Рајс со порака до Косово
24 јули 2007
Висок американски претставник кој присуствувал на сребата во Вашингтон изјави дека косовските челници јасно ставиле до знаење дека интензитетот на нивната желба за независност не е променет, ниту ќе се промени, но дека нема да дејствуваат на своја рака и ќе работат со САД и Европа. Американската министерка Кондолиза Рајс, ги повикала на трпение и нагласила дека САД остануваат на ставот дека Косово треба да биде независно.
Според косовскиот претседател, Фатмир Сејдиу, Косово и натаму ќе биде партнер на меѓународната заедница и ќе соработува со САД и Европската унија и за време на планираните нови преговори за статусот на покраината. Косовскиот премиер, Агим Чеку изјави: ”Ние денеска разговаравме за модалитетите на прогласување независност на Косово, но не станува збор за еднострано прогласување независност, туку за прогласување независност со согласност и поддршка на САД и ЕУ.
Сејдиу за агенцијата Асошиетед прес изјави дека САД го увериле Косово дека некои земји ќе дејствуваат бргу по периодот од 120 дена преговори за да ја признаат независноста на Косово и тоа без оглед на приговорите на другите земји.