1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Револуцијата во нашите умови

Гордан Георгиев
29 мај 2019

Добра е Македонија во која СДСМ знае да ги послуша критиките и да се преобмисли себеси. И добра е Македонија во која ВМРО-ДПМНЕ покажува знаци на еманципација од катастрофалните минати политики. Пишува Гордан Георгиев.

Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Од револуцијата не сме задоволни. Не беа ни Французите од онаа во 1789, ни Русите од 1917, ни повторно Французите од 1968. Револуцијата е химера, фатаморгана која завршува со последниот ѕвечок на гилотината. Потоа сѐ продолжува по старо, особено во главите на револуционерите. Па сепак, нашите (про)шарани револуционери можат помирно да спијат. Тие си ја завршија својата работа, го симнаа Груевски од власт. Сите очекувања над ова се покажаа како горчливи плодови на таканаречената постреволуционерна депресија. Оние коишто ја имаа спуштено револуционерната летвичка на минимум (како јас на пример) можат да бидат задоволни од исходот на револуцијата. Мојата борба беше едноставна: одам по улици за да падне Груевски, ништо повеќе. Бев реалист, го барав во тој момент невозможното.

Но, жестокоста од критиките на довчерашните соборци (колку излитено звучи ова „соборци") бавно, но опстојно, ја создава тивката револуција во нашите умови. И за тоа треба да бидат горди - и добронамерните и злонамерните критичари на оваа власт. Очекувањата и дочекувањата од револуцијата се подобри од самата револуција. А тие очекувања секојдневно создаваат ршум на македонската политичка сцена.

Месијанизам

Заев изненади. Не очекував да изненадат другите околу него, под и над него, но тој изненади. Покажа исклучително висок инстинкт за политичко и физичко преживување. Месијанизмот, кој природно се изроди од тоа, не се покажува (барем засега) како канцероген, иако месијанизмот секогаш предоцна ги покажува роговите. 

Претходни колумни: 

Дилемите на ВМРО-ДПМНЕ

Уживајте во политиката

За метлата и опинците

Смените во СДСМ биле козметички? Биле фингирани? Се лажете. Најфингирани да се, не сте свесни колку тоа удира по висококалоричните суети на сменетите функционери. И на несменетите. Во бескрајниот лавиринт на суети наречен политичка партија, зависта, ситењето и газењето по лешеви е најдобро уигран спорт. Утре да ги врати потполно истите луѓе на истите позиции, пак нема да биде исто. Ако е точно дека Заев на сопартијците им кажал дека тој ја избира државата (а државата е тој, полуцинично би додале) наспроти недозреаните партиски поединци, и тоа го поздравуваме. Од друга страна, примерот на бившиот министер за земјоделие, а денес (само) партиски секретар, покажува за свеста, лојалноста и разбирањето на каузата од страна на некои сопартијци. Волно или неволно, во моментов е сеедно. За резултатите од промените во СДСМ рано е да се зборува, впрочем во моментов има само разрешувања, а не и назначувања. Но впечаток е дека секоја објективно лажна „козметика“, објективно во очите на проблематично објективната јавност, ќе биде дочекана на подолг и поостар нож.

Алергична јавност

Работите ќе мора да почнат да се бистрат, и сведоци сме на воспоставување на тешки преседани во македонската политика. Ваква јавност, алергична на сѐ и сешто, некритична понекогаш во своите опсервации и очекувања, создава потенцијал за долготрајна (р)еволуција и во самите партии. Одамна е познато, клиентелизмот во партиите и премолчената согласност помеѓу партиите за стратешките прашања од нивни интерес, се проблем број еден во Македонија. Груевски се обиде да го скрши тоа тркало, но методот му беше погрешен: сакаше да го уништи противникот за да остане сам на сцената. Сегашната динамика е различна. Јавноста е толку наелектризирана, што самото тоа создава неверојатно триење и искри кои се закануваат да го запалат довчерашниот клиентелизам и премолчен консензуз. По цена и да „горат“ партиите на естаблишментот. Партиите ќе морат да почнат да дуваат и на јогурт, бидејќи врелото млеко веќе им прави пликови на рацете. Да, бизнисот ќе си врви, корупцијата ќе си го најде патот како водата што секогаш го наоѓа, но претпоставката е дека сето ова ќе оди многу потешко од претходно. Пораката која граѓаните ја испратија на СДСМ на овие претседателски избори беше токму таа: немојте да нѐ зае...те! И мислам дека ја разбраа, неволно, но ја разбраа.

И ВМРО-ДПМНЕ покажува скромни, но важни знаци дека го разбира ова. Кој би рекол... Им требаше време да го изџвакаат, но убеден сум дека го разбрале, останува само методолошки да се спакува за да не се сетат Власите. Најавениот чин на гласање против Груевски т.е. за одземање на неговиот пратенички мандат е револуција во нивниот начин на восприемање на работите. Тоа мораме да го поздравиме. После ова би морало да следи слично соопштение од ИК на ВМРО-ДПМНЕ доколку истиот Груевски се појави како првообвинет или инспиратор на настаните од 27-ми април. И толку. Ова ќе откочи сериозни процеси во најголемата опозициска партија, нешто за што искрено и без зла намера се залагам одамна.

Еманципирачки баланс

Добра е Македонија во која СДСМ знае да ги послуша критиките и од позиција на добиени избори и држење на власта се обидува да се преобмисли себеси. И добра е Македонија во која ВМРО-ДПМНЕ покажува знаци на еманципација од катастрофалните минати политики. Секој одделно има свои себични интереси (доаѓање на власт!), но и критичката јавност покажува голем степен на себичност. И тоа е добар баланс.

Каде ќе нѐ одведе оваа претпоставена тивка еманципација? Во помирни води секако. Оној кој ќе биде способен да го фати возот, добро ќе помине. Останатите ќе згаснат, можеби ќе се појават некои нови и подобри, ќе видиме. Но дека ништо нема да биде како претходно, тоа би требало да го знаеме и да го поздравиме. И да му кумуваме. И да продолжиме да критикуваме.

Згора на сѐ, нашиот европски пат би требало дополнително да нѐ стабилизира и да нѐ врами во насока на добро владеење и поставување на долгорочни демократски стандарди. Упс.. каков европски пат?!?

Германија (ЦДУ/ЦСУ) токму вчера ни рече дека нема да ја поддржи Македонија за брз почеток на преговори. Германија, а не Франција! Што се однесува до Франција, Макрон би нѐ избркал од кабинетот доколку некој дојде и му бара прием на Македонија во ЕУ, вели добриот познавач и наш пријател Миша Глени. Ок, данке и мерси. Ќе пробаме сами.

Ви изгледа ова писание премногу оптимистичко, нереално, вон контекст, речиси бљак? Па јас не пишувам за денес, за утре пишувам. Денес денот е веќе поминат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми