Резолуција на ОН против тероризмот
9 октомври 2004Цел на резолуцијата е да биде пронајден секој што планира терористички акти, ги поддржува, ги финансира или ги изведува и да биде изведен пред судот на правдата.
По заложничката драма во северно-осетскиот град Беслан каде што на 3 септември беа убиени повеќе од 340 луѓе, Светската организцаија беше принудена за тероризмот барем симболично да биде активна. Прифатена е иницијативата на Русија за резолуција чија тажна актуелност, според рускиот амбасадор Андреј Денисов уште еднаш стана многу јасна:
“Ужасните напади во Пакистан и Египет и убиството на британскиот заложник во Ирак покажуваат дека политичката солидарност во борбата против тероризмот мора да се дополни со ефикасни практични мерки“.
Тероризмот, се вели во резолуцијата, е една од најголемите закани за мирот и безбедноста во светот. Нема никаква можност за политичка, филизофска или религиозна легитимација на криминалните активности во кои луѓето се повредуваат, се убиваат или се земаат како заложници за да се принудат државите или орагнизациите на одредени отстапки. Германскиот претставник Гинтер Плојгер го истакна пред се сигналот на решителност:
“Беше многу важно што оваа резолуција е едногласно усвоена. Одржувањето на единството претставува најголема вредност и е во целост е во интерес на сите земји-членки на Обединетите нации“.
Британскиот амбасадор Џонс Пери сепак предупреди во борбата против тероризмот да не бидат заборавени основните приницпи:
“Заканата од тероризмот ја конфронтира демократијата со дилемата да се совладаат оние кои не ги признаваат нејзините вредности. Анти-терористичките стратегии мораат да бидат во согласност со меѓународните закони и да ги почитуваат човековите права“.
Инаку, ќе биде оптимирана работата на меѓународниот комитет за антитероризам формиран по нападите од 11 септември 2001. Тој многу бргу ќе мора да предложи официјална листа на терористички организации. Побарано е и подготвување на сосема нова организација: фонд на ОН за жртвите од тероризмот.