1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Референдум за независност

9 јануари 2011

Денеска (09.01.) во јужен Судан почна референдум за осамостојување на тој дел од земјата. Меѓународната заедница со голем интерес го следи референдумот во африканската држава и се залага за воспоставување долготраен мир.

Западните земји се залагаат за постигнување политичка стабилност во СуданФотографија: AP

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле деновиве повтори дека референдумот е од големо значење за иднината на Судан. Без разлика каков ќе биде исходот од референдумот, владата од северниот дел ќе мора да го прифати. Германија и понатаму ќе се залага за долгорочна стабилизација на политичката ситуација во оваа африканска земја. За долгорочен мир во Судан се залагаат и владите во Вашингтон, Лондон и Париз.

Но, Волфрам Лахер од Фондацијата за наука и политика објаснува:

„Интересот на меѓународната заедница за Судан во изминативе години беше непостојан, а од пред една година тие повторно се интересираат за мировниот процес помеѓу северот и југот на земјата.“

Тесна соработка на САД со владата во Картум

Граѓаните на Јужен Судан во недела (09.01) ќе гласаат за отцепувањеФотографија: picture alliance/dpa

Магазинот „Африка конфиденшал“, во октомври минатата година, објави дека Судан е трет на листата приоритети во надворешната политика на САД, веднаш по Ирак и Авганистан. Вашингтон имаше повеќе специјални претставници во суданскиот главен град Картум, како и на југот од земјата.

Експертот Петер Шуман, поранешниот координатор на мисијата на ОН во јужен Судан (УНМИС), смета дека западните држави имаат мало влијание врз развојот на земјата:

„Владата во Картум мајсторски манипулира со различните интереси на другите држави. На пример САД имаа тесна соработка со тамошната влада во борбата против тероризмот. Поради тоа не доаѓа во предвид промена на владата.“

Судан се наоѓа на листата на држави, кои го поддржуваат меѓународниот тероризам, но САД му прогледуваат низ прсти на тамошниот режим, поради одржување на досегашната неформална соработка, сметаат експертите. Така Вашингтон веќе најави укинување на економските санкции за Судан.

Неопходна е поддршка од меѓународната заедница

Меѓународната заедница стравува од ескалација на немирите во СуданФотографија: AP

Дипломатот Шуман смета дека е потребен поголем ангажман на Западот во самата земја:

„Важно е меѓународните сили да бидат присутни на целата територија, не само во главните градови, како на пример мисијата на ОН и претставниците на меѓународната цивилна заедница.“

Но, и покрај изразената солидарност со народот во Судан, ОН и САД, како и земјите на ЕУ, немаат помошен план во случај да дојде до ескалација на насилството. Мисијата на ОН во моментов е застапена со 10.000 војници во граничниот регион помеѓу северот и југот, а во таков случај ќе бидат потребни поголеми трупи.

Автор: Даниел Пелц / Патрик Брукс/ Јасна Мушиќ Јанчулева

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми