1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Рашковски излегува од куќен притвор

3 февруари 2022

Апелацискиот суд прифатил гаранција како замена на мерката куќен притвор, а гаранцијата наводно се состоела од недвижен имот во Струмица.

Dragi Raskovski Generalsekretär nordmazedonische Regierung
Драги Рашковски (архивска фотографија од периодот кога Рашковски беше генерален секретар на владата, 2019 година)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поранешниот Генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, обвинет за случајот со набавки поврзани со софтвери и исплата на хонорари од Генералниот секретаријат на Владата, излегува од куќен притвор, дознава ДВ од судски извори. Според нив, Апелацискиот суд прифатил гаранција како замена на мерката куќен притвор, а гаранцијата наводно се состоела од недвижен имот во Струмица, за кој Обвинителството не побарало замрзнување бидејќи се работело за имот стекнат пред извршување на делото за кое е обвинет Рашковски.

Во јули минатата година Основниот кривичен суд Скопје на барање на Основното јавно Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, веќа замрзна одреден имот на Рашковски и имот на неговите две малолетни деца. Имотот што сега бил прифатен како гаранција, не бил дел од замрзнатиот. Обвинителството сега нема право на жалба за укинување на мерката домашен притвор, затоа што се работи за второстепена одлука.

Почеток на судскиот процес

Укинувањето на мерката домашен притвор се совпаѓа со почетокот на судскиот процес против Рашковски и уште шест обвинети. Првото рочиште требаше да се одржи на 25-ти јануари и тогаш Рашковски до судот беше спроведен со полиција, бидејќи се наоѓаше во куќен притвор. Но, рочиштето не се одржа поради две причини: остуство на една од обвинетите, и поради тоа што предметот се наоѓал во Апелацискиот суд за одлучување по жалба на одбраната за замрзнување на имот и за жалба за издвојување докази, па судијката го закажа следното рочиште за 24-ти февруари.

Покрај фактот дека беше отворен за актуелен владин функционер, предметот за Рашковски привлече големо внимание во јавноста по неговата изјава дека не го зголемил имотот додека бил на функција и дека тоа што денес го има е истото од пред да стане функционер. Единствениот „вишок“ го посочи во парите што неговите деца ги добивале „од родендени, крштевки, мекици…“, изјава која наиде на бројни коментари во јавноста.

Обвинителството и одбраната доставија предлози за нови докази, а Рашковски изјави дека доставил дваесетина, меѓу кои и предлог да сведочи министерот за внатрешни работи во техничката влада Наќе Чулев.

„Сите знаеме дека во 2015 година јас не сум бил функционер. Не може во 2015 година да потекнуваат средства од кривично дело во 2019 година. Не треба да сте ни правник. Холивуд да го режира ова, не може да го направи“, рече Рашковски пред десетина дена.

Деновиве тој се најде во обвинувања од опозициската ВМРО-ДПМНЕ за два наводни договора во четири очи, зад кои стојат роднински врски помеѓу името на Рашковски и директор на „Дрисла“. Рашковски демантираше каква било роднинска поврзаност.

Куќен - затворски - куќен

Првата информација дека е покрената предистражна постапка против него, Рашковски го затекна на неговиот семеен одмор во Мексико, лани во март. Со отворање на истрагата, тој беше приведен на 16-ти април, и нему и на второсомничениот им беше изречена мерка куќен притвор. Откако Обвинителството се жалеше и Кривичниот совет ја прифати жалбата, на 21-ви април Рашковски замина во ефективен затворски притвор. На 19-ти мај истрагата беше проширена за уште една јавна набавка за друг софтвер, но само две недели подоцна, на 4-ти јуни, Апелацискиот суд донесе одлука ефективниот притвор на Рашковски да го замени со домашен.

Нему, како првообвинет, му се става на товар дека во периодот од јуни 2017 до февруари 2021 година како Генерален секретар на Владата извршил продолжено кривично дело злоупотреба на службената положба и кривично дело перење пари, а уште шест лица се обвинети за злоупотреба на службена положба и овластување.

Според Обвинителството, случајот со Рашковски се однесува на активности околу два софтвера: едниот за автоматско казнување за сообраќајни прекршоци и еден за биометриска идентификација. Во предметот се опфатени четири набавки - на систем за биометриска идентификација, на софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, на камери за препознавање регистарски таблички за возила, на метални кабини за биометриска идентификација, и на систем за автоматско препознавање на регистарски таблички. Според Обвинителството, Рашковски давал насоки за изготвување на документацијата со цел тендерите да се однесуваат на конкретен патент и лично комуницирал со учесниците во набавката. Со обвинението се опфатени и склучени авторски договори со две лица, на кои им исплаќал месечни хонорари, а тие дел од парите потоа му ги враќале во кеш.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми