1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рецептот за Иванов се тестира и за Силјановска

29 јануари 2019

Јавни личности мотивираат натпартиски кандидат, кој ќе биде поддржан и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Пред десет години на истиот начин беше промовиран и Иванов, потсетуваат од партијата.

Universitätscampus Skopje
27 професори преку писмо јавно ја повикаа професорката Гордана Силјановска - Давкова да размисли за можноста да се појави како кандидат на претстојните избориФотографија: DW/P. Stojanovski

„Сѐ тече, ништо не се менува“. Вака поранешен функционер на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, го коментира јавниот повик за обединување околу еден натпартиски кандидат што би го поддржала нивната партија. Тоа вчера го побараа 27 професори од високобразовни институции во Македонија, кои преку писмо јавно ја повикаа професорката на Правниот факултет на УКИМ, Гордана Силјановска - Давкова, да размисли за можноста да се појави како кандидат на претстојните избори. 

​Професорката Гордана Силјановска - Давкова сака да размисли​Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Истиот принцип беше промоворан пред десет години, кога тогашниот професор Ѓорге Иванов, како 'натпартиски' кандидат го поддржаа професори, лекари, јавни личности.., но знаеме дека сето тоа беше иницирано токму во партијата. Лично, ја почитувам посочената професорка, но најмногу од сѐ почитувам фер-натпревар. Ако има натпревар, нека биде вистински и фер-натпревар, без впечаток дека се спроведуваат стари финти за однапред договорени кандидати“, вели тој.  

Сомнеж во делегатите

Силјановска вчера изјави дека силно ја допрел повикот, но мора да размисли дали ќе се вклучи во претседателската трка, иако досега не се гледала себеси на оваа позиција. Рокот за кандидирање во опозициската ВМРО-ДПМНЕ завршува на 31-ви јануари. Таму досега се пристигнати две кандидатури - од пратеникот Владимир Ѓорчев и од партиски член непознат за пошироката јавност.

Партискиот лидер Христијан Мицкоски запрашан во дебата на МТВ - на кој кандидат ќе му даде поддршка, одговори дека ќе го поддржи кандидатот што ќе ја добие довербата на делегатите на партиската Конвенција. А партиски извори токму таму ја лоцираат и најголемата доверба. Како што веќе изјавија за ДВ, најголемиот дел од 550-те делегати се лица директно и индиректно избрани од Мицкоски. Само во третата и најмала категорија спаѓаат педесетина лица кои не се избрани од Мицкоски: тоа се четири градоначалници, пет претседатели на општински Совети и пратениците.

Владимир Ѓорчев е еден од кандидатите за претседателФотографија: DW/P.Stojanovski

И додека членови на ВМРО-ДПМНЕ стравуваат од наместено гласање на Конвенцијата, Мицкоски обвини дека власта сака да ги украде изборите. Тоа е и главната причина зошто бара и парламентарни избори, бидејќи само во таков случај, според законот, мора да има техничка влада, односно министер за внатрешни работи на предлог на опозицијата, со што опозицијата би  имала контрола врз изборниот процес.

СДСМ експресно реагираше на ваквите обвинувања:

„Граѓаните гледаат класично алиби-интервју на Христијан Мицкоски за изборниот пораз што го чека. Во паника од успехот на Владата предводена од СДСМ, од влезот на Македонија во НАТО и интеграцијата во ЕУ, Мицкоски бара алиби за изборниот пораз во измислени, нереални и непостоечки причини. Изборните манипулации и измами се симбол само за ВМРО-ДПМНЕ, за што има отворено случаи кои се водат пред надлежните судски институции. Тоа време на злоупотреба на гласот на граѓаните заврши со заминување на ВМРО-ДПМНЕ во опозиција“, одговорија од СДСМ.

Повеќе: 

Колкумина од ВМРО-ДПМНЕ би гласале за распуштање на Собранието?

Избор без избор: Кому му служат делегатите на ВМРО-ДПМНЕ?

СДСМ остава граѓаните да номинираат претседателски кандидат

Партиска поддршка за натпартиски кандидат

Во фер избори се сомневаат и поддржувачите за кандидатура на Силјановска.

„Ова не е време за нормален политички натпревар, особено поради основаните сомнежи дека власта не е подготвена да организира фер и чесни избори. Затоа, како единствена рационална алтернатива се наметнува обединувањето зад кандидат кој со сиот свој животен и академски хабитус, морал и интегритет, се издигнал над ситните меѓупартиски и меѓуетнички ривалитети (...) Се надеваме овој апел ќе стаса и до најголемата опозициска партија во Собранието, со цел да создаде поширока општествена синергија и да застане зад нашиот предлог. Во овој момент ни е потребен претседател кој нема да спроведува нечија партиска политика, туку ќе биде гласот на разумот, правото, Уставот и совест на граѓаните“, порачуваат потписниците на писмото.

Пред десет години на ист начин беше промовиран и Иванов, потсетуваат од ВМРО-ДПМНЕФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

ДВ разговараше со некои од нив. Тие немаат одговор зошто се бара поддршка од опозицијата, ако се форсира натпартиски кандидат кој, како што се вели во писмото, не треба да спроведува нечија партиска политика.

„Не знам. Можеби затоа што е доцна за собирање потписи. Мене ме прашаа дали ќе дадам поддршка и се согласив, бидејќи исклучително многу ја ценам и почитувам професорката“, вели соговорникот.

На прашањето - од каде сомнежите дека власта не е подготвена да организира фер и чесни избори, нашите соговорници велат дека тие произлегуваат од гласањето на референдумот на некои избирачки места.

Во јавноста засега се поделени ставовите околу предлогот на професорите. Има и поддршка, и критики, но најчесто доминира споредбата со Иванов: „И него ни го продаваа како натпартиски, а се покажа како најтврд партиски апаратчик“. Други алудираат на „минатиот партиски труд на натпартиската Силјановска“, а критики се упатени и до потписниците на писмото, со забелешки дека тоа е истата група професори која го критикувала Договорот од Преспа и дека служи како „заднински погон на опозициската партија“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми