Република Молдавија: Еден век поделеност
27 март 2018„Ние сме еден народ“ и „Долу границата на Прут“ - десетици илјади луѓе од Република Молдавија и од Романија во неделата во молдавскиот главен град Кишињев потсетија на обединувањето на двете земји пред еден век.
На 27. март 1918. година Националното собрание на Молдавската Демократска Република, наречена уште и Бесарабија, со големо мнозинство гласови донесе одлука за приклучување кон Романија. Сега сѐ поголем број унионисти од двете држави бараат повторно обединување.
Молдавија? Границата на Прут? За многумина Европејци овие имиња од источната граница на ЕУ сѐ уште звучат егзотично. Овој регион инаку имал променлива историја.
Повеќе:
Молдавија: протести против новиот „про-руски“ претседател
Молдавија: Ќе пропадне ли европскиот сон?
Молдавските напуштени деца: „Мајка ми ја немам видено две или три години“
Молдавија низ историјата
Денешна Република Молдавија стана независна држава во 1991. година, по распадот на Советскиот Сојуз. Во неа се зборува на романски јазик. Реката Прут ја дели Република Молдавија од Романија. Регионот од двете страни на реката, историски гледано, припаѓал на Кнежевството Молдавија, кое од 15. век било под турско, а потоа под руско влијание. Во 1812. година Отоманската Империја ѝ го отстапила источниот дел од Молдавија на Русија. Во втората половина од 19. век двете романски кнежевства (западно од Прут) и Валахија се обединиле во едно кнежевство, со што била создадена основата за Романското Кралство.
По Првата светска војна и распадот на Руското Царство, источниот дел се припоил кон „мајката“ Романија. Во 1940. година, во согласност со Пактот Сталин-Хитлер, Советскиот Сојуз го окупирал делот источно од Прут и ја создал Молдавската Советска Република, која егзистираше до 1991. година.
Собирот во неделата во Кишињев беше кулминација на редица манифестации за потсетување на настанот од пред 100 години. Од почетокот на годината, градоначалниците од преку 130 молдавски населени места потпишаа симболична декларација со барање за повторно обединување со Романија.
Молдавија на пресвртница
Народот во Република Молдавија е поделен. Прорускиот социјалистички претседател на државата Игор Додон е заколнат противник на обединување, исто како и на проевропскиот курс на владата. Имајќи ги во вид парламентарните избори наесен оваа година, Додон повеќепати се закани со своја заложба идниот парламент да го откаже Договорот за асоцијација со ЕУ, потпишан во 2014. година.
Без оглед на овој Договор за асоцијација со ЕУ, властодржците во Кишињев не можеа да обезбедат ниту политичка стабилност, ни долгопосакуваната благосостојба. Земјата бавно се извлекува од јамката на сиромаштија и корупција. Секој четврти од околу 3,5 милиони Молдавци работи во странство.
Покрај мнозинското население кое зборува романски јазик, во Молдавија постои значајно малцинство кое зборува руски јазик, претежно во отцепениот регион Транснистрија и малцинство кое зборува турски јазик, во автономниот регион Гагаузија. Овие малцинства посакуваат приближување кон Русија.
Во последните анкети на јавното мислење, околу една четвртина од вкупното население се изјаснило за повторно обединување со Романија. Ни во Романија приврзаниците на оваа идеја не биле побројни - околу 27 проценти. Но, и во двете земји во последниве месеци овој удел е зголемен. Еден од најсилните заговорници на процесот на обединување е поранешниот романски претседател Трајан Басеску. Тој беше најпроминентниот претставник на манифестацијата по повод годишнината во неделата во Кишињев. „Двете држави можат да го зачуваат своето достоинство само преку унификација“, извикуваше тој на плоштадот. Поранешниот градоначалник на молдавската престолнина, Дорин Хиртоака, направи споредба со Германија: „Треба да го урнеме ѕидот на Прут, исто онака како што беше урнат Берлинскиот ѕид.“
Обединувањето како шанса
За унионистите во Република Молдавија, соединувањето со Романија е единствена можност за преживување и за просперитет на луѓето во земјата. Но, ниеден актуелен владејачки политичар не сака отворено да се изјасни за оваа тема, како во Кишињев, исто така и во Букурешт. Приближување на двете држави преку пристап на Молдавија во ЕУ, гласи официјалната позиција на двете страни. Но, таа опција останува далечна иднина.
Сепак, на денешната годишнина, во романскиот парламент се одржува свечена седница. Висока по ранг делегација од Кишињев, на чело со претседателот на Парламентот на Молдавија, Андриан Канду, учествува на неа. Во двете земји истовремено ѕвонат црковните ѕвона.
Молдавскиот претседател Додон пак вклучува ѕвона за аларм: „Ја предупредив владата во Букурешт дека со овие акции расте ризикот Романија да стане непријател број еден за Република Молдавија и за Молдавците“. Што точно мисли со ова, останува негова тајна.