Рашковски најави тужби
2 јули 2019
Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, на денешната прес-конференција повеќе од половина час преку презентација и слајдови ги убедуваше новинарите дека опозицијата и дел од медиумите кои ја објавија снимката за негови наводни незаконски влијанија на местење тендер на италијанската компанија „Леонардо“ за набавка на систем за управување со воздушниот простор за М-НАВ (Македонска навигација), шират лажни вести.
„Во врска со објавената верзија од аудио-записот снимен на состанокот одржан на 18 октомври 2018 година во мојот кабинет од страна на лицето Климент Чепуњовски, треба да претходат неколку факти за да се дојде до тоа да ги видиме вистините коишто беа извитоперени од страна на самиот објавувач на снимката, а понатаму презентирани од страна на партијата ВМРО-ДПМНЕ“, рече тој, по што презентираше слајдови како поткрепа на својата верзија на состојбите околу М-НАВ .
Повеќе: Зошто радарите останале без слика - што се случувало во М-НАВ?
Тој најави дека ќе поднесе тужба против Климент Чепуњовски, разрешен директор на техника во М-НАВ, поради неовластено тонско снимање, а за клевета и навреда најави дека ќе ги тужи и Иванка Василевска, Горан Момировски, Љупчо Златев, Љупчо Палевски, Миленко Неделковски, Кристијан Јандриовски, Ирена Радовановиќ, политичката партија Левица и Валон Беља. Арбитражна постапка, како што кажа Рашковски, ќе биде поднесена против порталите „Курир“, „Експрес“, „Инфомакс“ и „Лидер“.
Рашковски потврди дека гласот на снимката е негов и додаде дека е несериозно да се објават само 15-тина минути од разговорот кој што траел околу еден час. Тој на прес-конференцијата го објаснуваше процесот за спроведување на тендерот за набавка на системот за управување со воздушниот простор (АТВ систем), откако беше објавена аудио-снимка за негови наводни незаконски влијанија на местење тендер на италијанската компанија „Леонардо“ и кажа дека постапката е почната во 2014, а дека изборот на компанијата „Леонардо“ го извршил поранешниот директор на М-НАВ, Живко Поповски.
„Таткото на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Поповски, Живко Поповски е тој кој го направил изборот и за тоа добил одобрување од Европската банка за обнова и развој преку која се водела постапката. Врз основа на тој избор, во декември 2018 година е склучен договорот. Ревизија е направена откако дојде оваа Влада на проектот за зградата, за чија изградба се предвидувале 1,8 милиони евра. По направеното вештачење е констатирано дека таа цена е соодветна“, рече Рашковски.
Генералниот секретар на Владата не одговори конкретно дали ќе поднесе оставка.„Кога ќе стигне пресуда од судските органи за кривичната постапка, ќе седнеме повторно да разговараме“, рече Рашковски.