260711 60 Jahre UN Flüchtlingskonvention
27 јули 2011Извештајот на УНХЦР, Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации, за состојбата со бегалците во 2010 година е шокантен: над 43 милиони лица ширум светот ги напуштиле своите домови, што претставува рекорд во изминатите петнаесет години. Главната причина се кризни жаришта, каде немирите траат веќе со децении:
„Има појава на уште повеќе нови жаришта. Од почетокот на годинава тоа е случај со Брегот на Слоновата Коска, Либија, Сирија, Јемен. Во исто време старите кризи не се завршени. На пример, Авганистан, каде се војува веќе дваесет години, а ист е случајот и со Сомалија и Конго“, вели Комесарот за бегалци на ОН, Антонио Гутереш, кој кон средината на јуни во италијанскиот главен град Рим го претстави извештајот за состојбата со бегалците во 2010 година.
Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации го претстави новиот извештај токму во градот, во кој вестите за бегалци од Северна Африка секојдневно ги полнат весниците. Италијанската влада зборува за „цунами од бегалци.“ Притоа станува збор за едвај осумнаесет илјади бегалци од Либија, кои некако стигнуваат до италијанскиот остров Лампедуза, со што им се отвора патот кон ЕУ.
Кавгите околу прифаќањето на бегалците се срамни, вели германскиот претседател Кристијан Вулф, кој се залага за изедначен систем за азил на европско ниво.
„За Европа, која живее во мир, владеење на правото и демократија, покажувањето солидарност со оние на кои им треба заштита треба да се подразбира само од себе“, истакнува Вулф.
Земјите од третиот свет се први во помошта
Факт е дека четворица од петмина бегалци живеат во земјите од третиот свет, потврдува и комесарот за бегалци на ОН Гутереш. Во најголемиот број случаи, соседните земји се оние кои први ги отвораат границите. Најнов пример за тоа е Кенија, која со оглед на кризата со глад во Рогот на Африка прима бегалци од Сомалија и Етиопија.
Што се однесува до 27 милиони внатрешно раселени лица, кои морале да ги напуштат своите домови поради разни конфликти, граѓански војни или природни катастрофи, состојбата изгледа понадежна - минатата година три милиони од нив се вратиле во своите огништа.
Автор: Хале Јепесен/Трајче Тосев
Редактор: Симе Недевски