Рајнхард Гриндел - претседател за кој никој нема да жали
Јоша Вебер
3 април 2019
Кога стапи на функцијата, изгледаше како способен дојденец, но Германскиот фудбалски сојуз го напушта како пропаднат губитник. Рајнхард Гриндел самиот придонесе за тоа, смета Јоша Вебер.
Реклама
Добри намери не му недостасуваа. Рајнхард Гриндел на 15 април 2016 година, кусо откако го презеде претседателствувањето со Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ) и тргна кон новинарите, ДВ беше првиот медиум за кого го даде првото интервју. Првото прашање упатено до новопечениот шеф беше каков претседател сака да биде. Гриндел одговори како и обично, комликувано и по малку политички. „Сигурно ќе се оди на тоа да се извлечат консеквенцiи од аферата со Светското првенство 2006, во согласност со тоа да се воспостави управа во која подобро ќе функционира контролниот механизам и која ќе се погрижи за транспарентност и отвореност.“ Транспарентност и отвореност - во светот на некогашните обвинувања за корупција против врвот на ДФБ, поради што Волфганг Нирзбах поднесе оставка, тоа беше важно ветување за љубителите на фудбалот во Германија. На крајот сепак сѐ се изјалови, бидејќи не се држеше до овие ветувања.
На 2 април сѐ се вртеше, додуша само површно, околу еден часовник. 6.000 евра вредниот подарок за рачниот зглоб на највисокиот претставник на германскиот фудбал сигурно нема никогаш да биде изложен во Дортмунд, во Музејот на фидбалот. Всушност штета, бидејќи тоа навистина би бил интересен и контроверзен експонат. Гриндел овој часовник го наведе како причина за својата оставка. „Се извинувам поради тоа што со својата малку непримерна постапка во врска со прифаќањето на еден часовник ги потврдив бројните предрасуди кои постојат кон лицата кои се ангажирани во фудбалот.“ Сеп Блатер оваа судбина го стигна поради милионските плаќања, Волфганг Нирзбах поради матните работи околу Светското првенство 2006, а Рајнхард Гриндел падна поради еден часовник? Не, тоа не е баш толку едноставно.
Го донесе Европското првенство во Германија, а остана неомилен
Прифаќањето на скапиот подарок, што Гриндел го означи како „љубезен гест“, секако беше онаа популарна капка која ја прели чашата. Гриндел во последните недели ја загуби поддршката од ДФБ, клубовите во Бундеслигата рака на срце никогаш не ги ни имал зад себе (со неговиот избор и вештиот маневар на професионалните здруженија кои ги преплавија дојденците од политиката), а за навивачите тој е секако фигура кон која немаа ниту малку симпатии. По овој претседател сигурно никој нема да жали.
Но, од друга страна, тоа е зачудувачки. Бидејќи, тоа што Гриндел успеа на ДФБ да му овозможи организирање на Европското првенство во фудбал 2024 е признание за секој спортски работник, и е такаречи автоматски поврзано со добивање симпатии. И фактот дека Гриндел со новите спонзорски договори во Сојузот, кој брои 7 милиони членови и е најголемиот спортски сојуз во светот, обезбеди подобра економска поддршка, не му донесе поддршка во германскиот фудбал. Зошто? Затоа што секогаш одново ги навредуваше луѓето.
Каде исчезна политичкиот инстинкт на Гриндел?
Сеедно дали стануваше збор за дијалогот со фановите, кога гледаше само во својот телефон, или за време на интерните консултации на кои дозволуваше да се чуе само неговото мислење - на Гриндел му недостасуваа клучните карактеристики кои тој како некогашен новинар и пратеник во Бундестагот, всушност, мораше да ги има: чувство за комуникација и политички инстинкт. Гриндел исто така предвремено му го продолжи договорот на селекторот на репрезентацијата Јоахим Лев, одвратно се однесуваше кон Месут Озил, а прими и 78 илјади евра надоместок за неколку седници како шеф на Надзорниот одбор на медиумите на ДФБ. Би било добро да биде посоветуван да се откаже и од своите функции во ФИФА и во УЕФА и да повлече јасна линија и наместо сето тоа, како што најави, да учествува во разјаснување на сопствената афера. Време е за транспарентност и отвореност.
Најдобрите германски репрезентативци на сите времиња
Во германската репрезентација отсекогаш имало извонредни фудбалери. Жири составено од спортски новинари ги одбра најдобрите 11-мина на сите времиња, кои во иднина ќе можат да се видат во „Куќата на славните“ во Дортмунд.
Фотографија: picture alliance/dpa/W. Baum
Сеп Мајер
Сеп Мајер, поради неговата агилност, беше нарекуван и „Мачката од Анцинг“. Голманот со своите 95 настапи е рекордер меѓу бранителите на мрежата во германската репрезентација и со неа стана европски шампион во 1972 година и светски шампион во 1974 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Паул Брајтнер
Дефанзивниот играч од средината на теренот Паул Брајтнер важеше за генијален стратег на теренот и за спорен револуционер надвор од него. Во 1974 година тој стана светски шампион со германската репрезентација, а две години претходно европски шампион.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Франц Бекенбауер
Најголемите успеси на Франц Бекенбауер се титулите светски шампион во 1974. како играч и во 1990. како селектрот на германската репрезентација. Тој важи за легенда на германскиот фудбал и со неговата леснотија и извонредна техника тој ја промени играта на либерото како никој друг играч во светот. Тој се разбира е „почесен капитен“ на германската фудбалска репрезентација.
Фотографија: picture-alliance/empics/N. Simpson
Андреас Бреме
Одбранбениот играч Андреас Бреме со еден шут испиша германска фудбалска историја. Тој, имено, во финалето на Мундијалот во 1990 година успешно го изведе пеналот за 1:0 и конечна победа против Аргентина. Бремедолги години беше бек од светска класа, еднакво добар со двете нозе - тогаш новитет во меѓународниот врвен фудбал.
Фотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb
Фриц Валтер
Фриц Валтер припаѓа кон извонредните личности на германскиот фудбал. При освојувањето на светската титула во 1954, тој не само што беше капитен на репрезентацијата, туку и продолжена рака на теренот на тренерот Сеп Хербергер. Освен тоа, Валтер беше првиот играч во историјата прогласен за „почесен капитен“ на германската фудбалска репрезентација.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Лотар Матеус
Тој беше исклучителниот играч на СП во Италија во 1990. Лотар Матеус беше доминантна фигура во германската репрезентација, која на крајот ја освои титулата. Тој е рекордер по бројот на настапи во репрезентацијата - 150 и по настапи како капитен - 75. Матеус играше на вкупно пет светски првенства и е еден од само шесте „почесни капитени“ на германската фудбалска репрезентација.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Kleefeldt
Матијас Замер
Двигател, стратег, борец: Матијас Замер прво играше 23 пати за репрезентацијата на Германската Демократска Република, а по обединувањето и за репрезентацијата на Сојузна Република Германија. Во 51 натпревар тој постигна 8 голови. Негови најголеми успеси беа освојувањето на европското првенство во 1996. во Англија и второто место на ЕП 1992 во Шведска.
Фотографија: Bongarts/Getty Images/Lutz Bongarts
Гинтер Нецер
Тој се смета за естет и за прв хедонист на германскиот фудбал. И е еден најдобрите играчи од средниот ред на сите времиња. Нецер беше „десетка“ која со своите додавања знаеше да ги „послужи“ соиграчите. Во 1972 година со репрезентацијата стана европски првак, на СП во 1974 играше само на еден натпревар и не се чувствуваше како светски првак. Десет години беше член на германската репрезентација.
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bajzat
Хелмут Ран
„Ран би морал да шутира, Ран шутира, гоооол“, врескаше во 1954 година репортерот Хеберт Зимерман пренесувајќи го на радио натпреварот од Берн. Десното крило Хелмут Ран го постигна решавачкиот гол за 3:2 против Унгарија во финалето на СП и ја одушеви целата нација. „Шефот“, како што го нарекуваа поради угледот и улогата на лидер на теренот, за репрезентацијата одигра 40 натпревари и постигна 21 гол
Фотографија: picture-alliance/dpa
Герд Милер
Герд Милер беше голгетер каков што ретко се гледа. Во 62 натпревари за репрезентацијата постигна 68 голови. Милер погодуваше особено кога беше најважно. Во финалето на СП 1974 го постигна одлучувачкиот гол за 2:1 против Холандија.Во 1972 година „бомбардерот на нацијата“ беше во репрезентацијата која го освои европското првенство. Милер едноставно погодуваше од секоја ситуација и во секоја можност.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P.Robinson
Уве Зелер
Уве Зелер е единствениот „почесен капитен“ на репрезентацијата кој никогаш не станал светски првак. Своевремено Зелер се сметаше за еден од најдобрите напаѓачи во светот и беше вистински џентлмен. Како капитен на репрезентација на Мундијалот во 1966 година го освои второто место, а на СП во 1970. - третото. Зелер во 72 натпревари за репрезентацијата постигна 43 гола.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Schnoerrer
Сеп Хербергер
Селекторот Сеп Хербергер важи за мозокот на „Чудото од Берн“, кога Германија во 1954 стана светски првак победувајќи го во финалето неприкосновениот фаворит - Унгарија. Хербергер на играчите им беше како втор татко и секогаш се трудеше со нив да воспостави добри човечки односи. Од 1936 до 1942 и од 1950 до 1964 година беше селектор на германската фудбалска репрезентација.