Туристичката бранша се се збогува од една успешна година. Во 2018 година е остварен глобален рекорд што се однесува до патувањата. Особено активни патувачи беа жителите на Азија и на Латинска Америка.
Реклама
Годнината која завршува беше година со помалку страв од терористички напади и тоа се гледа по бројот продадени аранжмани за патувања во странство и општата побарувачка за овие патувања. Тоа е резултат на истражувањето на „World Travel Monitora®", кое го издава туристичката консултанска компанија ИПК Интернешнал.
Последниот квартал во 2018 година, за волја на вистината, сѐ уште не е анализиран (не е во конечниот биланс), но и без него годината е многу успешна.
Азија и Латинска Америка на врвот на листата
На врвот на листата, кога се работи за патувањата во странство, се Азија и Латинска Америка. Кај нив се бележи пораст од 8 отсто. На пат први тргнуваат Кинезите и Мексиканците - за да запознаат други земји и култури.
Подготвеноста на Европејците за патувања (во првите 8 месеци од годинава) порасна за 5 насто, а кај Северноамериканците за 4 отсто.
Враќање на обиколувачките патувања
Со години патувањата во големите градови бележеа раст, но тоа во 2018 година за првпат се промени. Стапката на раст е многу помала отколку што се очекуваше. „Причина за тоа се т.н. оувертуристи (кои ги „напаѓаат“ атрактивните метрополи), кои ги имаше секаде во медиумите во последно време, па поради тоа луѓето можеби и не сакаа да тргнат во посета на големите градови“, објаснува Ролф Фрајтаг од ИПК Интернешанл.
Затоа пак, од друга страна, профитираат аранжманите за капачите и оние кои сакаат да го поминат одморот на плажа - за првпат во последните неколку години тие по стапката на раст ги надминаа и посетите на големите градови. Освен тоа, класичните обиколувачки патувања се враќаат на голема врата - плус од 4 насто.
Помалку страв од терор
Влијанието на теророт за однесувањето на туристите малку се намали, тврди ИПК. Во споредба со 41 насто (во истиот период минатата година), сега 38 отсто од меѓународните туристи велат дека последните предупредувања за можни терористички напади влијаат на нивните планови.
Само мал број луѓе е подготвен во целост да се откаже од патувањата поради терор. Од друга страна, стравот од терор влијае на порастот на атрактивност и побарувачка за цели кои се на глас дека се безбедни. Дестиниции со посебно добар имиџ се Швајцарија, скандинавските земји или Канада и Австралија. Но, од друга страна, негативниот имиџ по тоа прашање го поправија Тунис и Египет.
Десет најомилени знаменитости во светот
Порталот за туризам Trip Advisor ги обелодени добитниците на наградите Travellers' Choice Awards за најомилени знаменитости во светот. Порталот месечно го посетуваат повеќе од 340 милиони корисници.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Kahnert
10. Миланска катедрала, Италија
Миланската катедрала по површина е трета најголема црква во светот. Во нејзината внатрешност посетителите ги очекуваат повеќе од 2000 скулптури.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Naupold
9. Линколн Меморијал, САД
Кој е во посета на Националната алеја во Вашингтон, мора во секој случај да мине оттука: Линколн Меморијал, под кого се протега огромен базен кој рефлектира светлина.
Извонреден примерок на маварскиот градежен стил е тврдината Алхамбра во Гранада. Таа е дел од листата на Унеско на Светско културно наследство и е една од најпосетените знаменитости во Европа.
Фотографија: picture alliance/R. Linke
7. Црква Вознесение Христово, Русија
Со впечатливи бои и голем број орнаменти: црквата Вознесение Христово во Санкт Петербург е изградена по урнек на познатата московска катедрала Свети Василиј.
Фотографија: DW/S. Savchenko
6. Катедрала на Надбискупијата во Кордоба, Шпанија
Маварската и христијанската уметност се обединуваат во оваа градба, еден од најголемите Сакрални објекти на Земјата. Катедралата била изградена пред осмиот век и тоа како Голема џамија во Кордоба. Откако во 1236 година Кордоба била освоена од христијанските сили, таа станува црква.
Фотографија: picture alliance/Robert Harding
5. Таџ Махал, Индија
Изграден од страна на Големиот могул Шах Џахан како мавзолеј за неговата голема љубов, Таџ Махал во Агра важи за еден од најубавите примери на могулскиот стил.
Фотографија: picture-alliance/dpa
4. Базилика Свети Петар, Ватикан
Базиликата на Свети Петар секојдневно ја посетуваат по околу 20.000 аџии. Темелите на базиликата се ставени во 1506 година, а таа се градела околу 120 години. За верниците ширум светот базиликата важи за светилиште на Римско-католичката црква.
Фотографија: Imago/Broker/M. Brandl
3. Ангкор Ват, Камбоџа
Огромниот комплекс на храмови е впечатливо сведоштво на културата на Кмерите. Комплексот потекнува најверојатно од 12. век.
Фотографија: picture-alliance/AP
2. Џамија на шеикот Зајед, Обединети Арапски Емирати
Монументалната Џамија на шеикот Зајед во Абу Даби има место за 40.000 верници. Накитена со илјадници Сваровски-кристали таа остава впечаток со својот блескав раскош.
Фотографија: imago/T. Müller
1. Мачу Пикчу, Перу
И, на крајот фаворитот во рангирањето на Trip Advisor. Градот е изграден од Инките во 15. век, на височина од 2500 метри, на Андите.
Фотографија: Reuters/E. Castro-Mendivil
10 фотографии1 | 10
Турција закрепнува, Шпанија стагнира
Кога се во прашање патувањата во Европа, Турција со 30 насто повеќе гости е јасен победник. И Грција може да се пофали со пораст од 19 отсто. Хрватска, според податоците на Хрватската туристичка заедница, до крајот на ноември забележа 6 насто повеќе гости за разлика од истиот период во минатата година. Во исто време Велика Британија поради Брегзит бележи пад на туристи за 3 отсто, а по години постојан раст на број на гости Шпанија бележи стагнација.
Позитивен поглед напред
Стручњаците од ИПК и натаму предвидуваат позитивен туристички развој и за 2019 година, тие очекуваат раст од 6 насто. Светскиот патнички монитор се базира на половина милион репрезентативни барања во над 60 туристички седишта ширум светот, се спроведува повеќе од 20 години и важи за најголемо континуирано испитување од овој вид во светот.
Историја на капењето
Културата на капење датира уште од античко време. Од бањите во Рим до масовниот туризам - патот е долг. Ви нудиме мало патување низ времето и развојот на културата на капење.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Спакувај го костимот за капење...
... се вели во еден до денес омилен шлагер од 1950-тите. Топлата вода, синото небо и сонцето секое лето на плажите, како оваа на Северно Море, привлекуваат милиони луѓе. Кој нема плажа во близина, оди на капење на езеро или на базен. Водата со векови ги привлекувала луѓето, а секој временски период донесол своја култура на капење.
Фотографија: picture-alliance/chromorange
Римските бањски мајстори
Римјаните биле бањски фанатици. Уживале во многу бањи, како оваа на фотографијата. Во жешка, топла или млака вода се потеле и смрзнувале и мажите и жените, но одвоени едни од други. Ритуалите на капење ја имале за цел пред се‘ хигиената, но Римјаните се собирале во бања и да си поразговараат, да склучат зделки или едноставно да се релаксираат.
Фотографија: imago/Scherf
Бањата како место на грев
По пропаѓањето на Рим пропаднале и бањите. Но луѓето во Средниот век во никој случај не се стеснувале од капење. Во места за капење како ова тие влегувале во када, иако црквата го осудувала прекумерното капење како неморално. Исто како во Рим, и во Средниот век бањите биле место на средби, а понекогаш и место на грев. Имено, понекогаш мажите и жените се капеле заедно.
Фотографија: imago/imagebroker
Многу помага многу!
Водата не е едноставно вода. Минералните извори од 15. век почнале да привлекуваат богати болни кои сакале да го забрзаат своето оздравување. Девизата била „Многу помага многу“, па гостите во бањите морале да минуваат во вода по неколку часа. Програмата на лекување и опоравување била дополнета со многу храна, пијалоци и прослави. Свештените лица се муртеле поради толкавата опуштеност.
Фотографија: picture alliance/akg
Задоволство за богатите
Наскоро оние кои сакале капење се „преселиле“ од кадите на море. Хајлигендам на Балтичкото Море е прво германско морско место за одмор кое привлекува гости од цел свет од 1793 година. Во идилата уживал дури и рускиот цар. Престојот во Хајлигендам чинел многу, а богатите тука биле сами. Народот се капел на езеро или на река.
Фотографија: gemeinfrei
До море со кочии за капење
Бреговите набрзо биле полни со одморалишта. Сепак, се сметало за несоодветно една жена да оди да се капе во близина на мажи. Затоа, гостите до морето се пренесувале со т.н. кочии за капење. Така дамите можеле да се капат в море без да бидат набљудувани од страна. Во тоа време голем број градови почнале и со градење места за капење на реките.
Фотографија: picture-alliance/maxppp
Летна свежина
На оваа фотографија од островот Узедом се презентираат „Убавци во Албек“. Летната свежина што ја нуди морето за многу луѓе на почетокот на 20. век станувала се‘ подостапна. Меѓутоа, жените оделе на посебни плажи. Тоа траело се‘ до 1920-тите, кога брачните парови почнале да се капат заедно.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Се капе цел народ
Не минало многу време, а капењето станало забава за сите. На почетокот на 20. век многу градови имале јавни места за капење кои финансиски можел да си ги дозволи речиси секој. Кој сакал да заштеди на влезница, можел налето да се капе на езеро, како овде, на берлинското Ванзе. Капењето станало народен спорт. „За секој Германец капење еднаш неделно“, препорачал еден кожен лекар во 1870 година.
Фотографија: Aktuelle-Bilder-Centrale, Georg Pahl-by-sa
Капење на „шведски начин“
Приврзаниците на капење без костими ги прекршувале сите „добри обичаи“. Тие сакале да и‘ бидат поблиску на природата. Чуварите на моралот ги напаѓале остро оние што сакале „шведско“ капење, како што се нарекувало капење без облека. Првите голи капачи во Германија се појавиле околу 1900. год. Голотијата била и мерка против разнежнување. Многу голи капачи биле активни во десниот политички табор.
Фотографија: Deutsche Fotothek
Одмор на „Унгарско море“
Германците во поранешната ГДР исто така сакале да уживаат на плажа, и тоа не само на домашното Балтичко Море. За разлика од Германците од западниот дел на Германија, тие не смееле да патуваат на Запад. Езерото Балатон во Унгарија било една од алтернативите. Граѓаните на ГДР си носеле конзерви за јадење, зашто инаку немало да можат да си дозволат да заминат на одмор.
Фотографија: AFP/Getty Images
Нема место за пешкир
Капењето денес е забава за сите. На некои плажи затоа е претесно. Сепак, се‘ уште има делови од брегот кои се осамени, се‘ додека од медиумите не бидат означени како „место за препорачување“. За капење без турканици е добар и базените, кои во време на одмори се речиси празни. Така секој може да негува култура на капење каква што најмногу му одговара.