Реприза на финалето од Мундијалот и квалификации за ЕУРО 2016
3 септември 2014По само 50 дена откако Германија го освои трофејот на Светскиот куп во Бразил, Јоахим Лев ги собра своите фудбалери за освојување на следниот предизвик. По денешниот (3.09) пријателски натпревар во Диселдорф против Аргентина, тимот кој од Германија го загуби финалето на Мундијалот во Бразил, работите ќе станат посериозни за Германија, бидејќи започнуваат квалификациите за Европското првенство во 2016 година. Првиот натпревар е против Шкотска во Дортмунд и ќе се одигра в недела (07.09.).
„Следната голема цел за нас по финалето во Рио секако е финалето на Европскиот шампионат во Париз“, рече Лев на прес-конференција вчера попладне. Германија има одиграно 18 натпревари без пораз во низа, а последниот пораз беше од САД во јуни 2013 година, па националната репрезентација сака да го продолжи тој тренд.
По повлекувањето од репрезентацијата на капитенот Филип Лам, на рекордерот по постигнати голови Мирослав Клозе и на Пер Мертезакер, но и по неколкуте повреди на почетокот на домашната сезона, националниот фудбалски тим е во процес на надградување на успешните темели поставени во Бразил.
Новиот капитен не е во игра
Во националниот тим се враќаат Марко Ројс и Марио Гомез, кои го пропуштија Светското фудбалско првенство поради повреди. Но, репрезентацијата мака мачи со нови повреди. Новиот капитен Бастијан Швајнштајгер ќе биде отсутен од денешниот натпревар поради повреда, болка во коленото има Жером Боатенг, а од мускулна повреда заздравува Матс Хумелс. Вчера попладне беше потврдено дека поради мускулна повреда отсутен ќе биде и Сами Кедира, а неизвесно е учеството на Месут Езил.
Последниот пат кога Германија претрпе пораз на домашен терен беше во пријателски натпревар против Аргентина. Тој се одигра во август 2012 година и заврши со 3:1.