Рајс: Македонија е подготвена за членство во НАТО
18 април 2012![](https://static.dw.com/image/4434151_800.webp)
Вратите на НАТО мора да останат отворени за која било европска демократска земја што сака да и’ се придружи, смета поранешната американска државна секретарка Кондолиза Рајс.
Говорејќи во Фондацијата Херитиџ во Вашингтон, Рајс порача дека Македонија е подготвена за членство во Алијансата.
„Работев напорно за надминување на македонското прашање за името, знам луѓе што се’ уште се обидуваат да го надминат македонското прашање за името и можеби и ќе биде. Јас сум многу благонаклонета на интеграцијата на која било земја што е подготвена, и ми се чини дека Македонија е подготвена“, одговори Рајс на прашање од претседателот на Обединетата Македонска Дијаспора Методија Колоски.
„Што се однесува до Украина и Грузија, важно е да се признае дека за време на самитот во Букурешт, во заклучоците на НАТО всушност се вели дека овие земји ќе станат членки на НАТО и тоа беше афирмативен заклучок за нивното право да се приклучат“, изјави Рајс за време на настапот во фондацијата „Херитиџ“.