1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдумот во литургија на Агатангел

7 септември 2018

Митрополитот Повардарски на заедничка молитва ќе бара духовна сила и разум за зачувување на името, идентитетот и јазикот. „Тоа е личен став. МПЦ-ОА нема да зазема страна во референдумот“, вели митрополитот Тимотеј

DW Griechenland - Transgesetz
Фотографија: DW/F. Schmitz

Една недела пред денот на одржување на референдумот, Митрополитот Повардарски Агатангел „ги покани верните чеда на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на света архиерејска литургија“ што ќе се одржи на 23-ти септември во 8 и 45 часот, каде сите заеднички ќе се помолат за зачувување на името, идентитетот и јазикот. 

„Заеднички ќе принесеме молитви кон Спасителот, Господ Исус Христос и кон заштитничката на македонскиот род, Мајката Божја Богородица, за да ни подарат духовна сила и разум за да го зачуваме нашето вековно македонско име, нашиот македонски идентитет и нашиот свет македонски јазик“, се вели во поканата од владиката Агатангел, објавена на веб-страницата на Повардарската епархија.

Повеќе: 

Говорот на омраза станува службен јазик

Партиска мантија

Не е првпат владиката Агатангел да ја користи Црквата за промовира политички ставови, по што во јавноста го заработи и епитетот „партиски владика“. Тој отворено ги поддржуваше и благословуваше протестите кои на крајот кулминираа со насилство на 27- ми април 2017 година, а мандатот на Иванов го прогласи за Божјо дело.

„Бог го избра да биде претседател. Бог знае сè што ќе се случи драги мои, и затоа Бог ни го даде да биде и во втор мандат, а ќе се молиме, ако е Божја волја, да остане и понатака, сѐ за нов мандат на Иванов“, повикуваше владиката.

По усвојувањето на Законот за употреба на јазиците, пратениците кои гласаа за Законот тој во свое обраќање ги нарече „предавници и терористи“ и порача дека народот „повеќе нема да ги смета за свои ополномоштени претставници“. Редовно ги коментираше и преговорите за  спорот за името и Договорот од Преспа.

„Имаме ние комити тука, наши Македонци, имаме браќа што цврсто ќе застанат на браникот на одбрана на нашата татковина Македонија и јас верувам дека тоа ќе се случи“, повикуваше Агатангел во февруари годинава.

Неговите обраќања редовно беа зачинети со говор кој мотивира поделби, а не со пораки за почит, разбирање и љубов меѓу луѓето, што би било соодветно за речник на висок претставник на МПЦ-ОА. Тој е еден од најупораните во инсистирањето „да се преброиме“, врзувајќи го степенот на човековите права со висината на етничките проценти.

Владиката Тимотеј: Политиката нека си ја тераат политичаритеФотографија: DW/M. Jovanoski

Секој да гласа по своја волја

Сега откако и референдумот ќе се најде во литургија, митрополитот дебарско-кичевски, Тимотеј, кој е и портпарол на Светиот Архиерејски Синод (САС) на МПЦ-ОА, запрашан за коментар на ваквата најава, вели: „Тој изнесува лични ставови и мислења. Тоа не е став на Синодот. Синдот ќе заседава во четврток, и ако има став за оваа најава - ќе бидете информирани“.  

Притоа, владиката Тимотеј потенцира дека „МПЦ-ОА нема да зазема страна во однос на референдумот“. На забелешката дека во однос на референдумот не постои „страна“, бидејќи не се гласа за партии, туку за натпартиско прашање, тој ги објаснува позициите.

„Тоа е точно. Но факт е македонското избирачко тело е генерално поделено на два табора и на нивниот однос кон референдумот. А ние во Црквата имаме верници кои се членови и на СДСМ, и на ВМРО-ДПМНЕ. Од тој аспект, генерален став е дека не треба да заземаме страна за гласање 'за' или 'против'. Референдумот е врвно демократско право кое треба да се искористи и секој по своја лична волја и убедување треба да се изјасни, но никако со бојкотирање“, вели владиката.

Потенцирајќи дека изјавата ја дава како „личен став“, а не од позиција на портпарол на САС, владиката Тимотеј одговара и на прашањето дали е работа на Црквата да организира литургии за политички прашања.

„Не, тоа не е работа на Црквата. Ние имаме доволно работа. Политиката нека си ја тераат политичарите. Ние треба да проповедаме мир, почит, разбирање, љубов и сите други вредности што христијанството ги негува“, порачува владиката.

Индивидуалните „излети“ на владиката Агатангел, се случуваат токму во време кога МПЦ-ОА е соочена со многу поважни прашања, но и со причини за задоволство. Како што е веќе познато, Архиерејскиот собор на Вселенската патријаршија на состанок одржан во Истанбул од 1 до 3 септември, донесе одлука да може да објавува автокефалност на црквите кои сакаат да добијат независност, и без согласност на останатите помесни православни цркви. Тоа практично значи дека Руската и Српската црква нема да можат да ја спречат независноста на Украинската и на Македонската православна црква -Охридска архиепископија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми