1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Репортери без граници контра тајната служба

16 јануари 2020

Германската разузнавачка служба (БНД) го надгледува интернетот ширум светот - сосема легално. Странски новинари, меѓу кои и еден македонски, сакаат да го соборат законот и поднесоа тужба пред Уставниот суд во Карлсруе.

Bundespräsident besucht Bundesnachrichtendienst
БНД собира, анализира, обработува и делумно и на странски служби предава многу податоци „за многу непрецизни цели и од неважни поводи“, вели МоиниФотографија: picture-alliance/dpa/W. Kumm

Ако не беше Едвард Сноуден немаше да го има ниту во 2017 година реформираниот Закон за Германската разузнавачка служба (БНД). Зашто дури со откритијата на свиркачот стана познато дека германската тајна служба е длабоко вмешана во НСА-аферата. Сноуден со своите документи, обелоденети во 2013 година, покажа како американската Агенција за национална безбедност (НСА) со помош на БНД ги надгледувала интернет комуникациите ширум светот. Погодена беше дури и германската канцеларка Ангела Меркел.

Со трансатлантскиот скандал тогаш се занимаваше една комисија на германскиот Бундестаг, која поттикна промена на законот за БНД. Речено-сторено! Од сето тоа произлезе една многу контроверзна нова верзија на законот, зашто од надгледување без повод сега се сигурни само Германците. Против тоа беше поднесена тужба пред Уставниот суд во Карлсруе од страна на меѓународната организација „Репортери без граници“. Усната расправа почна неделава. Пресудата се очекува за неколку месеци.

На законот се жалат и неколкумина истражувачки новинари од странство. Тие се загрижени за својата и за безбедноста на своите информанти. Македонскиот репортер Горан Лефков истражува случаи на корупција, честопати, како што вели, и со директна или индиректна врска со Германија. Тој често е зависен од извори со кои комуницира преку телефон, имејл или Месинџер.

Повеќе:

Странските новинари се жалат на германската тајна служба

Германската тајна служба ја поткопува слободата на печатот

Горан Лефков: „Тоа е опасност за основните и човекови права“

„Ако се прислушуваат разговорите на моите информанти, тогаш моите извори ќе молчат“, вели Лефков. Затоа тој законот за БНД го смета за „тежок напад врз истражувачкото новинарство и со тоа и на слободата на печатот“. Новинарот оди и чекор понатаму: „Тој е опасност за основните и човекови права.“

Германската влада и БНД сметаат дека стравувањата се неосновани. Тие се на мислење дека е неопходно масовно надгледување на странци во странство пред сѐ во рамки на антитерористичката борба. „Уловените“ информации по потреба се меморираат и се предаваат натаму на странски тајни служби.

Повеќе:

Долгиот пат до Берлин на Германската разузнавачка служба

Прислушување: Шоуто мора да продолжи

Шефот на кабинетот на канцеларката: Прашање на војна и мир

Шефот на кабинетот на канцеларката, христијанскиот демократ Хелге Браун, укажува на актуелните тензии како во Ирак или Либија. За таа цел Германија има потреба од доверливи информации кои би стигнале за неколку часа. „Прашањето кој стои зад еден напад може да одлучува за војна и мир“, вели тој.

За тужителите е сфатливо тоа што БНД надгледува комуникација во странство, но тие, укажувајќи на универзалните човекови права, сметаат дека е неуставно да се прави разлика помеѓу Германци и странци. Освен тоа, според нив, дури и само од технички причини е невозможно да се филтрира без грешки светската комуникација преку телефон, имејл или чет.

Блаж Згага: „Новинарите се на вистинската страна“

Словенечкиот новинар Блаж Згага ја дели загриженоста на својот македонски колега Горан Лефков. Навистина не е неопходно која било тајна служба да ја надгледува неговата работа, која тој ја извршува во интерес на јавноста, вели Згага. „Мислам дека ние новинарите сме на вистинската страна. Зошто нѐ шпионираат?“ Истражувачките новинари и онака имаат тешка работа, додава тој: „Има многу притисок, закани и правни проблеми.“ Систематско надгледување ја прави работата уште потешка, „затоа што многу потенцијални извори едноставно имаат преголем страв да нѐ контактираат.“

Бижан Моини, кој од страна на „Репортери без граници“ е ополномоштен за постапката пред Уставниот суд, изразува увереност по усната расправа. Станува збор за тоа телекомуникациите да бидат заштитени во основа. Уставниот суд сега мора да реши „дали таа заштита треба да ја почитува и БНД кога собира податоци во странство преку надгледување на интернетот“, вели Моини.

Тој смета дека во моментов се претерува и дека БНД собира, анализира, обработува и делумно и на странски служби предава многу податоци „за многу непрецизни цели и од неважни поводи“. Германците исто така од американската тајна служба НСА очекуваат „да не нѐ надгледува масовно без повод“, вели Моини, додавајќки дека би било многу од помош „кога еден значаен суд во една значајна земја би ѝ ставила граници на БНД“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми