1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Револуцијата е жива додека сме ние живи“

Јулијане Мецкер / Е.М. Фиданоска3 април 2015

За идеалите на сириската револуција од 2011 година во денешна Сирија нема место. Но тие преживеаја до денес. Студентката Софи Хадад за остварување на она во што верува дури склучила пакт со вооружените опозициски групи.

Фотографија: Reuters

Во либанскиот главен град Бејрут се стемнува. Младата Сиријка Софи Хадад погледнува од прозорецот надолу, кон светлата на градот кои треперат. Нејзините очи се движат наваму-натаму, како да бара нешто што одамна го загубила. Почнува да пее: „Демонстрираме мирно пред универзитетот и извикуваме: Слобода! Со обединети гласови веќе не се плашиме од смртта. Времето на ропство мина.“ Строфите се од песна која ја напишала во 2011 година за револуцијата во Сирија.

Софи Хадад не е нејзино вистинско име. Нејзината насмевка не е безгрижна. Пред една година побегнала од Сирија во Либан. Притоа, нејзината приказна се разликува од повеќето од приказните на 1,1, милиони сириски бегалци во земјата. Нејзиното вистинско име стои на листата со имиња по кои трага режимот на Асад, а и „Исламска држава“ повеќе би сакала Софи да е мртва, отколку да е жива. „Веќе не му верувам никому во Сирија. За мене не е безбедно да се вратам пред да заврши војната“, вели таа.

Младите Сиријци пред четири години одушевено гледаа како режимите во Тунис и Египет паѓаат како домино-коцки. Тогаш 22-годишната Софи, студентка по археологија, со своите колеги студенти планирала демонстрации на „Денот на гневот“ пред сириското Министерство за внатрешни рбаоти во Дамаск. „Вечерта пред демонстрациите лежев и гледав во таванот. Што ќе се случи? Знаев дека нашиот режим е брутален. Но цврсто верував дека нашата мирна револуција ќе победи.“ Наредното утро ја научило дека не е така. Кога студентите се собрале пред Министерството, на нив веќе чекале собрани сириски војници. Тие со палки ги растерале демонстрантите. Софи се извлекла преплашена.

Крај на мирната револуција

Во март следуваа нови протести во градот Дераа, во јужниот дел на Сирија. Тогаш првпат се пукаше во демонстрантите. Загинаа четири лица - први жртви на револуцијата. „Ни стана јасно дека за слободата ќе платиме со крв. дека ќе не‘ апсат, измачуваат и убиваат. Но бевме подготвени на тоа“, вели Софи. Кога почнаа да гинат се‘ повеќе луѓе во Дераа, Хомс и другите градови, таа носи ризична одлука - заедно со се‘ уште младата „Слободна сириска армија“ (ФСА) шверцува помош во лекови и храна за луѓето во регионите каде што има судири. Самата ФСА беше составена во најголем дел од дезертери од војската на режимот.

Борби во Алепо, 11.09.2013Фотографија: Reuters

„Не бев од почеток за тоа да се браниме со оружје. Но откако режимот изврши повеќе масакри во сириските градови, веќе немаше друг излез“, го оправдува Софи самовооружувањето на ФСА. Во март 2012 година со свои очи ги видела вистинските размери на судирите меѓу сирискиот режим и ФСА во Хомс. Градот во западниот дел на Сирија беше поле на повеќемесечни борби. „Влегов во град на смртта. Режимот постојано бомбардираше цели квартови. каде и да погледнев имаше урнатини и запалени куќи. Почна сириската граѓанска војна.“

„Мислев дека сум неранлива“

Во Хомс дошла за со својата камера да го документира разурнувањето на градот. Во Сирија само мал број од т.н. медиумски активисти беа жени. Софи е една од првите кои научиле како да се конфронтираат со хорор-сликите и како сето тоа да го издржат: „Можеби ќе речете дека сум луда, зашто гледав толку многу мртви, а сепак продолжував со својата работа. Мислев дека сум неранлива.“

Во текот на 2012 година сирискиот режим со поддршка на либиската Хезболах-милиција успева да ги врати во свои раце стратешките пунктови кои ги имаше освоено ФСА. Вооружениот отпор стануваше послаб. Исламистички групи, како добро организираниот Нусра-фронт, ја презедоа командата. Еден ден Софи добила повик од Нусра-фронтот дека сакаат да ја видат. „Се плашев. Лицето на револуцијата се претвори во гримаса. Не можев да дозволам исламистите да ја преземат комплетно контролата. Затоа се согласив на соработка со нив.“ Софи, која е секуларно настроена, му поверувала на човекот од Нусра-фронтот дека ним не им е до тоа да прогласат исламска држава.

Борци на Исламска држава на сириско-ирачката граница, 7.07.2014Фотографија: picture-alliance/Zuma Press/M. Dairieh

Лов на медиумски активисти

Речиси година и половина Софи шверцувала и снимала под капата на ФСА и Нусра-фронтот. Но веќе не се чувствувала безбедно. Зашто повеќе активисти од нејзиното опкружување биле подмолно убиени. Главен осомничен на почетокот на 2014 година беше една релативно непозната страна во конфликтот - Исламска држава (ИД). Но активсти гинеа и во региони кои беа цврсто во рацете на ФСА. „Како медиумски активисти се обидувавме да ја пренесеме вистината за војната во Сирија. Откривме дека во ФСА има предавници кои соработувале со сирискиот режим. Тие сакаа да не‘ тргнат“, вели таа.

Да се остане во Сирија со сигурност би било самоубиство, па Софи бега во Либан, во март 2014 година. Истиот месец, според нејзини наводи, умираат 76 активсти и членови на ФСА кои и‘ биле пријатели, меѓу кои и нејзиниот свршеник Ахмад.

Оттогаш мина една година. На прашањето што денес е останато од револуцијата, таа самоуверено одговара: „Јас и многумина други кои сега живеат во странство. Кој сака да ја одржи револуцијата во живот, мора да остане жив. Еден ден, кога оваа војна ќе заврши, ќе имаме собрано доволно сила за повторно да ја изградиме нашата земја.“

Дотогаш Софи сака да им помага на сириските бегалци. Таа во Либан сега нуди музичка терапија за сириските жени и деца, кои како и таа самата страдаат од воена траума.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми