1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реформскиот булдожер не смее да биде во лер

22 ноември 2017

На Владата ѝ е ставено на знаење дека нема време за развлекување на реформските процеси, од кои зависи дали ЕУ ќе ѝ даде на Македонија неусловена препорака за почеток на преговори со ЕУ.

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Амбициозно на хартија, но бавно и сѐ уште далеку од имплементација. Вакви се забелешките на дипломатски извори за темпото на предвидените реформски процеси во Македонија. Впрочем, овие забелешки и не се различни одоценката што ја даде еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан,  пред заминување од дводневната посета на Скопје.

„Состојбата е на добар пат, но мора да биде завршена домашната работа. Конкретни резултати, а не само изјави“, порача Хан. 

На што се однесуваат главните забелешки на дипломатите? 

Видливи се две брзини со кои се движат процесите.  Брзината и вниманието посветени на надворешно-политичките прашања засега се видливо поголеми од оние посветени на внатрешните. Бидејќи дел од тие прашања се и меѓусебно поврзани, добро е тоа темпо да биде изедначено на двата плана“, велат дипломати.

Сепак, нивните најголеми забелешки се однесуваат на бавното темпо на реформи во судството и во безбедносните служби. Особено што „дијагнозата“ на состојбите одамна е позната, а „терапијата“ се уште не е дадена, освен на хартија.

„Главните недостатоци уште пред две години беа утврдени во Извештајот на групата на Прибе. Не велиме дека не се работи на нивно надминувања, но впечатокот е дека тој процес оди бавно. Сѐ додека отворените прашања не бидат затворени со конкректни, спроведени решенија, ќе има еден процеп, еден вакуум, во кој сѐ уште ќе останат 'во сила' старите недостатоци, a тоа може да ја доведе во прашање и вербата во промени и брзина на нивната спроведливост“, коментираат нашите соговорници.

Слични забелешки стигнаа уште во вториот Извештај на Прибе во средината на септември годинава. 

„Грешките од минатото не треба да се повторуваат и една форма нa киднапирана држава не смее да се замени со друга. Некои активности кои треба да се спроведат во многу блиска иднина неизбежно ќе бидат тест-случаи во овој поглед“, беше потенцирано во Извештајот.

Конкретни резултати, а не само изјави, порача ХанФотографија: DW/A. Feilcke

Први резултати до Нова година

Два месеца подоцна,  на Владата ѝ е ставено на знаење дека нема време за развлекување на реформските процеси,  од кои зависи дали ЕУ ќе ѝ даде на Македонија неусловена препорака за почеток на преговори со ЕУ. Брисел очекува до Нова година да се спроведат реформите во судството, безбедносните служби и јавната администрација. Во сферата на судството треба да биде усвоен предлог-законот за укинување на Советот за утврдување на факти, предлог - законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, да се усвои  Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022 со Акциски план, а таа стратегија да биде резултат на дебата и вклучување на забелешките на опозицијата. Исто така, се очекува да биде објавен Извештајот од увидот во функционирањето на системот за електронска распределба на судски предмети -АКМИС, со соодветни препораки за елиминирање на какви било можности за натамошни манипулации со него.

Токму тој извештај е вистинска илустрација за бавноста на отчетот. Увидот врз употребата на АКМИС-системот го спроведе Комисија од Министерството за правда. Прв на „систематски преглед“ во почетокот на октомври беше Кривичниот суд, а по него следеа Апелациониот, и овој месец - Врховниот суд. Претседателот на Комисијата уште во октомври „за една недела“ го најави објавувањето на извештајот од увидот во Кривичниот суд , но Министерството за правда до денес сѐ уште го нема презентирано. Во јавноста беа дадени само неофицијални оценки дека таму имало злоупотреба на системот, исто така и во Врховниот суд, а злоупотреби не биле евидентирани единствено во Апелациониот. Во случајов, станува збор за важен извештај ако се има предвид дека од неговите наоди треба да почне дел од расплетот во судството, доколку се најдени докази за злоупотреби на АКМИС-от, но и други.

„Таму каде што има докази дека одредени судии несовесно работеле, треба да има одговорност. На сите разрешени судии за докажано несоодветно постапување треба да им се забрани практикување на право, на било кое ниво“, беше потенцирано во вториот Извештај на Прибе.

Грешките од минатото не треба да се повторуваат и една форма нa киднапирана држава не смее да се замени со друга, порача Рајнхард ПрибеФотографија: picture alliance/AP Photo/S. Ilic

Малку време, многу обврски

До 31 декември не останува многу време, а покрај законските проекти во судството, треба да биде подготвен и законот за новиот техничко-оперативен центар кој треба да го регулира/лимитира пристапот на УБК во следењето на комуникациите, како и реформи во разузнавачките и безбедносните служби. Очекувања има и од реформата на јавната администрација, во која приоритет треба да биде нејзиното департизирање и професионализирање. 

Вицепремиерот Бујар Османи, кој заедно со министрите за внатрешни работи, за правда и за информатичко општество пред еврокмесарот Хан реферираа за реформскиот План 3-6-9, рече дека „по неговата имплементација, целта е истиот да не продолжи во нов дел 12, туку со одлука за отпочнување преговори“.

И во дипломатски кругови се надеваат на таков исход, но врз основа на резултати, а не на најави. Или во „превод“ - прво скокни, па речи оп! 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми