Берлин: Забрана за здружението во џамијата Фусилет
28 февруари 2017Во акцијата на полицијата, која од шест часот изутринава врши претрес во 24 објекти во Берлин, учествуваат 460 службеници, соопшти полициски портпарол. Претресот денеска се врши во станови, две седишта на фирми и шест затворски простории во берлинските затвори Моабит и Тегел, соопшти полицијата на Твитер. Претресот следува откако претходно беше официјално забрането здружението во џамијата Фусилет. Во џамијата често доаѓал и Анис Амри, атентаторот од берлинскиот божиќен пазар. Амри на 19 декември влета во божиќен пазар во Берлин и уби 11 лица. Повредени беа повеќе од 50 луѓе.
Според сознанија на полицијата, во просториите за молитва се собирале исламисти подготвени на насилство. Освен тоа, како што се наведува, во џамијата наводно се собирале и пари за извршување терористички напади во Сирија. Во текот на наставата по ислам се радикализирале муслимани, главно Турци и луѓе од Кавказот, за вооружената борба на Исламска држава.
Полицијата соопшти дека судот официјално го забрани здружението „Фусилет 33“ уште на 15 февруари, а џамијата ги затворила своите врати во текот на претходната недела. Здружението, како што соопшти берлинскиот сенатор за внатрешни работи Андреас Гајзел, веќе дало отказ на договорот за користење на просториите. За забрана на здружението, инаку, се дискутира уште од 2015 година.