1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рации и апсења, но осомничениот и натаму во бегство

З. Јордановски/дпа/афп/ртр16 ноември 2015

Полицијата во Франција и Белгија продолжува со потрага по можните соучесници во нападите во Париз. Апсење на исламисти и во други земји. Германската политика не сака да го користи терминот „војна“ против ИД.

Фотографија: Reuters/Y. Herman

Франција денеска со силни напади од воздух во Сирија и со рации во целата земја реагира на крвавите напади во Париз. Военото воздухопловство нападите ги извршило во Рака, упориште на терористичката организација Исламска држава (ИД).

Во рации во исламистичкото милје ширум Франција се извршени 168 претреси на станови, посебно во регионот на Париз, Лион, Гренобл. Запленети се 31 парчиња оружје, меѓу нив и еден ракетен фрлач.

Француската полиција го имала „в раце“ терористот што го бара!

Рации имаше и во Белгија во бриселскиот кварт Моленбек познат како упориште на радикални исламисти. Уапсено е едно лице, но демантирано е дека станува збор за бараниот Салах Абделслам. Тој е брат на еден од извршителите на нападите во Париз и е баран оти го изнајмил автомобилот што е користен од терористите при нападот на концертната сала Батаклан. Само неколку часа по нападите 26-годишниот Салах Абделслам и уште две други лица биле контролирани од француската полиција во близина на белгиската граница, но им било дозволено да го продолжат патот. Третиот од браќата, уапсен уште во саботата, денеска е ослободен оти имал алиби дека не учествувал во петочните напади во францускиот главен град.

Од белгиското обвинителство е соопштено дека пет од седумте лица што беа уапсени во неделата, денеска се ослободени.

Полицијата во Белгија се уште трага по Салах АбделсламФотографија: picture-alliance/dpa/Police Nationale

По еден од напаѓачите имало потерница уште пред 2 години

Во меѓувреме се идентификувани уште двајца од загинатите терористи што го извршија масакрот во Париз, или вкупно петмина од сеумтемина загинати извршители. Едниот, според париското обвинителство, е дојден од Сирија како бегалец во Европа. Другиот идентификуван, 28-годишниот Сами Анимур, уште во 2012 година бил предмет на кривична истрага во Франција поради членство во терористичко здружение. Од 2013 тој преминал во илегала и по него тогаш била издадена меѓународна потерница. Според неговото семејство, тогаш тој заминал во Сирија. Анимур е еден од напаѓачите во Батаклан. Според турската влада, во два наврата - декември 2014 и јуни годинава на Франција и’ бил укажано на 29-годишниот нејзин државјанин Омар Исмаил Мостефаи како на атентатор-самоубиец. Тој беше еден од напаѓачите во Батаклан, каде самиот се разнесе со експлозивниот елек што го носел на себе.

Експерти тврдат дека експлозивните елеци на напаѓачите-самоубијци, според начинот на изведба, се подготвени од еден човек и тоа во Европа. Тој не бил меѓу атентаторите, веруваат експертите, оти таквите познавачи на експлозиви и мајстори за експлозивни направи се ретки и остануваат во заднина.

Сириска врска стои зад нападите?

Францускиот премиер Мануел Валс предупреди од натамошни напади на ИД во Европа, а за атентатите во Париз рече дека се организирани, осмислени и планирани во Сирија“. Како главен организатор е наведен белгискиот државјанин Абделхамид Абауд, кој бил борец на ИД во Сирија.

Францускиот министер за внатрешни работи Бернар Казнев изјави дека ќе нареди да се затворат џамиите во кои се шират радикални идеи и оти ќе ги протера од земјата имамите кои „проповедаат омраза“.

Апсења на исламисти во повеќе земји

Турската тајна служба, според тамошните медиуми, наводно спречила терористички напади во Истанбул и Анкара речиси истовремено со оние во Париз. Плановите биле откриени при апсењето на британски државјанин, приврзаник на ИД.

Минута молчење во ПаризФотографија: Reuters/P. Wojazer

Вести за апсења на наводи терористи на ИД денеска дојдоа и од други земји: во Мароко се уапсени 4 џихадисти, а во Малезија петмина, сите под обвинение дека подготвувале напади. Едно лице е уапсено и во Германија, во местото Арнзберг. Таму 39-годишен маж неколку дена пред масакрот во Париз во бегалските домови на другите жители има најавувал дека нешто ќе се случи во францускиот главен град. Во Франкфурт, пак, германските безбедносни власти извршиле рација против човек со турско државјанство за кого се претпоставува дека собирал пари за џихадистичката милиција ИД. Посебна постапка се води против неговиот брат и други лица - ченови на ИД.

Солидарност од НАТО

НАТО денеска искажа солидарност со Франција и најави засилување на борбата против екстремизмот. „Ние сите сме решени повеќе од кога и да било да постапуваме против заканите од тероризам и екстремизам и нив да ги победиме“, се вели во соопштението што го прочита генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.

Усогласувањето меѓу Русија и западните земји за заедничка линија во борбата против тероризмот и натаму оди тешко. За тоа, според портпаролот на претседателот Путин, е потребна „филигранска дипломатска работа“. Портпаролот Песков вели дека интересите на западните земји се многу различни и оти на Западот во никој случај нема единствена позиција по тоа прашање.

Секаква можна поддршка од Германија за Франција

Германската влада прецизира дека не сака да го користи терминот „војна“ во реакциите по нападите од Париз, иако стои зад Франција и ќе и’ даде секаква можна поддршка. Засега, според владини портпароли, нема сознанија дека Франција по нападите во Париз има намера да побара прогласување таканаречен „сојузнички случај“ од страна на НАТО, што би значело дека сите сојузници од Алијансата би се ангажирале во борба против ИД. Германската влада смета дека терористичката организација не може да се сузбива само со оружје, туку треба да се исуши плодната почва на која настанува „чудовиштето“ ИД.

Објавена и виртуелна војна против ИД

По нападите во Париз, војна - и тоа виртуелна, на ИД и’ објави и хакерската мрежа Анонимус. „Тие атентати не можат да останат неказнети. Ќе ја започнеме најважната операција против вас која кога и да е била водена. Војната започна!“ се вели во едно видео. Таа неформално организирана хакерска мрежа уште во февруари се сврти против ИД, изврши стотици напади врз профили во социјалните мрежи, од кои многу потоа исчезнаа од интернет.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми