Рафалите стивнаа, остана „маглата“ за настаните во Куманово
10 мај 2015 По, условно речено мирната ноќ, помината во неизвесност и тага за петте изгубени човечки животи во одбрана на безбедноста на градот и на земјата, Куманово утрово повторно го разбудија пукотници. Спорадичните рафални истрели, кои според жителите, се слушале од зоната на првичниот конфликт - реонот на месната заедница „Тоде Мендол“, започнале од 6 и 30 часот и завршиле по еден час. Неофицијално, во престрелката имало повредени полицајци. По 7 и 30 часот во Куманово веќе не се слушаат пукотници.
Но, исто како и вчера, претпладнево патиштата кои водат кон кризната зона се блокирани, а полициски единици и борбени возила се стационирани околу сите стратегиски објекти во градот. Според извори од теренот, се говори дека последните рафали биле „дело“ на неколку членови од вооружената терористичка група кои вчера не и‘ се предал на полицијата, а кои, наводно, добиле коридор кон Липково да заминат од земјава. Ваквите информации засега немаат официјална потврда.
Во локалната власт во Куманово немаат информации каква е состојбата во кризната зона. Велат дека денеска ги чека многу работа. Доколку патиштата бидат деблокирани, општинскиот штаб за справување со кризи треба да излезе на терен и да направи увид во состојбата - на колку граѓани им е потребна помош во храна и сместување, односно дали има услови оние кои вчера ги напуштија домовите, денеска да се вратат таму. А она што ги интересира локалните жители е „дали пеколот заврши“ и дали утре ќе има редовна настава во училиштата.
„За наставата не решаваме ние. Безбедносната проценка треба да дојде од МВР“, вели градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски. Поради вчерашаната акција, од безбедносни причини беа блокирани приодите кон кризната зона, но немаше одлука за ограничување на движењето во градот.
Многу „магла“ и нејаснотии
Сепак главното прашање што го поставуваат, е - кој беше мотивот на вооружената група? Тоа прашање не е актуелно само во Куманово. Го поставува цела Македонија, која по непроспиената ноќ утрото го дочека со знамиња спуштени на половина копје. Владата вчера на вонредна седница одлучи 10-ти и 11-ти мај да ги прогласи за денови на жалост по загинувањето на петмината припадници на безбедностите сили на МВР во полициската акција за разбивање на вооружената терористичка група во Куманово.
Кој е мотивот - ги прашуваме аналитичарите. По вчерашниот тензичен ден, се обидуваат да ги состават коцките на мозаикот. Но, без успех.
„Има толку многу нејаснотии околу овој случај, што не можам да направам издржана анализа. Таа ’магла‘ околу целата ситуација иницира многу прашања кои се доста индикативни“, вели
Александар Генчов, поранешен партиципент во безбедносните структури во земјава и НАТО.
Според него, прашањето е како успеала во државата да влезе исклучително опасна група, да се стационира во исклучително густо населена област, а била наоружана со исклучително високо софистицирана опрема што таму ја складирала и била прилично добро вкотвена за дејствување против високо обучени припадници на најелитните единици на нашата полиција.
„Индикативно е и што толку сериозно обучена вооружена група влегува во државата, се стационира, дејствува како што дејствува, а нема никаква политичка агенда, не е барем јавно поддржана од ниту еден албански политички субјект и не испорачува никакви политички барања?! Сериозно сочуствувајќи со огромната болка за загубените човечките животи, ако се прави анализа на овој случај, не може да се избегне и актуелниот политички миг во кој се појавува оваа група: време кога притисокот врз владејачката коалиција е огромен и кога првпат е на повидок сериозно, не само политичко, туку и пошироко граѓанско обединување на македонскиот и албанскиот фактор во Македонија“, вели Генчов.
Според него, сето ова укажува дека ситуацијата е далеку од наивна и дека бара широк фронт како на политичките структури кои делуваат во јавноста, но уште повеќе и на безбедносните тајни служби не само во Македонија, туку и во регионот.
„За жал, Македонија се‘ уште не е членка на колективните системи за безбедност (НАТО) и на политичкото семејство на западните демократии (ЕУ) и тоа ја прави порозна за агенди на Балканот кои оставаат простор за делување на други центри на моќ и комбинација од политички агенди, кои за жал, неретко се поврзани со најцрните подземни методи на делување. Тие иако навидум делуваат како чист криминоген финансиски договор за предизвикување нереди со најцрни последици, можат да имаат многу сериозни политички регионални импликации. Искуствата покажуваат дека тие без исклучок ја продолжуваат политичката агенда во разорувачка насока кон државите кои немале политички имунитет или не сакале да ја спречат во корен или уште потрагично - директно или индиректно соработувале со ваквите групи“, укажува Генчов.
Тензии под контрола на власта
Поранешниот македонски амбасадор во ОБСЕ, Арсим Зеколи, се согласува дека настаните во Куманово наметнуваат многу прашања и дилеми, но оценува дека никако не може да се сметаат како неочекувани.
„Се плашам дека вчерашните настани не се ниту кулминација туку само една епизода на подолг серијал кој е започнат многу порано и е дел од една зла траекторија која стреми кон секаков вид поделби во земјата и општеството. Согласен сум со оценките дека настаните имаат цел да се дефокусира јавноста од објавувањето на информациите за злоделата на владата на Груевски и Ахмети и видливото сплотување на граѓаните во отпор кон режимот без разлика на етничките разлики. Но, сепак мислам дека тоа е повеќе коинциденција која се совпадна со еден подолгорочен план за внатрешни прекројувања, во кои се директно вмешани и се под контрола на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Како инаку да се објаснат некои работи за кои недоволно се зборува во јавноста - за Куманово и Скопје како најмултиетнички средини во земјата кои се држат под постојана тензија и во кои периодично се случуваат драматични судири? Додека пак во Тетово, Гостивар и посебно во Кичево, ниту се случуваат посериозни инциденти, ниту навлегуваат вооружени формации, но затоа се слеваат сите буџетски средства, сите инвестиции, и од нив се регрутираат сите значајни политички и економски претставници на Албанците?“, вели Зеколи.
Тој реторички прашува - како да се објасни отвореното игнорирање на таков критичен и тензичен регион каков што е скопско-кумановскиот, од страна на меѓународните дипломати во земјата, со мал исклучок на ОБСЕ поради природата на нејзиното присуство, а на сметка на Тетово и Кичево каде што речиси секој втор ден се присутни на средби со ДУИ и ДПА?
„Сето тоа, и покрај фактот што токму Куманово и околните села се најоштетените и најосиромашените токму поради војната во 2001 година со која Ахмети дојде на власт. Се плашам дека проклетсвото на овој регион извира од нејзината мултиетичност, токму она за што и домашните политичари и меѓународната заедница љубат да зборат, но судејќи според делата очигледно го прават спротивното. За да се разбере вистинската длабочина на природата на судирите во Куманово, фокусот треба да биде ставен во контекст на тековното разобличување на режимот преку опозицијските бомби, но и во контекст на рушењето на ТВ А1, упадот во Собранието и форсирање на кадри во политиката, економијата, безбедноста од средини со доминантен моноетнички состав, т.е. од источна Македонија кај Македонците и од полошко-кичевско кај Албанците. Единствено тогаш ќе разбереме дека Македонија не е Кичево и Валандово, туку Скопје и Куманово“, оценува Зеколи.
Аналитичарите не очекуваат дека нештата ќе бидат појасни по седницата на националниот Совет за безбедност, која беше најавена дека ќе се одржи по враќањето на шефот на државата Ѓорге Иванов од Москва.