1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Вовед во правна анархија“

Самир Хусеиновиќ / Е.М. Фиданоска18 јули 2015

Ентитетски референдум за државното правосудство нема основа во Уставот на БиХ, тврдат босански правни експерти. Тие нагласуваат дека одлуката на Собранието на Република Српска од пред неколку дена е „правно ирелевантна“.

Фотографија: DW/S. Huseinovic

Според оценката на експертите, референдумот за правосудството во Босна и Херцеговина којшто го распиша Народното Собрание на Република Српска (НСРС) би можел да биде „вовед во правна анархија“. Таков референдум не е во согласност со Уставот на БиХ, ниту пак е логичен, вели за ДВ поранешниот судија и обвинител Вехид Шехиќ. „Логично е, кога се работи за прашања кои се однесуваат на државните институции одлуките за референдум не може да ги носат ентитетските парламенти, зашто тогаш ќе влеземе во период на апсолутна анархија“, вели Шехиќ.

„По истиот принцип, утре во федерацијата БиХ би можел да биде распишан на пример референдум со прашање: дали сте за тоа да се формира ново министерство на ниво на државата? Според мојата логика, такви референдуми не може да се распишуваат и немаат правно дејство“, појаснува Шехиќ.

Одделни правни експерти од Република Српска меѓутоа веруваат дека постои уставна и законска втемеленост за одржување на референдум, дека најавениот референдум не претставува атак на дејтонските решенија и дека нема да го загрози интегритетот и суверенитетот на БиХ. На државниот суд (на насловната фотографија) и на обвинителството им се оспорува објективноста, а забелешките главно се однесуваат на бројот на процесуирани предмети за воени злосторства извршени врз Србите во БиХ.

Политички притисок врз правосудството

Но, Вехид Шехиќ смета дека не треба да се распишува референдум за да се утврди дали граѓаните се задоволни со работата на судот и обвинителството на БиХ: „За работата на судот и обвинителството треба да се расправа во Парламентот на БиХ, со институцијата која е должна да ја контролира нивната работа, а тоа е Високиот судски и обвинителски совет, и на тој начин да се види во што е проблемот и зошто граѓаните се незадоволни“, истакнува Шехиќ. Според него, во овој случај се работи за „замена на тези“ и за „политички притисок врз правосудството“.

Судовите и обвинителствата извршуваат работи од со закон пропишаните надлежности, без оглед на тоа дали граѓаните тоа го сакаат или не, нагласува Сеизовиќ за ДВФотографија: Sud BiH

„Одлуката на НСРС, освен што внесува дополнителни политички тензии во и онака зоврниената политичко-безбедносна актуелност во БиХ, правно е сосема ирелевантна, со оглед на тоа што судовите и обвинителствата извршуваат работи од со закон пропишаните надлежности, без оглед на тоа дали граѓаните тоа го сакаат или не“, објаснува за ДВ д-р Зарије Сеизовиќ, професор по меѓународно право на Факултетот за политички науки во Сараево.

Како да се најде решение за проблемот, а притоа да се избегне запалливата реторика која во последните денови ги полни медиумските извештаи во БиХ и во регионот?

„Треба да се седне на маса и отворено да се разговара. Политиката треба да ја афирмира културата на дијалог и компромис. Ниедна страна овде не гради БиХ според мерка на граѓаните, туку по сопствена мерка и политички е лицемерно да се обвинува другиот без притоа да се согледаат сопствените пропусти. Можеби е време да се соочиме со сопствената реалност, да бидеме објективни и самокритични. Можеби е ова време на морално, политичко прочистување на БиХ“, заклучува Шехиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми