Редовно образование по исламска религија во Австрија
17 јули 2006Досега имаше различни обиди за модели на ниво на покраините кои во Германија се одговорни за школството, со различни концепти и соработка со различни партнери од муслиманска страна. Во соседната Австрија се користи сосема различен модел: преку две децении во тамошните државни училишта постои единствен систем за образование на исламската религија за кој зборуваме во рубриката „Дијалог на културите„. Прилогот го подготви Еберхарт Нембах:
18-годишниот Ишак Ерин е роден виенчанец, син на турски родители и штотуку матурираше. Меѓу другото и во областа „Исламска религија„. Тоа постои веќе две децении, но за многумина тоа е се уште нешто посебно, констатира Ишак, зашто на неговиот испит присуствуваа многу наставници од чиста љубопитност:
„Нормално е за нашите наставници да не се навикнати некој да матурира на исламската религија. Тоа всушност, се случува многу ретко. Нормално е, при нашата матура претседателот никогаш да не постави никакво прашање, ниту пак директорката. Но, само кај исламската религија постои таков интерес кај наставниците„.
Ишак при испитот мораше да одговара на различни прашања за човековите права во исламот, потоа за социјалните давачки што се бараат од исламските верници. Една муслиманска соученичка зборуваше за принудните бракови кои Ишак ги смета за немуслимански. Жените, за разлика од мислењето на многумина во Европа, не се потиснувани ниту во исламот, смета Ишак, туку од патријархалните мажи кои го злоупотребуваат Исламот:
„Мислам дека слушателите на овој испит видоа оти исламот не е таква религија за каква што слушнале пред тоа или како што претходно си ја замислувале„.
Од неговата наставничка Гимири Ајтак, Ишак доби оценка „многу добар„. Таа носи елегантна свилена шамија на главата и за време на наставата. За разлика од делови во Германија и во принцип во цела Франција, за муслиманските наставнички во Австрија носењето шамии на главата не е проблем. Сосема е нормално, вели Ајтак:
„Се разбира, јас сум дури и должна да го правам тоа. Како наставничка по религија и јас самата треба да ги живеам идеалите на религијата, нели„.
Госпоѓа Ајтак предава во сосема нормално државно училиште. Попладне доаѓаат муслиманските ученици на редовна настава по ислам. Сето тоа е многу поуиграно отколку во покраините во Германија и има историски причини. Уште во царските времиња исламот во Австрија беше признаен од државата како официјална религија, а денес, тогаш основаната верска заедница во Австрија официјално ги застапува интересите на Муслиманите што живеат таму. Таа ги определува содржините на наставата по религија во јавните училишта кои се наоѓаат под државна контрола:
„Во мојото клас директорот може да дојде во секое време и да ја следи наставата. Вратата е постојано отвроена и секој може да слуша. Ние го пренесуваме, така да се каже, исламот благословен од исламската верска заедница„.
Во наставата, наставниците според тие насоки, акцентот го ставаат врз сопственото критичко размислување на учениците, врз општетсвената одговорност, врз образование за мир и врз тоа дека исламот е поврзан со европскиот и австрискиот идентитет. Наставничката Ајтак вели:
„Мислам дека е многу важно, зашто децата преку наставата создаваат дел од својата личност и идентитет. Мислам дека тоа е особено важно. Зашто тогаш увидуваат дека се прифатени, дека се членови на ова општество и дека можат дури да следат настава и за сопствената религија„.