1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рестартирање на дијалогот Белград-Приштина

СН/агенции
6 јули 2020

По повеќе од година и половина Србија и Косово повторно влегуваат во дијалогот за нормализирање на меѓусебните односи, под покровителство на ЕУ. Неделава претстојат видео-самит и непосредни разговори во Брисел.

Bilkombo Fahnen Kosovo und Serbien

Премиерот на Косово, Авдула Хоти и претседателот на Србија, Александар Вучиќ ќе се сретнат во недела на 12 јули во Брисел, најави денеска портпаролот на Европската комисија, Петер Стано.

Стано рече дека тоа е продолжение на дијалогот на високо ниво со посредство на ЕУ и прв состанок од ноември 2018 година. Домаќин на состанокот е високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел, а посредник во преговорите е специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања за Западен Балкан, Мирoслaв Лајчак.

На состанокот, додаде Стано, ќе биде обновена расправата и ќе се работи на поттикнување на сеопфатен и правно обврзувачки договор за нормализирање на односите меѓу Србија и Косово по сите отворени прашања.

Продолжувањето на дијалогот е закажано два дена по видео самитот на 10 јули, чии домаќини се францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел.

Повеќе:

-Дијалогот во Брисел продолжува – Тачи таму не е неопходен

-Историјата на Косово не смее да се врзува за поединци!

-Мас до Белград и Приштина: Ако сакате во ЕУ, ќе преговарате со ЕУ

Француското претседателство претходно денеска соопшти дека видео-самитот за односите меѓу Србија и Косово ќе се одржи во петок, под покровителство на Франција, Германија и ЕУ со цел „повторно да се започне дијалог меѓу двете страни и да се олесни решавањето на разликите“.

На самитот треба да учествуваат претседателот на Франција Емануел Макрон, германската канцеларка Ангела Меркел, претседателот на Србија Александар Вучиќ, премиерот на Косово Авдула Хоти, високиот претставник за надворешни работи на ЕУ Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак.

Одговарајќи на прашањата на новинарите Петер Стано рече дека не е случајно тоа што дијалогот меѓу двете земји се обновува два дена по француско-германскиот видео-самит, туку оти е тоа „логично продолжување на настаните“.

„Сѐ што правиме како ЕУ и како земји членки се прави со заедничка цел да се започне дијалог. Не е коинциденција што дијалогот се продолжува во недела, по виртуелниот состанок со лидерите на Франција, Германија и ЕУ“, изјави Стано.

Тој додаде дека во прашање се „комплементарни случувања, дел од процесот кој покажува поддршка од ЕУ и нејзина желба да се олесни овој процес“.

     

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми