Раул Гонзалес: Ќе навивам за Реал Мадрид
26 мај 2018Неполн час по завршувањето на ракометниот дуел меѓу Вардар и Монпелје во полуфиналето на Фајнал Фор турнирот во Келн, во Киев започнува финалето во фудбалската Лига на Шампиони меѓу Реал Мадрид и Ливерпул. Иако ракометарите и стручниот штаб на Вардар немаат многу време да размислуваат за случувањата во други спортови, сепак имаат свои фаворити и во големиот фудбалски дуел. Тоа особено важи за шпанската „колонија" во скопскиот тим.
Тренерот Раул Гонзалес и одбранбениот маестро Македа потекнуваат од Ваљадолид, односно Толедо и го поддржуваат Реал Мадрид, додека Жоан Канељас е од регионот на Барселона, и „кралскиот клуб" не му е омилен.
„Ќе навивам за Мадрид. Екипата е од Шпанија. Иако јас сум од Ваљадолид, ќе навивам за Реал", вели Раул за ДВ.
Неговиот тип за финалето е победа на Реал. „Секогаш кога Реал игра финале шансите се големи дека ќе победи, и јас мислам дека ќе победат".
Канељас вели дека размислува само за мечот против Монпелје и нема многу време за фудбалскиот дуел, но и дека ако треба да се одлучи за еден од двата тима, тоа би бил англискиот Ливерпул. Тоа, признава, нема воопшто да му се допадне на неговиот соиграч Македа.