Регионалните избори во Каталонија закана за шпанското единство?
25 ноември 2012Резултатите од гласањето на кое денеска се повикани Каталонците има важност за цела Шпанија. Имено со изборот на новиот регионален парламент, тие индиректно ќе одлучат за тоа, дали регионот ќе се заложи за независност од Шпанија. Каталонија има автономен статус впрочем уште од 1979 година.
Каталонскиот премиер Артур Мас веќе со месеци најавува, во случај да биде реизбрана неговата националистичка партија во економски најсилниот регион на земјата ќе одржи референдум за создавање на независна држава. Шефот на владата на регионалните избори гледа како на „прв круг“ на рефередумот за независност, кој тој го планира.
Широка согласност меѓу населението
Според анкетите Мас и каталонските националисти може да се надеваат на јасна победа на изборите, но не и да освојат апсолутно мнозинство.
Мас на една манифетсација најави: „Избирачите одлучуваат за нашето самоопределување и нашата слобода и една сопствена држава меѓу нациите на Европа и светот“. Мас на последниот предизборен митинг во Тарагона ги повика своите приврзаници: „Потребна ни е сопствена држава за повторно да можеме да живееме подобро“. Многумина Каталонци и покрај автономниот статус се чувствуваат како да се под туторство на централната шпанска држава.
Јасно Не од Мадрид
Владата во Мадрид е одлучна со сите средства да спречи евентуална сепарација. Таа смета дека намерата за отцепување од Шпанија е нелегална и најави дека ако е потребно ќе го вклучи и Уставниот суд.
Шпанија без Каталонија би загубила на значење. 28 проценти од шпанскиот извоз доаѓа од овој регион. Каталонија стопанисува една петина од шпанскиот БДП, но има само 16 проценти население. Вкупно таму живеат 7,6 милиони луѓе.
Меѓутоа и за Каталоија независноста би била експеримент со неизвесен исход. Регионот не би станал автомаски членка на ЕУ. Комесарот за правда на ЕУ Вивијан Рединг јасно стави до знаење дека независна Каталонија нема повеќе да припаѓа на ЕУ и еврозоната, туку би морала да побара прием. Со ова комесарот Рединг го подржува ставот на централната влада во Мадрид.