1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Саудиска Арабија : Непредвидливиот реформатор

Керстен Книп
7 ноември 2017

Саудискиот престолонаследник Бин Салман нареди апсење на членови на кралското семејство - поради корупција. Дали тој навистина сака да ја реформира земјата или постојат други мотиви?

Mohammed bin Salman
Фотографија: picture-alliance/abaca/Bakis Press

Во Кралството Саудиска Арабија не оди сѐ според планот: поради падот на цената на нафтата економијата е разнишана, војната во Јемен е чиста катастрофа, блокадата на Катар не носи речиси ништо, а крвниот непријател Иран засилено го шири своето влијание.

Кога сегашноста нуди малку опции, решенија се бараат во иднината.  За една до две децении Саудиска Арабија би требало да заблеска.  Новата мега-метропола со име Неом би требало да стане светски центар на висока технологија и на банкарство. Со планови за обнова на земјата, младиот престолонаследник Мохамед бин Салман, син на кралот Бин Салман, може да смета на поддршка од населението.

Поддршката доаѓа првенствено од младите, вели Себастијан Сонс, експерт за Блиски Исток од Германското друштво за надворешна политика во Берлин. „Со своите 30-тина години, тој е претставник на младата генерација. Говори јасно и е самокритичен. Со своите амбициозни планови поттикнува оптимизам и општествена динамика. Луѓето се спремни на придвижување и унапредување на својата земја.“

Прослава во 1999 година по повод 100-годишнината од саудиската династијаФотографија: picture-alliance/dpa

Почеток на нова фаза?

Во текот на викендот, Мохамед бин Салман нареди апсење на повеќе членови на кралската куќа под обвинение за корупција. Храбар потег, кој весникот „Ал Ријад“ го слави како „решавачки чекор во рамките на економската и општествената модернизација на земјата.“ Саудиска Арабија, според оценката на весникот, е на почеток на нова фаза. „Станува збор за принципи на сериозна работа, за правда и еднакви права за сите граѓани. Веќе не би требало да постојат разлики меѓу членовите на кралското семејство и останатите граѓани.“

На крајот на краиштата, станува збор за надминување на зависноста на земјата од нафтата и создавање нова економија, базирана врз иновации и креативност. „Таму би немало место за корупција и непотизам. Со својот потег принцот покажа дека никој не е над законот“, пишува весникот.

Отворено прашање за наследник

Меѓутоа, прашање е дали на Мохамед бин Салман првенствена грижа му е борбата против корупцијата. Иако по смртта на својот татко, тој има најголеми шанси да стане крал, можеби за секој случај сака да ги елиминира можните конкуренти.

„Не постојат гаранции дека прашањето за наследник ќе помине мазно“, оценува интернет-магазинот „Ал Монитор“. „Овие апсења покажуваат дека дебатата за наследник е потешка отколку што кралот и неговиот син вистински би сакале. Кралот е сега одговорен за кампањата против корупцијата, која меѓутоа изгледа како желба за казнување на своите непријатели.“

Таа стратегија во себе крие и ризици, вели експертот за Саудиска Арабија, Самех Рашед од каирскиот Центар за политички стратешки студии „Ал Ахрам“. Постои голема веројатност од здружување на делови на кралската куќа за да му наштетат на престолонаследникот. „За тоа немаат толку големи можности како порано. Сепак, саудиската внатрешна политика е полна изненадувања“.

Неом - престижен проект на Саудиска АрабијаФотографија: NEOM

Либерални реформи - малку веројатни

Политички реформи, во смисла на големи слободи, со Мохамед бин Салман се малку веројатни, вели Рашед за Дојче веле. Наместо тоа, Бин Салман се обидува да ги искористи надворешнополитичките проблеми со кои се соочува земјата. Така, нагласува дека опасноста доаѓа од крвниот непријател на Кралството - Иран, за да изврши обединување и мобилизација на општеството и да го придобие на своја страна. „Во внатрешната политика настапува со цврста рака и против верски групи како што се шиитите во источниот дел од Саудиска Арабија.“ Истовремено, се позиционира и против верски лица поврзани со кралската куќа,  кои тешко ќе можат да го задржат својот привилегиран статус. Намерата му е да отвори пат кон престолот, отстранувајќи ги притоа мините. Во тој контекст, може да се очекува да продолжи со иста пракса.

На Саудиска Арабија ѝ треба нов имиџ

Тешко е замисливо дека Мохамед бин Салман има сериозни намери во поглед на реформите. Притоа, Кралството мора да се реформира и модернизира, нагласува за ДВ Себастијан Сонс. „Потребно е привлекување инвеститори од странство и атрактивизирање на бизнисот во Саудиска Арабија.“ Но, тоа е можно само со промена на имиџот. „Затоа принцот мора да се претстави себе си како реформатор во областа на економијата, но и во културата и религијата - така што на светот ќе му испрати порака: 'Погледнете, не сме толку изолирани како што сите вие мислите'“.

Престолонаследникот го разбранува Кралството, младите го поддржуваат. Изгледа дека за нив секоја промена е подобра отколку статус кво.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми