европската комисија која уште лани не опомена дека со вакви политики ќе ја намалиме конкурентската способност на нашите компании надвор, и дека ќе се соочиме со опасност за банкрот. Се надевам дека наскоро ќе ги стартуваме преговорите со ЕУ, која ќе ги запре овие партиски и популистички работи, оти очигледно дека ние не сме спремни за такво нешто. Сите политички партии без исклучок се водат повеќе од популизмот, но знаете како, во економијата нема бесплатен ручек. Она што ќе земеме и потрошиме е на товар на нови долгови, кои од некаде ќе треба да се враќаат“, изјави за Дојче веле стопанственикот Ангел Димитров.

Седиштето на Меѓународниот монетарен фонд во ВашингтонФотографија: picture-alliance/Photoshot/Xinhua/B. Dandan

Политики за додадена вредност 

Без креирање политики и услови за зголемување на додадената вредност на домашната економија тој е песимист дека растот може да биде одржлив:

„Додадената вредност е основа за тоа колку ќе бидеме продуктивни, а тоа се гледа преку бруто домашниот производ. Сега што се случува, една Бугарија има 66% поголем бруто домашен производ од нас по глава на жител а има речиси идентична минимална плата со нас. Или една Србија која има за 40% повисок БДП од нас има иста минимална плата. Која е тука логиката, со што се фалиме, дека сме светски рекордери во однос на минимална плата во однос на БДП по жител? Тоа не е за фалење. Ние го гледаме стандардот во Европа и тоа не фрустрира. А не гледаме дека тие имаат седум, осум девет пати повисок БДП од нас. Тоа ние не сакаме да го гледаме, туку само сакаме да стигнеме Европа по плати, но тие не можат да паднат од небо, туку тие треба да се заработат. Треба да имаме продуктивност, да имаме извоз да донесеме девизи. Очигледно дека има голем расчекор помеѓу желбите какви сакаме да бидеме и какви сме реално. Мора да се освестиме сите во државава и да сватиме дека можеме да трошиме колку што создаваме“, укажува Димитров. 

Инвестиции во технологии 

Единствениот начин за одржлив развој според него е да се инвестира во нова технологија, иновации, а потоа и со мотивација на вработените.

„Тоа нас ни е очајно потребно оти имаме стопанска структура со ниска додадена вредност, трудоинтензивни дејности, каде трудот учествува со огромен процент во вкупните трошоци. Немаме компании со високо додадена вредност, дури и оние во Технолошките развојни зони кои делат малку повисоки плати создаваат мала додадена вредност што најдобро се гледа ако ја споредите увозната компнента и извозот“, укажува Димитров. 

Корупцијата како „вечна болка“ 

Експертите сугерираат дека освен во нови технологии и развој, потребни се и коренити промени за решавање на клучните системски проблеми кои го кочат развојот на македонската економија низ годините независност:

Неопходно е итно искоренување на институционалната корупција, сметаат експертитеФотографија: PantherMedia/Audtakorn Sutarmjam/imago images

„Изгубивме 30 години во погрешни трудови и социјални политики, кои го обезвреднија трудот, доведоа до најголема невработеност во Европа, ги потиснаа младите да се иселуваат од земјата, го осиромашија и понижија македонскиот граѓанин, и за жал како на овој процес да не се гледа крајот. Потребно е најитно да се искорени корупцијата во институциите и да се извадат од заробеноста на одредени политички елити кои наместо владеење на правото милуваат да применуваат владеење на неспособните и корумпираните. Тоа е сега приоритет. Од друга страна со брзи економски ефикасни политики на привлекување на нов капитал, и директна помош на македонскиот бизнис сектор, сметам во рок од 4 до 6 години би можеле економијата да ја доведеме во сосотјба на т.н. „балкански тигар“. За ова треба храброст, чесност и знаење. Сметам дека такви луѓе има во земјата, но сеуште немаат шанса да работат на овие прашања во интерес на граѓаните, но и за иднината на нашите идни поколенија“, смета Јовевски. 

Буџет за социјала или за развој? 

Каква е состојбата зборуваат бројките за јавниот долг кој надмина 7 милијарди евра и 60% од БДП, но и годишните трошоци за плати и пензии кои се одвојуваат од државната каса. Речиси една милијарда евра годишно од буџетот одат за покривање на дупката во пензискиот фонд и за платите на државната администрација. Ако дополнително се пресметаат и останатите средства за субвенции, социјални трансфери и слично, тогаш ќе се види дека речиси две третини од буџетот оди на плати, пензии и социјални трансфери, што остава многу мал простор за маневар и инвестиции во проекти што генерираат развој на домашната економија.

Зголемениот минималец ќе ги зголеми уште повеќе т.н. социјални трансфери, а соодносот драматично ќе натежне на непродуктивната страна на буџетот ако допрва деновиве се донесат и решенија за скалесто зголемување на платите, на кое инсистира опозицијата, но и за раст на пензиите. За двете решенија во тек се преговори и процедури во Собранието. Минималецот ги помина комисиските филтри, а за пензиите допрва следува продолжение на започнатите преговори кои треба да резултираат со нова методологија за пресметка на пензиите, или привремено решение за еднократна помош. Пензионерите бараат методологија на зголемување во која би се вметнале растот на минималецот и на трошоците на живот, владата засега не ги открива картите, опозицијата пак предложи две опции. Зголемување од 20% за сите пензионери, или линеарно по 3000 денари за секој од околу 327.000 пензионери во државата. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми