По привремените забрани, руското правосудство сега им зададе конечен удар на организациите на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални. Суд во Москва ги означи како „екстремистички“ и ја забрани нивната работа.
Реклама
Руското правосудство ги означи како „екстремистички“ организациите на опозиционерот Алексеј Навални. Со ваквата одлука веднаш стапи во сила и конечна забрана за регионалната политичка мрежа на Навални и антикорупциската фондација ФБК, соопшти судот во Москва по дванаесетчасовното сослушување во средата.
Во Русија неодамна стапи во сила закон за забрана за излегување на избори на членови на организации класифицирани како „екстремистички“
Оваа мерка ќе овозможи и засилена репресија врз неговите симпатизери пред парламентарните избори закажани во септември.
„Препознаено е дека овие организации не само што доброволно ширеа информации кои поттикнуваат на омраза и на непријателство кон претставниците на власта, туку сториле и екстремистички злосторства и престапи“, наведе судот во Москва.
Навални реагираше веднаш и рече оти нема да отстапи.„Ќе се снајдеме, ќе еволуираме, ќе се прилагодиме. Но, нема да отстапиме од своите цели и од своите идеи. Ова е наша земја и немаме друга“, напиша Навални на Инстаграм.
Неговите адвокати веднаш најавија жалба на судската пресуда. Неговите приврзаници, пак, го критикуваа процесот како политички мотивиран. Приврзаниците на Навални се жалат дека судството сака да ја парализира борбата против корупцијата и уличните протести пред изборите.
Навални во моментов издржува затворска казна од две и пол години. Противникот на рускиот претседател Владимир Путин беше уапсен на 17 јануари по враќањето во Русија од Германија каде со месеци се опоравуваше од труењето со нервен агенс.
Владимир Путин: Патот до моќта
Владимир Путин е избран за претседател на Русија во четвртиот мандат. Поглед кон подемот на Путин од нискорангиран агент на КГБ до незапирлива политичка сила.
Фотографија: Reuters/D. Mdzinarishvili
Кадет на КГБ
Роден во Санкт Петербург во 1952, Путин се пријави во советската раразузнувачка служба КГБ веднаш по завршувањето на правниот факултет во 1975. Негова прва задача бил надзорот на странски државјани и вработени во конзулатите во родниот град, тогаш со името Ленининград Потоа замина на служба во Дрезден, источна Германија. Тој наводно запалил стотици документи на КГБ по падот на Берлинскиот ѕид.
Лево на фотографијата, младиот Путин стои до тогашниот градоначалник на Санкт Петербург, Анатоли Собчак. Тој му беше професор на Путин и го назначи за свој советник за меѓународни прашања. И покрај корупцискиот скандал на почетокот од службата, Путин не ја загуби работата, токму поради пријателството со Собчак.
Фотографија: Imago/ITAR-TASS
Метеорски подем
Путин набргу се префрли во Москва. Во 1997 рускиот претседател Борис Елцин му додели среднорангирана функција во неговата администрација- позиција која Путин ќе ја искористи за да создаде важни политички пријателства, кои ќе му бидат од полза во наредните децении.
Фотографија: picture alliance/AP Images
Смртта на пријателот
Путин беше длабоко потресен од смртта на Собчак во 2000 година. Откако ученикот политички го надмина својот учител, Собчак стана гласен поддржувал на кандидатурата на Путин за претседател на Русија. Една година претходно, Путин ги искористи своите врски за да бидат отфрлени обвинувањата против Собчак за проневера.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Chirikov
Привремен претседател
Во јуни 2000 година, Борис Елцин поднесе оставка, отстапувајќу му на премиерот да стане привремен лидер на државата. За време на успешната претседателска кампања, повторно излегоа на површина обвинувањата за корупција против Путин од времето на неговата служба во Санкт Петербург. Марина Салје, пратеничката која ги изнесе обвинувањата, беше замолчена и принудена да го напушти градот.
Фотографија: Imago/ITAR-TASS
Тандемократија
Кога Путин уставно беше спречен да се кандидира за трет последователен мандат во 2008 година, премиерот Дмитри Медведев се кандидираше на негово место. Кога Медведев беше избран, тој го назначи Путин за премиер. Тоа доведе до критики за „тандемократија“ во Москва и многумина беа убедени дека Медведев е марионета на Путин.
Фотографија: Imago/ITAR-TASS
Победа
Во март 2018 година, Владимир Путин е избран за руски претседател во четврти мандат. Путин ќе биде на власт и во наредните шест години, со оглед дека претседателскиот мандат претходно беше продолжен на шест години. Избоrите беа засенети од обвинувањата за нерегуларности и манипулации, како и од фактот дека немаше вистинска опозиција на Путин.