Во Германија живеат повеќе странци од било кога во историјата. Но, контроверзниот прилив на бегалци нема ништо заедничко со тоа, велат надлежните. Расте и бројот на македонски државјани.
Реклама
Бројот на пријавени странски доселеници во Германија и натаму расте. На крајот на 2017 година биле пребројани 10,6 милиони лица со странско државјанство во земјата, соопшти Сојузниот завод за статистика.
Со тоа, бројката пораснала за 585 илјади или 5,8 проценти во однос на претходната 2016 година. Растот е и далеку над просекот од претходните 10 години, кој изнесуваше по околу 388 илјади луѓе годишно, иако во 2016 година приливот на странци се зголеми за 13 проценти. Од 2009 година бројот на странски доселеници во Германија континуирано се зголемува. Основа причина е доселувањето од земјите на ЕУ- во прв ред од новите членки како Полска, Романија и Бугарија. Порастот на доселеници од овие земји во 2017 година е 439 илјади луѓе.
„Меѓу 2007 и 2017 странските граѓани со државјанство на една од новите земји-членки на ЕУ се зголеми од 919 илјади на 2,6 милиони“, соопшти службата.
Од друга страна, приливот на странци од земји надвор од ЕУ се намалил. Од ткн. трети земји биле регистрирани 163 илјади нови жители, за разлика од 2016 година кога нивниот број изнесувал 665 илјади. Особено од Сирија, Ирак и Авганистан, во Германија доаѓаат далеку помалку луѓе.
Бројот на доселените македонските државјани, во меѓувреме, и натаму се зголемува. Според официјалната државна статистика, на крајот на 2017 година во Германија живееле 99.435 македонски државјани. Тоа е зголемување за речиси 4.000 луѓе во однос на 2016 година кога македонските државјани биле 95.570 на број. Во однос на последните седум години, од 2010 до 2017 година, се бележи драматично зголемување на доселени македонски државјани- од 65.998 во 2010 до 99.435 на крајот на минатата година.
10-те германски топ-градови за живот и работа
Каде има најмногу работа? Кои градови посебно добро се развиваат? Едно истражување ги стави под лупа германските градови. Резултатот покажа, успешни се првенствено центрите на автомобилската индустрија.
Фотографија: picture-alliance/Horst Ossinger
На врвот: Минхен
Каде се живее најдобро во Германија, каде стопанството е најсилно? Минхен веќе со години ја предводи листата на најуспешни германски градови. Добрата инфраструктура и високиот квалитет на живот повторна ја доведоа баварската престолнина на топ-позицијата. Но, за првото место треба првенствено да им заблагодари на многубројните индустриски претпријатија, како автомобилскиот производител БМВ.
Фотографија: picture-alliance/Marc Müller
Изненадување: Волфсбург
Градот од Долна Саксонија тешко може да освои награда за убавина. Но, поради динамиката, Волфсбург со своите 124.000 жители стигна на второ место. Тој е град на автомобилите во секој поглед: неговото срце чука во погоните на Фолксваген, кои со површина од 6 квадратни километри се големи колку Гибралтар. Секое работно место во Волфсубрг, директно или индиректно, зависи од Фолксваген.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Успешен и динамичен: Инголштат
Тоа што е Фолксваген за Волфсбург, за Инголштат е Ауди: баварскиот град не само што се одликува со голема економска моќ, туку последните години и многу се разви. Бројот на невработените е мал, а на инженери - голем, со овие одлики го освои третото место. Оние кои живеат таму, заработуваат натпросечно, околу 50 илјади евра годишно.
Фотографија: picture alliance/Daniel Kalker
Богат и убав: Ерланген
Помалку од 3 проценти од населението на градот зависат од социјална помош, што е најниска стапка во цела Германија. Но, луѓето во Ерланген се и многу образовани, речиси две третини од учениците стекнуваат диплома за средно и вишо образование, а речиси секој трет има универзитетска диплома.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Најкреативен: Штутгарт
На петто место на најуспешните градови е престолнината на Баден Виртемберг. Тоа го постигна благодарение на својот голем пронаоѓачки дух. Со над 1.300 патенти на 100.000 жители, Штутгарт е најкреативниот град во Германија. Регионот цвета со децении. Работни места носат автомобилските производители Мерцедес и Порше, како и фабриката за електрични апарати Бош.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Продуктивен: Регенсбург
Градот на Дунав пулсира првенствено како град на мислители. Но, има многу повеќе да понуди од живописниот стар центар. Жителите на Регенсбург годишно остваруваат 75.000 евра бруто домашен производ по глава. Посебно се истакнува инфраструктурата-просечното време на возење до најблискиот автопат во Регенсбург е само 3 минути.
Фотографија: Fotolia/camera work
Креативен: Берлин
Берлин веќе подолго време е во тренд, го посетуваат туристи од цел свет, иако стопански не е многу силен. Па сепак, метрополата и економски сѐ‘ повеќе се развива. Берлин со својата креативна сцена е идеално место за интернет и компјутерската бранша. Многу големи фирми ги преместија своите седишта во престолнината. Бројот на жителите расте, за разлика од многу градови на истокот на Германија.
Фотографија: picture-alliance/W. Steinberg
Град на спротивности: Франкфурт
Банкарска метропола, Мека за недвижности и град со највисока стапка на криминал во Германија. Тоа се двете лица на Франкфурт. Младите луѓе таму имаат добра перспектива, на околу 106 места за стручно образование доаѓаат 100 кандидати. Жителите на Франкфурт придонесуваат кон бруто домашниот производ со над 80.000 евра по глава на жител. Со тоа Франкфурт е трет град во Германија според продуктивност.
Фотографија: Fotolia/davis
Убав живот на исток: Лајпциг
Уште еден град од источна Германија: Лајпциг привлекува со ниски кирии и разнолика културна сцена, но и со атрактивни работодавачи. Минатите години таму се населија и Порше, БМВ и ДХЛ. Со тоа понудата за работа порасна за 20 проценти. Така, Лајпциг се најде на петто место на најдинамичните градови во Германија.
Фотографија: picture alliance/ZB
На крајот: Рурската област
Листата на најуспешни градови ја покажува и огромната разлика меѓу германските големи градови. Далеку под сите е структурно слабата Рурска област: Гелзенкирхен, Оберхаузен и Дуисбург се борат против високата невработеност и големите долгови.