1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рашковски заминува од Владата

ДТЗ
14 април 2021

Поранешниот генерален секретар поднесе оставка, којашто ја прифати премиерот Зоран Заев. Антикорупциска ќе продолжи да постапува во предметите отворени за него

Dragi Raskovski Generalsekretär nordmazedonische Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковскиподнесе оставка од функцијата секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на владината програма. По бројните критики во јавноста и неколкуте случаи коишто беа отворени за него, тој во својота неотповиклива оставка вели дека се повлекува за да го зачува достоинството и интегритетот. Во меѓувреме од Државната комисија за спречување на корупција, најавуваат дека продолжуваат постапките коишто се отворени за Рашковски. Станува збор за три случаи за коишто изминатиов период алармираа медиумите - за софтверот што МВР не го користи, за набавката за радарските системи од италијанската фирма Леонардо, како и за неговата имотна состојба. „Оставката на Драги Рашковски од функцијата во Влада нема да влијае врз предметите што се отворени за него. ДКСК ќе продолжи со постапување по предметите, согласно надлежностите и процедурите“, е ставот на Комисијата.

Оставката поднесена на 12 април

Рашковски изутринава на Фејсбук го објави писмото коешто на 12 април го доставил до премиерот Зоран Заев, со кое поднесува неотповиклива оставка. „Кога политиката ќе стане погласна од природните науки, тогаш работната атмосфера станува непогодна за некој кој е научен во сè да ја бара логиката. Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање позади функции“, се вели во писмото на Рашковски. Тој наведува дека како секретар бил еден од главните двигатели, иако, според него, оваа функција можел да ја извршува и писар. „Мојата улога и со оваа функција и со претходната како Генерален секретар беше да му дадеме една нова димензија на општествениот живот.  Секретар, каков и да е, може да е обичен писар. Но, може да е еден од главните двигатели. Тоа му го дава законот за Влада“, вели Рашковски.

-повеќе на темата: Од Мексико до Будимпешта

По информацијата за неговото повлекување од функцијата, премиерот Зоран Заев за медиумите потврди дека ја прифатил оставката. „Оставката на секретарот за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата, Драги Рашковски, е прифатена, тое е негова лична одлука и има право на тоа“, потврдија и од Владата.

Реакции

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека оставката на Драги Рашковски од функцијата советник во кабинетот на премиерот е само прв морален чин, по кој оставка треба да си поднесе и цела Влада. Во изјава за медиумите тој коментираше и дека не може со својата плата Рашковски да вози џипови од 70-80 000 евра и да гради хациенди.

-повеќе на темата: Заев: Нема да има емоции кон никого, никому ништо не му должам

„Драги Рашковски има и тоа колку многу причини да одговара, почнувајќи од скандалот Леонардо, преку САРХЕМС, па до најновиот скандал со набавката на софтверот на МВР, но и за непријавениот имот, џип и хациенда. Овие милионски скандали не се покриваат со оставка, потреана е одговорност и судска разврска“, велат од  ВМРО-ДПМНЕ.

-повеќе на темата: Претреси во „Инвока гроуп“, софтверот на Рашковски на мета на истражителите

Рашковски беше избран за генерален секретар на Владата во јуни 2017, а оставка поднесе во октомври 2020 година. Во  ноември стапи на нова функција – како секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на владина програма. Изминатиов период беше особено актуелен во медиумите со набавката на  софтвер за сообраќајни прекршоци од 81.000 евра кој не е во употреба. Обвинителството минатата недела изврши претрес во фирмата поврзана со софтверот - „Инвоука Гроуп“.  Реакции во јавноста предизвика и неговиот одмор во Мексико за време на пандемијата, а медиумите објавија и серија натписи за неговата имотна состојба, за што се заинтересира и Антикорупциската комисија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми