1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдумот во Венецуела не промени ништо

Еван Ромеро
18 јули 2017

И покрај големата излезност и јасниот исход од референдумот, опозицијата во Венецуела останува длабоко поделена. Притоа, исходот од битката со режимот на Николас Мадуро останува неизвесна

Venezuela symbolisches Referendum Opposition
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Quintero

Никој деновиве не сака да биде во кожата на Николас Мадуро. Претседателот на Венецуела кој, во меѓувреме, со земјата владее како диктатор, не само што е отфрлен од својот народ, туку сѐ повеќе и меѓу своите приврзеници. Тоа не е ни чудно за една земја во која веќе нема ништо ни да се купи. Па така, неговите наредби неволно се следат, а од друга страна злосторствата на неговите потчинети автоматски му се припишуваат и нему.
Но, и пратениците на опозицијата се наоѓаат во слична каша. Во неделата, анти-чавистичкото мнозинство на опозицијата организираше симболичен референдум. Нивната цел е да го запрат одржувањето на гласањето за Уставното собрание кое владата го планира за 30 јули. Исходот од референдумот беше повеќе од јасен: повеќе од 88 проценти од излезените се изјаснија за задржување на Уставот од 1999 година. И со тоа против планот на Мадуро за нова изградба на државата, преку која сака да си обезбеди диктаторска моќ.

Една третина не е мнозинство

Опозицијата во Венецуела славеше затоа што нејзините приврзеници излегоа на гласање, не само во земјата туку и во странство. Само во Германија противниците на режимот организираа 16 избирачки места. Но, противниците на Мадуро се пред голем тест, затоа што и во самата опозиција постои поделеност околу идните чекори. Накусо: иако милиони излегоа на референдумот и јасно ја искажаа својата волја- мнозинството од граѓаните тоа не го сторија, туку само една третина од нив.
И како сега понатаму? Ќе ја продолжи ли опозицијата битката против режимот со своето парламентарно мнозинство, како што одлучија граѓаните на гласањето, или ќе се обидат да постигнат компромис со кампот на претседателот? Тоа нема да биде новина, затоа што веќе двапати големиот сојуз на опозициските партии (МУД) ги повикуваше своите приврзаници да ги запрат уличните протести за да се избегне крвопролевање. Првиот пат во 2013 година, и вториот пат- лани, протестите беа прекинати за да се седне на преговарачка маса со режимот.  Уште едно такво „разочарување“ може конечно да ги подели базата и раководството на опозицијата.

Поделена опозиција

И ослободувањето од затвор на Леополдо Лопез, најпознатиот политички затвореник во Венецуела, ги загрева шпекулациите дека ќе има преговори со владата. Битката за соборување на Мадуро веројатно нема да успее, дури и доколку опозициските лидери повторно повикаат на генерален штрајк. Многумина се скептични дека таквиот чекор може да донесе успех. Опозицијата е длабоко поделена: едни стравуваат дека уличните протести ќе попуштат, други дека евентуалните крвави судири со војската и полицијата ќе го направат невозможно мирното решение на кризата.
И покрај големата излезност и јасниот исход, референдумот од неделата не го претставуваше најавуваниот „нулта час“ за Венецуела- туку само најава на претстојните, одлучувачки настани.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми