Етаблираните народни партии слабеат. Зелените и Либералите се во подем но и десните популисти. Европарламентот ќе биде шарен. Изноѓање компромис и мнозинство нема да биде едноставна мисија, смета Бернд Ригерт.
Реклама
Судбоносните избори кои пред се така ги нарекоа големите партии од центарот завршија. Една третина од мнозинството гласачи во ЕУ како и претходно гласаа за про-европските партии. Преземањето на моќта во Европскиот парламент од десните популисти останува нереално ветување, во кое веруваше предводникот на десничарските антагонисти, италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини. Во ЕУ победи пред се моделот на либерална демократија, иако со многу сериозни регионални акценти.
Во Франција десните популисти втор пат по ред станаа најсилна опција на европски избори. Во Италија триумфираше Салвини. Во Унгарија десните популисти веќе подолго време се водечка партија. Во Полска загубија дел од гласовите но сепак остануваат најголемата сила. Полошо од очекувањата поминаа десничарските противници на ЕУ од различни причини во Германија, Австрија, Данска, Холандија и Шпанија. Генерално растот во Европскиот парламент е се уште во подносливи граници. Бидејќи на националистите нема да им успее да се организираат во една фракцијс, ќе ја отежни работата на парламентот.
Тежиштето се менува, но про-Европејците остануваат силни
Судбоносен избор беше европската одлука за политичарите и заштитниците на климата. Зелен бран протече низ делови на ЕУ и им донесе неочекувана поддршка и раст на Зелените. Нивната фракција најверојатно ќе биде поголема од онаа на десните популисти околу Салвини што е голем успех. Очигледно демонстрациите за климата и учениците кои штрајкуваа мобилизираа многу гласачи под 30 години – особено во делови од Западна Европа, пред се во Германија, Франција, Луксембург и Финска. Во источна и јужна Европа, Зелените и еколошката политика ала шведската активистка Грета Тунберг, не играа никаква улога.
Судбината им ги затропа силно и на вратата на етаблираните партии од центарот, таканаречените Народни партии. Двата блока, Христијанските демократи и Социјалдемократите загубија многу мандати, додека Зелените и Либералите од друга страна се мошне засилени. Во моментов не е возможно формирање мнозинство од големите партии. Во најмала ќе биде потребна коалиција со Либералите, а веројатно и со Зелените.
Тоа ќе има влијание уште во вторник на специјалниот Самит на ЕУ. Тогаш претседателите на држави и влади ќе разговараат за најважните персонални одлуки. Едноставната формула, дека врвниот кандидат на најголемата група, имено христијанските Демократи, ќе биде прв човек на моќната Европска Комисија, не важи веќе. Нештата стојат лошо за германскиот кандидат од ЕВП, Манфред Вебер.
Од германски аспект е особено впечатлива судбината на социјалдемократите. Тие забележаа пад и за прв пат во Германија со изборниот резултат се зад Зелените. Во Европа има и спротивен тренд: во Шпанија, Италија и Холандија Социјалдемократите поминаа добро, што помогна на европско ниво социјалдемократската фракција да помине исто како и христијанските демократи. Листата национални особености може да се води до недоглед. Во Грција лево-популистичката влада западна во криза. Во Австрија победи конервативниот канцелар, иако сега се соочува со гласање доверба. Во Полска грашанската опозиција повторно се буди.
Збирка од национални особености
Одлучувачките избори се одлучени. Големата слика е дека Европа оди напред, но со фрагментиран парламент. Многу повеќе гласачи се огласија на изборите отколку што беше очекувано. Излезност од 50 проценти не е нешто на што може да се гордее една демократија, но сепак е најголема во последните 20 години. Порастот се должи пред се на надпросечната мобилизација во големите земји како Германија, Франција, Шпанија и Полска. Па дури и во Велика Британија каде изборите заради претстојниот Брегзит беа сосем излишни излезноста не беше нула, напротив се забележа и пораст. Гласачите сакаа да си ја искажат својата фрустрација, но дадоа и изненадувачки многу гласови на про-европските Либерали. ЕУ останува тоа што од секогаш и била: исклучително шарено, тешко разбирливо друштвенце, кое на крај мора да прави компромиси. Тоа е нејзината судбина.
Поглед кон многуте лица на Европа
„Тука е Европа. Како изгледа? Како шарено исфарбана лудница“, се потсмеваше поетот Курт Тухолски во 1932 година. Што е оттогаш променето? Лицата на Европа покажуваат: борбата за единство се исплати!
Фотографија: Getty Images/S. Gallup
Европа: Повеќе од Меркел
Германската канцеларка Ангела Меркел на многу ноќни заседанија во Брисел или други места ги смируваше раскараните влади и ги воведуваше во еден колосек. Или можеби во нејзиниот колосек? Нејзините критичари во ЕУ се жалат на доминација на Меркел, некои велат дека таа е шефица на Европа. Тоа, се разбира, е погрешно - формално погледнато.
Фотографија: Reuters/Y. Herman
Новата Европа: Макрон се бори за реформи
Кога француските војници се постројуваат пред Триумфалната капија, тогаш атмосферата е полна со патос, но и национализам. Европа? Тоа беше идејата за надминување на националистичките тенденции и непријателства. За францускиот претседател Емануел Макрон гордоста на неговата „гранде“ нација и вербата во една нова Европа не се спротивности. Макрон се бори за реформи.
Фотографија: picture-alliance/abaca/C. Liewig
Грета Тунберг не е сама
Девојчето со плетенки (во средина на сликата) во моментов е највозбудливото лице на Европа. 16-годишната Грета Тунберг од Шведска со „Училишниот штрајк за климата“ иницираше глобално движење. Во многу земји учениците во петоците не одат на настава, туку излегуваат на протести од кои ги повикуваат политичарите на акција за заштита на климата.
Фотографија: Imago/IP3press/V. Isore
Жената со име Кончита. Жена?
Австриската пејачка Кончита Вурст е сликана по нејзиниот голем успех - победата на Евросонг 2014 година во Копенхаген. Пејачка? Самонаречената „Dragqueen“ е уметникот Том Нојвирт, кој денес впрочем изгледа сосема поинаку отколку на оваа фотографија. Успехот на Кончита го славеа не само фановите на поп-музиката, туку и многумина кои се залагаат за отворена Европа.
Фотографија: Getty Images/R. Singsaas
„Не ве сакаме“
И ова се лица на Европа: демонстрации на ултрадесничари во Брисел против странците кои во Европа доаѓаат како бегалци. Повод за безредијата во декември 2018 година беше Миграцискиот пакт, кој европските политичари претходно го склучија во Маракеш.
Фотографија: Reuters/F. Lenoir
„We never go out of style“: Мода во Милано
Европа е шик - особено во Милано, за време на Неделата на модата. И, види: Европа е и разнолика. Овде, на пример, на пистата има манекени од различни земји, во класични модели на германската дизајнерка Џил Сандер. Кога дизајнерката од Хамбург креира, Европа се облекува со многу стил!
Фотографија: picture alliance/Photoshot
Волјата на народот. Но која волја?
Поглед одозгора врз пленарната сала на Европскиот парламент во Стразбур: Кога се сите присутни, во клупите седат 751 жени и мажи, избрани за период од 5 години од страна на граѓаните од - сѐ уште - 28 земји членки. Европратениците по изборите треба да ја застапуваат волјата на граѓаните. Но, со оглед на разликите во ЕУ, се поставува прашањето: Која волја?
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger
Виктор Орбан: Поглед на Европа од десно
Кога картата на ЕУ ќе се погледне одозгора, Унгарија се наоѓа десно од Брисел. Прилично подесно. Тоа што таму владее Виктор Орбан, еден националистички настроен политичар, за врвот на ЕУ во Брисел е мачно. Орбан, на свој начин, е успешен десен популист, што не секаде во Европа се прифаќа со радост.
Фотографија: Reuters/B. Szabo
Гордоста на Французите: "Allez les bleus!"
Француската фудбалска репрезентација на тренинг. Во 2018 година „сините“ станаа светски прваци, а насмеаниот Килијан Мбапе (во средина) на последниот натпревар против Хрватска го постигна решавачкиот гол за резултат 4:20. Мбапе е Французин, мајка му е од Алжир, татко му од Камерун. Мултикултурност - за многу луѓе во Франција тоа е нешто што се подразбира само по себе.
Фотографија: Imago/PanoramiC/A. Bibard
Европа старее
До 2025 година речиси 30% од европските граѓани ќе бидат постари од 60 години. Во оваа пешачка зона во Италија тоа веќе може да се препознае. Што значи демографската промена? И дали ЕУ ги нема сите причини за на луѓето од странство да им посака добредојде? Само за пример - во Гана само 4% од населението е постаро од 65 години.
Фотографија: picture alliance/AP Images/L. Bruno
Муслимани во Бугарија
Човек на молитва во Бугарија. Православна Бугарија, која се граничи со Турција и со регион на повеќе исламски земји, има голем број граѓани со исламска вероисповед. Секој седми жител е муслиман. Многумина на тоа гледаат како на закана наместо како на богатство.
Фотографија: BGNES
Федерика Могерини и погледот кон светот
Како „Висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика“ италијанската политичарка Федерика Могерини е надлежна за меѓународни прашања. Во ЕУ постојано се слуша барање за заедничка надворешна политика. Но досега нема „министер/ка за надворешни работи“ на ЕУ.
Фотографија: Reuters
Патување опасно по живот
Чамец со бегалци од Сирија и Ирак пред грчкиот остров Лезбос. Сѐ уште многу луѓе го ставаат својот живот на коцка и тргнуваат на опасно патување кон Европа. Криумчарите на луѓе со тоа заработуваат огромни суми пари. Според проценки на хуманитарните организации, во 2018 година во Средоземното Море се удавиле повеќе од 2.000 бегалци.
И во некои земји членки на ЕУ има млади луѓе кои и покрај доброто образование и квалификации попусто бараат работа. Овде, на пример, млади стојат пред огласната табла на Агенцијата за работа во Ваљадолид, Шпанија. Во оваа јужноевропска земја стапката на невработени млади, според Евростат, изнесува речиси 38%. За споредба: во Германија таа е само 6,6%.