Ренесанса на германската надворешна политика?
30 јануари 2014Германската канцеларка Ангела Меркел во својата владина изјава вчера (29.01) рече дека еден од четирите столбови на нејзината политика е Германија „да преземе одговорност во Европа и светот“. Во спротивно, „ќе им нанесеме штета на нашите партнери и себеси - политички, економски и штети на нашите вредности“, нагласи канцеларката. По „политиката на воздржаност“ која беше водена со години, канцеларката со ова и‘ дава на германската надворешна политика нова важност. Притоа, Германија во надворешната и безбедносната политика ќе се потпира на вмрежување на воените и цивилните средства, потенцираше Меркел.
Таа конкретно го најави она што новата министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен го побара во неколку интервјуа уште пред неколку дена - Германија посилно да се ангажира за смирување на состојбите во два африкански конфликтни региони. Имено, треба да се прошири мисијата во Мали и да и‘ се даде поддршка на Франција во нејзината мисија во Централна Африка.
Пледоаје за активна надворешна политика
Министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер во својот говор во парламентот вчера не се осврна на Африка, но она што го кажа во основа беше многу близу до она што го зборуваше канцеларката. Светот во текот на изминатите години е „радикално променет“, оцени Штајнмајер, со што ја почна аргументацијата за активна, односно поактивна надворешна политика. Многу кризи се приближени до Германија. „Последиците од надворешнополитичкото дејствување или недејствување“ секогаш ќе ја допираат и Германија, рече Штајнмајер. Европа „се концентрираше сосема на себе“, што „во борбата против кризата“ сигурно беше неопходно. Притоа, меѓутоа, се изгуби од вид „она што се случува од другата страна на работ на европската чинија“.
Актуелни конфликтни жаришта
Штајнмајер, кој беше министер за надворешни работи и во првата влада на Меркел, во периодот од 2005 до 2009 година, ги наброја кризните жаришта во светот. Тој прво ги наведе Блискиот Исток и арапскиот свет, каде се потценуваат „драматични влошувања“. Во Украина се врати „форма на немир“, за која што се мислеше дека веќе не е можна во Европа. Авганистан, според Штајнмајер, не смее „едноставно да се врати на состојбата на конфликти од 2001-та“. И Источна Азија треба да се има во вид. Тамошниот судир меѓу Кина и Јапонија, кој само навидум се одвива околу островите, не е безопасен и при неговиот третман е потребен приод со посилна „историска длабочина“.
Штајнмајер својот став за ново дефинирање на надворешната политика го образложи и со европската релааност. Германија е најголемата, најбројната и економски најсилната земја во ЕУ. „Ако ваква земја се држи настрана, тогаш конлфиктите нема да бидат решени затоа што ќе нема кредибилни предлози“. Затоа, во случајот на Сирија, е исправно учеството во уништувањето на хемиското оружје. Сирија е добар пример за политика на воено воздржување, која не смее да биде погрешно сфатена како „култура на држење настрана“.
Критики од опозицијата
Партијата на левицата останува на својот став за отфрлање на мисии на Бундесверот во странство и тоа јасно го повтори експертот за надворешна политика на оваа партија, Волфганг Герке. Левицата е стриктно против тоа „Бундесверот да биде инструмент на надворешната политика“. Сите тековни мисии треба да се запрат, бараат левичарите.
Фритхјоф Шмит од Зелените упати критика на повеќе надворешнополитички теми од коалициониот договор меѓу ЦДУ, ЦСУи СПД. Во договорот е предвидено да се остане и натаму на „необврзувачки регулации“ во делот на извоз на оружје. Владата сака да се залага за свет без атомско оружје, но е застапник за модернизација на атомското оружје на НАТО. Тоа е „водење двојно книговодство“, криткува Шмит, кој вели дека доволно „политичка магла“ има и кај дискусијата за вооружени беспилотни летала.