1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдумот помина, тензиите остануваат

26 септември 2016

Резултатот од референдумот во Република Српска не изненади никого. ДВ анализира дали ќе продолжат тензиите во БиХ.

BosnienReferendum Republika Srpska
Фотографија: DW/D. Maksimovic

Референдумот помина, но прашањето кое сега се поставува е: Дали завршувањето на референдумот ќе ги намали тензиите во Босна и Херцеговина или сепак ќе дојде до нивно продолжување? Драган Ѓукановиќ, заменик-претседател на Белградскиот центар за надворешна политика, за ДВ оценува дека сега ќе настане ситуација „во која нема да има ескалација на тензиите, но сигурно нема да дојде до смирување на состојбата“.

„Сега е најважно да не дојде до натамошно ескалирање. Што се однесува до реакциите по референдумот, пред сѐ, треба да се види каква ќе биде реакцијата на Високиот претставник, а потоа и на судот и обвинителството на БиХ. Но, сега сето тоа е во доменот на шпекулации, бидејќи постојат многу одлуки на Уставниот суд на БиХ кои не ги почитуваа ниту хрватската и бошњачката страна", потсетува Ѓукановиќ.

Реакцијата на Западот - избор на лоши опции

Меѓународната заедница на овој референдум доби шлаканица и сега ќе видиме каква ќе биде нивната реакција, оценува за Дојче Веле политикологот Душко Радосављевиќ. „Проблемот е што не знам што би била соодветна реакција на референдумот. Вие денес не можете да се преправате дека ништо не се случило и дека можеби во одреден момент во иднина, ова нема да биде искористено за некој нов референдум. Но, доколку покренете некои тешки санкции, тоа исто така може да предизвика нестабилна ситуација. Во секој случај, мислам дека треба да се следат барем некакви козметички санкции. Е, сега, дали козметичко казнување е да се бара смена на премиерката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, или можеби ќе се оди на промена на претседателот на Република Српска, Милорад Додик - тоа е веќе прашање на одлучност. Но како сега Високиот претставник да го казни Додик ако тој за своите потези има поддршка од Москва? Доколку го направите тоа, не можете да очекувате дека Бакир Изетбеговиќ ќе рече дека му е жал или триумфално ќе каже дека победила неговата политика. Потоа и во Мостар може да се појави некој лидер на Хрватите кој може да каже ‘Еве, видете што се прави во Босна, и ние би требало да направиме исто како РС'. Затоа мислам дека сега ниту еден потег не е доволно добар", смета Радосављевиќ.

Фотографија: DW/D. Maksimovic

Отворен референдумски механизам

Писателот Владимир Кецмановиќ за Дојче веле изјави дека „на меѓународната заедница, на некој начин, ѝ олесни фактот што самиот предмет на референдумот не е нешто од што зависи функционирањето на Република Српска, или на Босна и Херцеговина. Денес едноставно ништо нема да се случи поради резултатите од референдумот. Она што е донекаде незгодно за бошњачката страна и меѓународната заедница е тоа што овој референдум отвора еден механизам за референдумско одлучување за сериозни и незгодни прашања".

„Заканите за отцепување, нестабилната политичка ситуација, како и меѓусебните закани, станаа препознатлив симбол за Босна и Херцеговина. Босна и Херцеговина и онака е земја која не функционира и мислам дека едно од решенијата може да биде некоја меѓународната конференција за Босна и Херцеговина“, вели Душко Радосављевиќ. „Затоа што некое решение за функционирање на државата мора да се најде. Ми се чини дека никому на светот не му е во интерес БиХ понатаму да се расцепува. Но, одвреме-навреме се појавуваат некои сили или регионални играчи, кои подгреваат нечија надеж во Босна и потоа влегуваме во проблеми".

Драган Ѓукановиќ смета дека последнот референдум „е лакмусов тест на раководството на Република Српска за можни идни референдуми – пред сѐ за надлежностите кои во последните децении беа префрлени од ентитетите на државно ниво, а потоа можеби и за некој друг статус на РС. Но, со оглед на констелацијата на меѓународните односи, мислам дека тоа е невозможно“.

Кој е одговорен за референдумот?

Бакир ИзетбеговиќФотографија: picture-alliance/dpa/Jasmin Brutus

За тоа како меѓународната заедница не успеа да го спречи референдумот може да се чуе од реакциите кои следеа по истиот. Во тој контекст, се зборува и за апсење на претседателот Милорад Додик. Владимир Кецмановиќ смета дека нема да дојде до апсење. „Што се однесува до кривичните пријави, ова не е првпат на Додик да му се закануваат со пријави. Мислам дека во таа смисла може и нешто да се случи, но тоа нема да биде нешто жестоко и брзо ќе падне во заборав. Мислам дека е важно да се напомене дека овој референдум, како и оној за правосудството што не се одржа, беа реактивни и последица на притисокот од другата страна. Република Српска постојано повторува дека ќе го спроведува Дејтонскиот договор, а реагира кога се под закана правата загарантирани со Дејтонскиот договор“.

Белградските медиуми посветија доста внимание на изјавата на Бакир Изетбеговиќ, кој кажа дека „Милорад Додик ќе ја доживее судбината на Садам, Милошевиќ и Гадафи“. Владимир Кецмановиќ верува дека Бакир Изетбеговиќ „лично има најголема одговорност за одржување на овој референдум, бидејќи дебатата за укинување на датумот на празникот на Република Српска произлезе од него – и поради една симболична работа сега се отвори прашањето на изјаснување и за други работи. Поради тоа, очекувано е од негова страна да биде лут, но наместо на себе, тој се лути на другата страна и затоа сега дава непромислени и нереални изјави. Во однос на очекувањата на бошњачката страна од Западот, тие се нереални и ако ме прашате мене, овие нереални очекувања од Западот во голема мера и ја произведоа војната во Босна. Секогаш одново се покажува дека Западот не е пријател на бошњачката страна, но вешто манипулира со нив".

            

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми