1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Adler WMK-Aus

5 мај 2010

Рене Адлер го откажа учеството на Светското фудбалско првенство во Јужноафриканската Република, нема да го чува голот на германската фудбалска репрезентација. Нејзиниот состав треба да биде објавен утре (06.05.2010).

Најтешка одлука во животот-АдлерФотографија: AP

Сојузниот тренер на германската фудбалска репрезентација Јоахим Лев утре (четврток, 06. мај 2010) треба да го објави својот прелиминарен избор на кандидати за настап на претстојното светско првенство во Јужноафриканската Република. Изборот принудно му се стесни - Рене Адлер, токму голманот кој беше предвиден да го чува голот, мораше да го откаже учеството.

Откажувањето на Рене Адлер дојде неочекувано, иако всушност можеше да се предвиди. Тој доживеа искршеница на ребро на средбата со Штутгарт на 17 април и веднаш беше опериран. Но, по само две недели 25-годишниот голман на Бајер од Леверкузен сепак настапи на првенствениот натпревар против Херта минатиот викенд, со специјален штит за горниот дел на телото. Контролниот преглед по средбата покажа дека е нужна нова операција, па на Адлер не му преостана ништо друго, освен да го откаже учеството на светското првенство. За него, како што вели самиот, тоа било најтешко решение што морал да го донесе досега во животот. Но, болката била толку силна, што не бил сигурен дали ќе може да даде се’ од себе на тренинзите и натпреварите.

Разочарување по одлуката на Адлер

Навивачите реагираат со жалење:

„Жал ми е за Рене, радо ќе го гледав на Светското првенство. Но, здравјето е најважно. Сега мора да се опорави за во наредната сезона да биде фит.“

„Мислам дека тој е најдобриот голман што го имаме, а сега нема да оди на првенството. Штета за него и за германскиот фудбал.“

Кој ќе биде голман на репрезентацијата?

Сега, по откажувањето на Адлер, речиси е јасно дека иден број 1 во репрезентацијата ќе биде Мануел Нојер од Шалке, а негова резерва Тим Визе, голман на Вердер од Бремен.

На потег е тренерот Јоахим ЛевФотографија: picture alliance / dpa

Чисто спортски погледнато, репрезентацијата нема да биде позначајно ослабена со неучеството на Адлер. Прашање е кој ќе биде повикан како трет голман. Адути на Франк Рост од Хамбургер и на Јерг Бут од Бајерн Минхен се нивното искуство и добрата форма во сезонава што изминува. Алтернатива е и Роман Вајденфелер од Борусија Дортмунд. Наводно, веќе е решено во полза на Бут, но за тоа нема потврда од Фудбалскиот сојуз на Германија.

Патем, претходно учеството на мондијалот го откажа и Симон Ролфес, соиграч на Адлер од тимот на Бајер. Но, со оглед на повеќемесечната пауза на Ролфес поради повреда, никој ни не сметаше веќе на него.

Автор: Волфганг ван Кан/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми