Реакции на седницата на ОН од Белград и Приштина
28 мај 2005Косовоската влада позитивно го оцени текот на седницата на Советот за безбедност и смета оти оценките изнесени на седницата се признание за нејзината досегашна работа. Портпаролот на косовската влада Даут Даути во првичната реакција истакна:
„Ставот на владата на Косово во однос на сите настапи кои вчера беа видени на седницата на Советот за безбедност е позитивен. Високо го оценуваме настапот на господин Петерсен кој изнесе реална оцена и го истакна ангажирањето на косовската влада. Но и настапот на останатите дипломати ја потврди подготвеноста за чекори кои сигурно водат напред. Ваквата иднина ќе донесе само позитивни чекори и ќе ги доведе албанската и српската страна на преговарачка маса. “ истакна Даути
Од друга страна претставникот на косовските Срби Оливер Ивановиќ вели дека не е изненаден од текот на оваа седница
„Не сметам дека оваа седница е особено значајна прво што немаше никакви посебни одлуки, второ поради тоа што однапред се знаеше од кои позиции ќе тргне специјалниот претставник Петерсен, но истовремено се знаеше и каков ќе биде одговорот на Кофи Анан, и на српската страна.“
Ивановиќ уште сублимира дека сите членови на Советот за безбедност се искажаа слично, односно дека напредок постои но потребно е уште многу работи да се довршат. Сепак без разлика на тоа колку се исполнети стандардите, меѓународната заедница ќе го отвори прашањето за Косово
„Конечниот статус е нешто далечно но мислам дека разговорите ќе започнат во септември. До решение ќе се дојде дури во оној момент кога двете страни ќе бидат подготвени за компромис.“ дополни Ивановиќ
Денеска со реакција на седницата на Советот за безбедност се огласи и официјален Белград. Претседателот на Србија и Црна Гора Светозар Маровиќ изрази задоволство поради урамнотежените ставови изнесени на седницата на Советот за безбедност.
„Особено сум задоволен што делегацијата на Србија и Црна Гора на седницата на Советот за безбедност истакна принципиелен став дека мора да се почитуваат меѓународните принципи, почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Србија и Црна Гора“ се вели во соопштението од кабинетот на претседалот на Србија и Црна Гора.